Што ќе победи, нужноста или сигурноста?

230
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дел од јавноста смета дека Македонија не треба да чека и дека политиката не треба да биде пресудна за тоа од каде ќе се набави вакцината против ковид-19, односно во ситуација кога се бараат лек и превенција треба да се искористи оваа можност што ја дава Русија. Од друга страна, пак, дел од стручната јавност смета дека за вакцинација на населението се најважни безбедноста и ефикасноста, нешто што емпириски и во соодветен обем допрва треба да се потврди кај руската вакцина

Дали Македонија ќе ја побара руската вакцина против ковид-19

Дали руската вакцина против ковид-19 може да биде едно од решенијата за Македонија како превенција од ширењето на коронавирусот или, пак, државата ќе се координира со принципите на Европската Унија и Светската здравствена организација (СЗО) за користење на вакцината?
Оваа дилема експресно изби на врвот од топ-листите на јавен интерес откако пред неколку дена Русија објави дека ја регистрирала првата вакцина, а СЗО повика да се внимава со неа, бидејќи не е на нејзиниот списокот на вакцини, кои се во тек на испитување.
Во јавноста веќе се појавија полемики дали Македонија треба да брза или да не брза со вакцината.
Дел од јавноста смета дека Македонија не треба да чека и дека политиката не треба да биде пресудна за тоа од каде ќе се набави вакцината против ковид-19, односно во ситуација кога се бараат лек и превенција треба да се искористи оваа можност што ја дава Русија. Од друга страна, пак, дел од стручната јавност смета дека за вакцинација на населението се најважни безбедноста и ефикасноста, нешто што допрва емпириски и во соодветен обем треба да се потврди кај руската вакцина.

Професор д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација, вели дека сѐ уште е рано да се лиферуваат какви било информации за тоа која вакцина би влегла на македонскиот пазар.
– За руската вакцина има недоволно информации. Целиот тој процес за тестирања и истражувања не помина транспарентно. Руската наука е на многу високо ниво, не се сомневам дека руските научници стигнале до високи резултати, но, сепак, вакцината сѐ уште не ги поминала ни филтрите на Светската здравствена организација – посочува д-р Грозданова.
Според неа, Македонија е вклучена во Ковакс-механизмот (глобален пристап до вакцини за ковид-19) со кој треба да се обезбеди пристап до безбедни и ефективни вакцини, за рамноправна распределба на вакцина против ковид-19 во сите земји.
– Преку Ковакс-механизмот ги добиваме деталните информации за сите кандидати за вакцина на неделно ниво, за нивниот развој по фази и за сите тестирања што се прават. Вакцината што ќе влезе на македонскиот пазар ќе мора да помине ригорозен процес на проверка. Препаратот ќе мора да ги помине сите клучни меѓународни и независни контроли, како што е европската медицинска агенција или американската агенција за храна и безбедност – нагласува д-р Грозданова.

И микробиологот Никола Пановски вели дека сѐ уште е рано да се каже која вакцина против ковид-19 би се користела во нашата земја.
– Се откриваат вакцини од западниот свет, од Кина и од Русија. Руската вакцина може да е добра, но може и да е пропаганда. Се сомневам дека нашите здравствени власти би се осмелиле да ја побараат оваа вакцина. Сметам дека вакцина во Македонија ќе се чека од западниот свет – посочува Пановски.
Според него, за очекување е вакцина да добиеме од Америка или од Оксфорд некаде до крајот на годината или на почетокот на следната година.
Инаку, пред еден месец Владата ја усвои информацијата за можноста земјата да се приклучи кон глобалната набавка на вакцини за ковид-19, преку Ковакс-механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефикасни вакцини.
Повеќе од 100 можни вакцини се развиваат низ целиот свет за да се запре пандемијата на ковид-19. Најмалку четири се во последната, трета фаза на испитувања врз луѓе.

Хрватските епидемиолози бараат докази

Веста дека Русите „имаат ефикасна вакцина“ предизвикува интерес, но и коментари меѓу научниците во регионот.
Имунологот проф. д-р Стипан Јоњиќ од Медицинскиот факултет во Риека вели дека комбинацијата на двата вируса во руската вакцина „спутник 5“ би можела да биде ефективна, но, според него, е особено чудно тоа што Русите излегле од контекстот на стандардното однесување кога станува збор за вакцини, кои, за да бидат прифатени, мора да поминат низ сите фази на тестирање што се бараат во научниот свет.
– Сите податоци за резултатите од клиничките испитувања мора да им бидат познати на регулаторните агенции, а Русите не дадоа никакви податоци за тоа – посочува хрватскиот имунолог.
Според него, точно е и дека веќе познатата вакцина во Оксфорд функционира на сличен начин, освен тоа што е користен друг аденовирус. Најголемиот проблем, посочува д-р Јоњиќ, е што не се познати деталите за ефектот во втората фаза од истражувањето, кое Русите, наводно, го спроведувале од средината на јуни.

Дијана Мајер, епидемиолог во Хрватскиот завод за јавно здравство (ХЗЈЗ), вели дека руското министерство за здравство ја одобрило вакцината, но нема научни докази за вакцината.
– Таа не е ниту на списокот на СЗО. Според СЗО, вакцината во моментов е во првата фаза на клиничко испитување. Ваквите испитувања се состојат од четири фази, и само по третата лекот, или во овој случај вакцината, може да се регистрира за поширока употреба. Колку што знаеме, оваа вакцина ја добиле 67 лица, што е премалку за какви било заклучоци, а не, пак, да зборуваме за нејзината безбедност или ефикасност за нашите пациенти – објаснува Мајер.

Српските доктори им честитаат на Русите

Српскиот епидемиолог д-р Радмило Петровиќ вели дека е можно руската вакцина „спутник 5“, која е прва во светот регистрирана против вирусот САРС-КоВ2, да има неколку недостатоци, многу фази во испитувањето се прескокнати, таа е заверена на мал број луѓе, а не е наменета за лица помлади од 18 години, но сигурно е дека ќе даде помалку несакани ефекти од инфекцијата со дивиот коронавирус, што значи дека придобивките од тоа ќе ги надминат ризиците.
– Дури и со селективна употреба, можеби со ограничени ефекти, руската вакцина против корона вирусот, сепак, ќе биде заштеда на живот во ситуација кога нема подобро. Нема целосно безбедна и максимално ефикасна вакцина против САРС-КоВ2 и убеден сум дека во вакви околности треба да дејствуваме во согласност со популарната поговорка подобро нешто отколку ништо – вели д-р Петровиќ.

Западните научници не ѝ веруваат на руската вакцина

Американските експерти се скептични за руската вакцина. Даниел Салмон, раководител на Институтот за безбедност на вакцини на универзитетот „Џонс Хопкинс“, вели дека Русија презела опасен чекор прескокнувајќи ја третата фаза од испитувањата, која може да потврди дека вакцината дејствува подобро од плацебо и не им нанесува штета на луѓето што ја добиваат. И главниот вирусолог на САД, д-р Ентони Фаучи, во врска со веста за руската вакцина против ковид-19, коментираше дека едно е да имаш вакцина, а сосема друго нешто да докажеш дека истата таа е ефективна и безбедна. Франција и Германија, исто, така покажаа резервираност за руската вакцина.


Амбасадата на Руската Федерација: Македонија сѐ уште не пројавила интерес за вакцината

Од руската амбасада во земјава вчера информираа дека македонските здравствени власти не се обратиле до амбасадата со какво било барање за информации во однос на вакцината регистрирана на 11 август во Русија, за превенција на новата коронавирусна инфекција, создадена во научноистражувачкиот центар „Николај Ф. Гамалеја“ при Министерството за здравство на Русија заедно со Рускиот фонд за директни инвестиции, a која го доби името „спутник 5“.
– Се разбира, доколку се покаже таков интерес, соодветното барање веднаш ќе биде проследено преку дипломатски канали. Што се однесува до интересот од страна на другите земји, станува збор за дваесетина држави во Европа, Блискиот Исток, Азија, Латинска Америка, меѓу кои се Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Јордан, Бразил, Мексико, Филипини, Индија и други.

Пристигнати се претходни нарачки за набавка на една милијарда дози на вакцината. Подготвени сме заедно со странски партнери да овозможиме производство на 500 милиони дози на вакцината годишно во пет земји -посочуваат од руската амбасада.
Наедно, од амбасадата напоменуваат дека сè уште чекаат одговор од македонската страна на нивниот предлог од почетокот на јуни, да испратат бесплатна помош во вид на лабораториски средства за дијагностика на новата коронавирусна инфекција (тест-системи и реагенси), како мерка за материјално-техничка поддршка на Македонија во рамките на напорите за борба против пандемијата.

[email protected]