Ќе дишеме ли зимава почист воздух?

102
Фото: Игор Бансколиев

Од ресорното министерство повторно, како и минатата година, нагласуваат дека проблемот со воздухот не се решава прекуноќ и дека досега значително е направено на тој план. Изработена е програма за намалување на загадувањето на воздухот, како и план за чист воздух, со што велат дека се предвидоа и презедоа конкретни мерки во планираниот период и тие се реализирани. Граѓанските активисти, пак, преземаат проактивни мерки за наметнување пресинг над институциите за целосна реализација на предвидените мерки

Стравот како ќе се помине претстојната зима е присутен речиси кај секого, не само поради коронавирусот и сите закани и последици од него, туку и поради нам мошне познатото загадување на воздухот. По екстремно загадениот воздух минатата зима Скопје многупати беше на врвот на листата на најзагадени градови во светот, а на црната листа по загадување на воздухот се запишаа и Прилеп, Тетово, Битола, Струмица и многу други македонски градови.

Како да не бидеме на
светската мапа на градови со најзагаден воздух

Поради енормното загадување на воздухот, Македонија и нејзиниот главен град се најдоа на светската мапа на земји и градови со најзагаден воздух пред најзагадените градови во Индија, Бангладеш и Пакистан. Минатата зима надлежните од Институтот за јавно здравје пресметаа дека од 5.500 починати во 2017 година, смртта дури на 1.250 се поврзува со загадувањето, земајќи ја предвид методологијата за процена на ризик.
Според мислењето на здравствените експерти, бројката на починати би била преполовена ако надлежните преземеле мерки да ја намалат концентрацијата на опасните и канцерогени честички во воздухот. Токму од аспект на здравјето и животот на граѓаните, на кои сега дополнително им се заканува и коронавирусот, особено е важно колку е направено за досега зимава да имаме почист воздух и да не стравуваме дека животот уште повеќе ќе ни се искомплицира.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање тврдат дека видливи резултати од мерките што се реализираа минатата зима допрва очекуваат. Но исто така додаваат и дека ги очекува уште многу работа за да стигнат до моментот кога оваа епизода со загадениот воздух ќе заврши. Секако, тие повторно издвојуваат дека проблемот со воздухот не се решава прекуноќ и дека досега е направено на доста тој план.

Изработени се планови и програми, но имплементацијата на сите предвидени мерки бара сериозни зафати и време

Изработени се програмата за намалување на загадувањето на воздухот и планот за чист воздух, со што велат дека се предвидоа и презедоа конкретни мерки во планираниот период и тие се реализирани. Имплементацијата на сите предвидени мерки велат дека бара сериозни зафати и време. Како пример ја наведуваат замената на нееколошките системи за греење во градинки, основни и средни училишта, здравствени и административни објекти. Досега е заменета опремата на 45 објекти од 19 општини во земјава. Тврдат дека сега во 16 општини има подобрена енергетска ефикасност во 28 јавни објекти, на кои е извршена замена на столаријата и обновена е фасадата.
Реализиран е, тврдат, голем дел и од планот за обновувањето на зеленилото, кое треба многу да придонесе за почист воздух и на тој план во 11 објекти во осум општини и во Градот Скопје е обновен дел од урбаното зеленило, што е дел од програмата „Зелен лист – воздух чист“. Потоа, со одлука на Владата е извршена замена на системите за греење на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје, во КПУ Затвор-Скопје и во ЈЗУ Општа болница во Струмица, која е приклучена на градскиот гасовод.
Сѐ уште е во тек е постапката за доделување средства на 10.000 домаќинства за целосна замена на нееколошките енергенти со високоефикасни инвертер клима-уреди, а засилени се инспекторските контроли на Државниот инспекторат за животна средина врз инсталациите што подлежат на А-интегрираните дозволи. Од Министерството додаваат дека според годишните концентрации на ПМ10 од сите мерни места во државата од 2005 до 2019 година се бележи тренд на опаѓање на концентрациите, што се должи на преземените мерки од страна на институциите на централно и локално ниво.

– Она за што Министерствотo за животна средина и просторно планирање е задолжено е донесување законска регулатива, подготовка за национален план за заштита на амбиенталниот воздух во кој се дефинирани мерките за заштита и подобрување на квалитетот на воздухот, мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух и за издавање ИСКЗ-дозволи за поголемите инсталации. Бидејќи овој проблем не се решава прекуноќ и не се решава само со затворање индустриски капацитет или само со воведување посебен режим во сообраќајот, туку бара интензивна, систематска и планска соработка на сите сектори и на сите нивоа во еден подолг временски период, од минатата година ова прашање е подигнато на ниво на Влада. Намалувањето на загадувањето влезе во стратегиските приоритети на Владата и првпат од државниот буџет се издвоија посебни средства за преземање мерки за намалување на загадувањето на воздухот во висина од околу 15 милиони евра – велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Проактивен пресинг на граѓанските активисти

За некои од граѓанските активисти за почист воздух сѐ што е досега направено не е доволно за зимава да имаме почист воздух.
– По пожарот во Државниот инспекторат за животна средина, очекувам уште полоша ситуација целокупно. Што се смени од лани за да се надеваме на почист воздух? Ова што е направено досега главно е санирање, фластер, а не решавање на проблемот. Ние немаме суштинска стратегија како ќе се фаќаме во костец со климатските промени, а истите тие еве веќе ги чувствуваме. Во време кога природните ресурси стануваат основен капитал за иднина, ние истите тие ги расходуваме, па имаме план за копање јаглен за наредната деценија, имаме 96 концесии за МХЦ, во најава се рудници, дива сеча на заштитени подрачја. Македонија, инаку, според некои анализи, за 50 години ќе ја има климата на Мароко, значи суша, немање вода, а тоа е доволно за колапс – вели Марија Костовска од „Скопје бара чист воздух“.

Инаку подготвените измени и дополнувања на Законот за квалитет на воздухот, кои се однесуваат на појаснување на надлежностите и процедурите за подготвување и усвојување планови за квалитет на воздухот и краткорочните акциски планови, начинот на финансирањето на мерките и спроведувањето на краткорочните мерки при енормно загадување, допрва ќе се достават на усвојување до Владата и Собранието во нов состав.


Замена на старите со нови мерни инструменти

Министерството за животна средина и просторно планирање врши мерење на квалитетот на воздухот со 17 фиксни и една мобилна автоматска мониторинг-станица, кои се дел од Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на амбиентен воздух (ДАМСКАВ).
Но како што информираат од ресорното министерство, интензивно работат на решавање на проблемот на замена на застарените мерни инструменти со нови.
– Во 2019 година се набавија шест инструменти за мерење на ПM10. Едниот инструмент во септември 2019 година се постави во станицата во Гази Баба, Скопје, и во декември 2019 година се заменија инструментите од мониторинг-станиците во Лисиче, Велес 2, Кавадарци, Кичево и Гостивар – велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Појаснуваат дека набавка на нови мерни инструменти е планирана и во рамките на проектните активности што се спроведуваат во Министерството. Набавка на една нова мониторинг-станица и замена на мерните инструменти од веќе постојната мониторинг-станица Битола 1 се планирани активности во рамките на проект финансиран од ИПА-програмата за прекугранична соработка со Грција во текот на 2020 година. Исто така, замена на голем број застарени инструменти од ДАМСКАВ со нови е планирана во рамките на проект што се спроведува со финансиска поддршка на Шведската меѓународна агенција за развој и соработка. Замена на мерни инструменти од постојните мониторинг-станици е планирана и со програмата ИПА 2, финансирана од ЕУ, со период на реализација од 2020 до 2022 година.