Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Повеќе од шест месеци нема никакви официјални информации до каде е иницијативата на Вселенската патријаршија за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, иако според неофицијални информации, неформалните заемни контакти сѐ уште постојат. Црковната јавност во земјава е во дилема дали сите овие удари што ги доживува Вселенската патријаршија можат да предизвикаат нејзино повлекување или, пак, можеби отстапување на подолг рок од идејата за решавање на македонската автокефалност? Или, пак, сево ова е само моментална состојба, која по стабилизирањето на ситуацијата ќе продолжи да се развива во, за нас, посакуван правец?

Во агендата на Вселенската патријаршија е автокефалноста на МПЦ

Покрај корона-кризата, која ја ограничи можноста за директна комуникација, дали најновите состојби со кои се соочува Вселенската патријаршија во Турција земајќи го предвид фактот што неодамна црквата „Света Софија“ во Истанбул беше пренаменета во џамија (и индиректната поддршка што црковна Москва ѝ ја дава на официјална Анкара), може да биде нова причина за одолжување на најавените разговори за решавање на македонското црковно прашање.
Повеќе од шест месеци нема никакви официјални информации до каде е иницијативата на Вселенската патријаршија за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, иако според неофицијални информации, неформални контакти сѐ уште постојат.
Црковната јавност во земјава е во дилема дали сите овие удари што ги доживува Вселенската патријаршија можат да значат таа трајно или на подолг рок да се повлече од идејата за решавање на македонската автокефалност или, пак, сето ова е само моментална состојба, која по стабилизирањето на ситуацијата ќе продолжи да се развива во посакуван правец.

Дополнително се отвора прашањето дали владиците на МПЦ треба да ги зајакнат своите контакти со Вселенската патријаршија и да ги интензивираат разговорите и да притискаат за поскоро решение или, пак, да останат пасивни и да чекаат иницијативата да ја води самата патријаршија, во моментот кога таа ќе оцени дека е најполезно ова прашање за решавање.
Владиката Тимотеј, одговорен за Дебарско-кичевската епархија, наедно и портпарол на МПЦ, вели дека сега сме во статус кво ситуација, нема никакви официјални разговори или преговори со Вселенската патријаршија.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека иако сега ова прашање не е актуализирано, многу брзо наскоро ќе дојде извесно.

– Прашањето на МПЦ-ОА не е најургентен проблем што сега треба да го решава Вселенската патријаршија. Во ситуација во која патријаршијата е отворено нападната од турскиот претседател Ердоган, кој ги претвора некогашните цркви и музеи во џамии, во ситуација кога постои очигледен сојуз меѓу Ердоган и Русија и Руската црква и со кој тој им дозволува на руските свештеници да држат служби на канонската територија на патријаршијата, јасно е дека ВП води тешка битка за своето опстојување. Јасна е стратегијата таа да се маргинализира од Руската црква и да се бара ново седиште на православието, новиот „трет Рим“. Од друга страна, Српската црква во случајот на Црна Гора покажа како може да влијае на промена на ориентациите на државите преку нејзината поддршка на просрпски и проруски сили во таа држава. И таму се чека на расплетот на ситуацијата, но ова е јасно предупредување за евроатлантските сили со каква црква се има работа и која ѝ е стратегијата. Сега сме во фаза на „вриење“ по кое многу брзо ќе се знае што Вселенската патријаршија, но и други православни цркви ќе треба да прават. Во тој контекст, сигурно ќе се најде и темата за МПЦ и нејзиниот статус и мислам дека ќе се случи позитивен расплет за нас – посочува Ѓорѓевски.

Последна црква во православието што доби томос за автокефалност беше Православната црква во Украина минатата година. Досега неа ја признаа Александриската патријаршија и Грчката православна црква.
Покрај МПЦ-ОА, друга црковна структура што се надева на признавање на автокефалноста е Црногорската православна црква, но нејзината организираност ни оддалеку не може да се спореди со МПЦ.
МПЦ има став од кој нема да отстапи, а тоа е дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА.

Автокефална МПЦ во православието значи отворено канонско признание за посебноста на македонскиот народ и држава. Тоа е печат што омеѓува една територија, која, според каноните на црквата, е автокефална затоа што е самостојно државно уредена и водена од владици произлезени од овој посебен народ.

[email protected]