Јанушев: Заев повторно ги ветува истите лаги за подобар живот, а имаме нов ТАТ и 40.000 невработени

105

Ветуваа 30.000 денари плата и тоа не е се, овие избори таа плата е зголемена на 34.000 денари, тоа ќе беше одлично ако првичниве 30.000 денари успеаја да ги постигнат, но како за се останато лага до лага, изјави Игор Јанушев, пратеник и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната собраниска седница.

– Ги слушаме повторно по не знам кој пат ветуваат нов Клинички, клиничката болница во Штип и дополнително не се застанува, можат уште повеќе, арно ама нема ни нов Клинички центар, клиничката болница во Штип како ја затекнавте, сега е полоша ситуација. Ветуваа едноцифрена стапка на невработени, но небулозата е толку поголема што го ветува во моментот кога во Република Македонија има 40.000 нови невработени. Навистина се една Топ Шоп влада – истакна Јанушев.

Тој додаде дека Заев ветувал намалување на долгот, а тој ист долг изнесувал 4,8 милијарди евра, а денес ја надминува цифрата од 6 милијарди евра.

– Ја донесоа овие Топ Шоп политичари државата во ризична зона и тоа според Мастришките критериуми на ЕУ, истата за која добивавме 5-6 пати датуми, се сликаше половина од оваа екипа во авион и славеше. Ветуваше и стабилна економска политика, тоа го ветуваше и вчера, ветува истовремено кога го имаме новиот ТАТ, среќна нова 1996, Еуростандард банка пропаѓа, а нашиот Топ Шоп премиер ветува економски политики. Тоа што видовме од изјава од самиот Топ Шоп мандатар дека знаел за проблемите на банката и не презел ништо, затоа што може повеќе и подобро. Тоа што 2.500 вработени од Македонски пошти се оставени на милост и немилост, тоа не е важно за нив, поминаа изборите. Слушнавме вложување во култура во истиот момент кога за културните работници нема плата – рече Јанушев.


Заев кон Јанушев: ВМРО-ДПМНЕ ги преспа сите важни прашања за иднината на државата

Веројатно е тешка помислата дека уште четири години треба да бидете опозиција, посочи претседателот на СДСМ и мандатар Зоран Заев во реплика кон пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

– Сите крупни одлуки, сите важни прашања ги преспавте, немавте став, немавте храброст кога требаше без разлика на политичка партија и кариера да се носат одлуки за перспективата на државата, немавте храброст ниту како власт, ниту како опозиција – рече Заев.

Во обраќањето, Заев нагласи дека доаѓа време како членка на НАТО, со добиена одлука за почеток на преговори, низ поглавјата и преговорите, да се отворат сериозни економски перспективи за сите граѓани.

– Денес сме 30 земја членка на НАТО, има одлука за почеток на преговорите, на таа одлука 15 години чекавме. Невработеноста ја намаливме од 24,5 на 16,2 отсто. За 5.500 денари се покачени просечните плати – посочи Заев.

Тој на крајот им порача на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го променат односот, да бидат конструктивна опозиција, да престанат со заканите, затоа што со такви закани изгубија на изборите.