Меѓу Македонија и Бугарија во 1999 година беше потпишана Декларација за добрососедство, пријателство и соработка, поддржана и со потпишувањето на двата меморандума, во 2008 и во 2011 година. Овие билатерални документи имаа свое огромно значење и голема улога за членувањето на Бугарија во НАТО и во ЕУ

И на Бугарија за зачленувањето во ЕУ како услов ѝ требаше договор за добрососедство, кој Македонија безрезервно го потпиша

Најновиот развој на македонско-бугарските односи, уште еднаш, којзнае по кој пат, покажува, дека бугарската политика и бугарските државни и партиски челници, независно од „новата реалност“ во Македонија, и натаму остануваат длабоко закопани во своите анахрони политички стереотипи и заблуди од почетокот на 19 век, кога се во прашање нашата земја, нејзината историја, јазик и култура. Врз ваквата негаторска бугарска определба кон „братскиот“ македонски народ, силно поддржана и од врвни бугарски научни институции каква што е БАН, нема никакво влијание дури ни фактот што Бугарија одамна е веќе членка на НАТО и на ЕУ. Се пренебрегнуваат постулатите на овие организации за почитување и применување на модерните, универзални, цивилизациски принципи и методи, според кои се раководи и функционира цела Европа.
Стремежот на Македонија да се приклучи и кон ЕУ е во континуитет уште од изгласувањето на Декларацијата на Собранието на Република Македонија во 1992 година. Потврда за исправноста на овие македонски надворешни амбиции, е широката поддршка на преостанатите земји-членки на ЕУ и меѓународната заедница, факт за кој македонските граѓани веруваат дека на крајот ќе биде решавачки за натамошната европска судбина на македонскиот народ и македонската држава.
Како единствена пречка на тој пат, по малку и очекувано, еве, со своето вето се испречува сега Бугарија. Во преден план пак избиваат нејзините неостварени големобугарски империјални, „романтични соништа“ за Македонија од минатото, поради кои нашиот сосед претрпе две историски катастрофи, кои колку и да не ѝ се допаѓаат на Бугарија, трајно ќе останат забележени во европската историја и во човечката меморија.

Почнувајќи од 2012 година, Бугарија својата поддршка на Македонија за членство во ЕУ веднаш ја услови со претходно исполнување на неколку политички претпоставки, од кои како најважна се покажа условот за потпишување договор за добрососедска соработка и пријателство меѓу двете земји. Инаку дотогаш меѓу Македонија и Бугарија во 1999 година беше потпишана Декларација за добрососедство, пријателство и соработка, поддржана и со потпишувањето на двата меморандума, во 2008 и во 2011 година. Овие билатерални документи имаа свое значење и улога за членувањето на Бугарија во НАТО и во ЕУ. Ова условување со потпишувањето на ваков договор, беше протолкувано како рецидив од напластените историски проблеми во минатото.
Недостигот од подготвеност на Бугарија критички да се осврне врз сопственото минато поврзано со односите со Македонија, со децении ги оптоваруваше односите меѓу двата соседни народа и држави. Уште повеќе неразбирлива е и збунувачка настојчивоста тие да се внесат и да влезат во агендата и на новата македонска политичка реалност. Навлегувањето во суштината на самоопределувањето, идентитетот, самобитноста, негирањето на јазикот и културното наследство, се мошне сомнителни, опасни и посочуваат и на други задни и прикриени бугарски политички намери и претпоставки.
Кон крајот на 2013 година, на декемврискиот самит на Советот на Европа во Брисел, официјално од бугарска страна условот за потпишување договор за добрососедска соработка и пријателство беше истакнат и ставен во контекст на грчкото вето за името и процесот на македонските евроинтеграции.

По потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција на 17 јуни 2018 година, се отвори можноста, во еден нов историски контекст, да се согледаат суштината и значењето на еден ваков договор и меѓу Македонија и Бугарија, но и да се идентификуваат и надминат сите можни историски замки што тој договор може да ги предизвика. По одредени „натегања“ и договарања, договорот сепак беше потпишан во Скопје на 1 август 2017 година, а подоцна, по претресот и поддршката на дури три бугарски влади (на Бојко Борисов, Марин Рајков и на Пламен Орешарски) и по ратификацијата во македонскиот и во бугарскиот парламент, договорот на 15 јануари 2018 година стапи во сила.

По ова следуваше бугарската „великодушна“ декларативна поддршка дека нема да прави пречки за македонскиот прием во ЕУ, што се покажа како лош знак. Такви порака или ветување често доаѓаа од највисоки личности на бугарската политика и дипломатија, сè до неодамна, кога Бугарија најнапред го прифати нонпејперот од Берлин и трилатералниот состанок на Берлинскиот процес, а уште истиот ден „брат Бојко“ и други бугарски политичари се оградија од него и се заканија со вето.
Притисокот и купувањето време со одложување на прифаќањето на Преговарачката рамка за почнување на преговорите за прием во ЕУ, се најдиректна негација и спротивставување на македонската интегративна агенда од страна на Бугарија, и во никој случај не се во корелација со политиката и заложбите за натамошно проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и стремежите за обединувањето и соработка на европските народи и држави.