Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска ја започна дводневната работна посета на Брисел, каде оствари средба со претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер по што одржаа и заедничка прес-конференција на која учествуваше и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.

Во својот дел од обраќањето на прес-конференцијата, Јункер му честиташе на Заев и на целата држава за историските чекори преземени во претходните две години и нагласи дека земјата е светол пример во регионот и пошироко.

Јункер истакна дека Северна Македонија е подготвена за следниот чекор, за отворање на преговорите и дека тој ќе ја брани земјата и овој став секогаш.

Еврокомесарот Хан во неговата изјава на конференцијата за медиумите во Европската Комисија во Брисел нагласи дека Северна Македонија ги исполни сите задачи што беа побарани од неа и дека сега е на ред Европскиот Совет да го исполни ветувањето од минатата година и да го потврди датумот за отворање на поглавјата, и со тоа да ја направи Република Северна Македонија гарант на мирот и просперитетот во регионот.

Претседателот Јункер и комесарот Хан заеднички констатираа дека е направен огромен прогрес во реформите во земјата, дека сега е време Европската Унија да испорача и дека во рацете на Унијата е да се гарантира мирот и просперитетот во регионот.

Заев изјави дека минатата недела Северна Македонија го добила најпозитивниот извештај до сега откако сме држава кандидатка за членство, со чиста и безусловна препорака на Европската комисија за почеток на преговорите за членство.

-Денеска на средбата со претседателот Јункер и комесарот Хан дознавме дека Европската комисија во известувањето за изминатиот петгодишен мандат ја смести Северна Македонија и нејзиниот успех, на листата на 20 најголеми достигнувања на Европската унија во овој период. Тоа е за нас огромно признание и уште поголем поттик- соопшти премиерот Заев на прес конференцијата и додаде дека за 12 месеци, земјата ги заврши реформите во целост, темелно ги имплементира Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија.

Премиерот рече дека земјата е пример за соработка и пријателство во регионот, а на внатрешен план општество што покажува политичка зрелост и европски манири.

-Целосно сме подготвени за почеток на преговорите. Сега, на потег се државите членки и институциите на Европската унија. На потег е Европа да покаже дека стои на зборот. Тој потег треба да биде јасен и исклучиво врз основа на нашите заслуги, а во интерес на развојот на Унијата и во интерес на перспективите на целиот наш регион- нагласи премиерот Заев.

Заев истакна дека Европа е силна и уникатна бидејќи секогаш знаела да води и внатрешни реформи, и политика на проширување.