Џафери закажа седница за избор на претседател на Собранието

724

Претседавачот на Собранието, Талат Џафери, за утре им даде насоки на собраниските служби да подготват продолжение на конститутивната седница и избор на претседател на Собранието.

Тоа што претседателот Стево Пендаровски утре ќе го додели мандатот на Зоран Заев за да формира Влада, значи дека лидерот на СДСМ има мнозинство, вели Џафери.

– Пендаровски ќе му го додели мандатот на Заев, што според Уставот значи дека Заев има мнозинство и дека е подготвен за избор на претседател на Собранието, со што ќе заврши и официјално конститутивната седница и Собранието ќе биде конституирано. Затоа, им дадов насоки на собраниските служби за утре да подготват продолжение на конститутивната седница – изјави Џафери за ТВ 24.

За ова Џафери веќе ги информирал и координаторите на партиите во Парламентот.