Ќе нѐ фати ли дождот пак неподготвени?

152
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Судот не ги казнува општините, па тие поминуваат само со опомена, или констатира дека не се виновни. Ние тука сме немоќни и затоа сметаме дека треба да се донесат законски измени градоначалникот и претседателот на Советот да сносат лична одговорност. Надзор над работата на општините врши Министерството за животна средина, кое прави записници, но по нив никој не постапува. Општините воопшто не покажуваат грижа за животната средина и не донесуваат оперативни планови за заштита и одбрана од поплави, велат од Државниот инспекторат за животна средина

Инспекторите го вперија прстот кон општините

Ако изминатиот период врнежите од дожд беа причина за излевање на реки, тогаш веројатно двојно поголема причина се сметиштата, дивите депонии што несовесните граѓани ги оставаат покрај реките, како и ѓубрето што во нив го фрлаат. Најавите дека наредните денови нѐ очекува нов бран врнежи одново го актуализира и прашањето за потребата од оперативни планови за заштита и одбрана од поплави. Од Државниот инспекторат за животна средина тврдат дека општините се неодговорни кон животната средина и не се грижат за неа. Велат дека уште понеодговорни се затоа што не донесуваат оперативни планови за заштита и одбрана од поплави, не издвојуваат буџет за овие планови и потоа кога ќе се случат поплави бараат помош од државата. Додаваат дека најтрагично е тоа што неодговорното однесување поминува неказнето.
– Кога отидовме во општините да направиме записници дали изготвиле оперативен план за заштита и одбрана од поплави нѐ гледаат со потсмев, како да се градоначалниците недопирливи. Им доставуваме решенија и ниту еден градоначалник не се согласил да постапи по тоа решение. Се прашуваме, знаат ли воопшто кои им се критични точки на излевање на водите, а наместо тоа, тие излегуваат на терен кога ќе се случат излевањата и настапуваат популистички.

Не треба механизацијата да ја праќаат кога водите ќе надојдат, бидејќи ќе ја однесат и неа, туку да се дејствува кога е суша, тогаш се чисти, а не сега. Казните во согласност со закон за води за немање оперативен план за заштита од поплави се многу мали, а тоа е глоба 6.000 евра во денарска противвредност со порамнување е три илјади евра што е многу мала во споредба со казната од природата, која знае со својата енергија и сила да го казни човечкото невнимание. За жал, реките се претворија во сметиште каде што отпадот од несовесните граѓани завршува во реките. Судот не ги казнува општините, па тие поминуваат само со опомена, или констатира дека не се виновни. Ние тука сме немоќни и затоа сметаме дека треба да се донесат законски измени градоначалникот и претседателот на Советот да сносат лична одговорност. Надзор над работата на општините врши Министерството за животна средина, прави записници и по нив никој не постапува. Општините воопшто не покажуваат грижа за животната средина, инспекторите за животна средина им се проформа и, за жал, тоа е приказната – објаснуваат од Државниот инспекторат за животна средина.
Притоа додаваат дека во согласност со Законот за води и надлежноста на водостопански инспектор, општините (речиси 80 отсто од сите општини) од страна на водостопански инспектор се задолжени да изработат програма за заштита од штетно дејство на водите во согласност со членот 124 од Законот за води, да донесат оперативен план за заштита и одбрана од поплави во согласност со членот 126 од Законот за води. Во урбаното подрачје, Општината е должна да го чисти и уредува речното корито, како и да ги чисти каналите што служат за одводнување и одведување на атмосферските, како и на високи подземни води.

Лошите искуства од поплавување со човечки жртви од пред неколку години ги имаше скопската Општина Гази Баба, која поради тоа веројатно треба да биде најподготвена да одговори на ова прашање.
– Општина Гази Баба има донесено оперативен план за заштита и одбрана од поплави за оваа 2021 година, а од буџетот издвоивме три милиони и шестотини илјади денари. Користиме наша механизација и по потреба го ангажираме „Водостопанство АД Скопје“. Во рамките на оперативниот план изготвивме и стратегиски план за каналот на северната обиколница во должина од 3,5 километри од населеното место Црешево до селата Брњарци и Арачиново. Пред само три месеци ги чистевме каналите во Јурумлери, Сингелиќ и Црешево. Секоја година издвојуваме од 3,5 до 4 милиони денари за чистење на сите канали и суводолици. Исто така речните корита на суводолиците ги уредивме, правејќи каскади што ќе го оневозможат излевањето на надојдени води. Во рамките на планот пошумувавме и повторно ќе пошумуваме – вели Борче Георгиевски, градоначалникот на скопската Општина Гази Баба.

Од Општина Битола, која деновиве беше засегната од поплавувањето од реката Драгор, тврдат дека на Советот имаат донесено оперативен план за сите елементарни непогоди, во кој е вклучен и планот за поплави.
И од Министерството за животна средина потврдуваат дека во согласност со одредбите од Законот за водите за заштита и одбрана од поплави и за заштита од друго штетно дејство на водите во урбаните подрачја надлежни се општините, додека правните лица што управуваат со водостопанствата се надлежни за заштита и одбрана од поплави и за заштита од друго штетно дејство на водите во подрачјето на нивното дејствување, вклучувајќи и уредување и одржување на коритата и каналите во нивното подрачје. Во Програма за управување со отпад за 2021 година за чистење диви депонии во согласност со регионалните планови за управување со отпад, МЖСПП од буџетот одвои средства во висина од 51.716.000 денари.