Што ќе донесат прекројувањата во две изборни единици?

1056
Неизвесно дали и колку партиите ќе профитираат од промената на изборните единици Фото: Игор Бансколиев

Експертите со кои се консултиравме велат дека овие измени незначително ќе влијаат врз крајниот резултат во распределбата на пратеничките мандати, бидејќи треба да се земе предвид и вообичаено слабиот одзив, но и големиот број иселени граѓани во шестата изборна единица

По неодамнешните измени на Изборниот законик, кои ги изгласа Собранието, се изврши промена на бројот на гласачите во две изборни единици, односно на претстојните избори општините Дебар и Маврово – Ростуше се селат од шестата во петтата изборна единица.
Во контекст на ваквите промени, „Нова Македонија“ се консултира со изборни експерти и направи симулација на можниот сооднос на силите во идниот парламент. Побаравме и мислење од официјални претставници на ДИК и политички аналитичари за тоа што ќе значат практично овие прекројувања за распределбата на мандатите во Собранието.

Во сублимиран заклучок, експертите со кои се консултиравме велат дека овие измени незначително ќе влијаат врз крајниот резултат во изборот на пратеничките мандати и додаваат дека е можно прекројувањата за по еден пратеник во изборните единици да се прелеат во полза на албанскиот блок на партии, кои на овој начин би можеле да изберат повеќе пратеници во Собранието.
Владимир Божиновски, директор на Институтот за политички истражувања, вели дека актуелните промени во суштина нема драстично да го променат соодносот на силите.
Според него, единствено постои теоретска можност, која сѐ уште треба да се докаже во практика, која вели дека албанските партии би можеле да добијат по еден пратеник повеќе посебно во двете изборни единици, 5 и 6.

Тој додава дека, сепак, реалните можности за ова сценарио навистина да се одигра така, односно како што очигледно посакуваат од ДУИ, се истовремено еднакво тешки, бидејќи токму во овие изборни единици, кои сега се прекројуваат, во практика гласачите многу слабо излегуваат на гласање.
Според Божиновски, тоа е така бидејќи најверојатно голем дел гласачи во шестата изборна единица се иселени од земјата и живеат во странство. Божиновски додава дека ваквите калкулации се евидентни ако се изврши споредба на резултатите како се гласало на повеќе претходни изборни циклуси.

– Бидејќи практично првпат ни се случува оваа промена, сѐ уште е неизвесно дали навистина албанските партии би имале полза од настаните, бидејќи етничкиот распоред на населението што живее во овие изборни единици официјално е сѐ уште непознат, а тоа е така, бидејќи немаме попис. Натаму, врз гласањето со сигурност ќе влијае и датумот на одржување на изборите, кој се поклопува со католичкиот Велигден и Рамазан, бидејќи неработните денови за празниците во Западна Европа ќе се пресликаат на гласањето на иселените во овие две изборни единици – вели Божиновски.

Тој советува дека, доколку во државата навистина сакаме да имаме почиста слика за соодносот на политичките сили во парламентот, тогаш би требало да се ориентираме на одржување избори во една изборна единица, која во суштина правично би го отсликала распоредот на силите во парламентот.
Џабир Дерала (Цивил) вели дека актуелните промени во парламентот нема суштински да го променат распоредот на силите во Собранието.

– Нееднаквоста на бројот на глaсачите во изборните единици е хроничен проблем со кој се соочуваме долги години. Во врска со прогнозите за тоа како би се одразило сето тоа во иднина, во моментов е тешко е да се процени, бидејќи сѐ уште говориме хипотетички за овие калкулации. Но, сепак, верувам дека тоа бројчено нема да го промени соодносот на силите во корист на една етничка заедница наспроти друга, иако таа теза веќе се заговараше во јавноста од одредени центри. Дополнително, мислам дека самата промена на изборните единици во конкретниот случај не е лоша, бидејќи на тој начин се коригира една дискриминаторска димензија, бидејќи шестата изборна единица досега беше за приближно 30 илјади гласачи поголема од другите.

Јас лично верувам дека овие промени не треба да се перципираат лошо, туку константно во државата треба да се стремиме да постигнеме поправичен модел на избор на народни пратеници. Во тој контекст се и моите чести заложби, но и на Цивил, со кои се обидуваме на јавноста да ѝ објасниме дека со една изборна единица ќе се надминат сите недостатоци што ги има нашиот изборен процес – вели Дерала.

Тој резимира дека идните промени на Изборниот законик и промената на бројот на изборните единици би придонеле на политичката сцена да излезат и нови политички субјекти што би ги застапувале правата на маргинализираните заедници, на ЛГБТ-групите, на работниците и слично.


За ДИК, промените не менуваат ништо

Од друга страна, Оливер Дерковски, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), вели дека ДИК е подготвена да се справи со работните обврски што претстојат, а конкретните промени во изборните единици практично и не менуваат ништо во срцевината на работата на комисијата.
– Не очекуваме никакви турбуленции, роковите за одржувањето на изборите течат, а со тоа почнаа и сите неопходни активности. За ДИК, промените во изборните единци нема да предизвикаат никакви промени во работата, бидејќи тоа што е изгласано во парламентот на оваа тема, во практика за комисијата не менува ништо битно – рече Дерковски.


Почнуваат да течат роковите за избори

Во меѓувреме, предизборната кампања, која според роковникот на ДИК ќе почне на 23 март, ќе трае заклучно со 10 април. Кандидатите за пратеници, со носителите на листите, партиите ќе треба да ги објават најдоцна до 12 март на полноќ.
Државната изборна комисија, според роковникот за спроведување на предвремените парламентарни избори, вчера од МВР најави дека ќе побара и да ѝ биде доставен избирачкиот список.
ДИК најдоцна десет дена од денот на распишувањето на изборите треба да го стави списокот на јавен увид во своите подрачни одделенија и месни канцеларии. Јавниот увид трае 15 дена, почнува на 26 февруари и ќе трае до 11 март 2020 година. Тоа ќе биде период во кој граѓаните може да ги достават барањата за запишување, допишување или бришење податоци од избирачкиот список.
Кандидатските листи, пак, до ДИК треба да бидат доставени 30 дена пред одржувањето на изборите, односно најдоцна до 24 часот на 12 март.


Како се гласало претходно во петтата и шестата изборна единица

На веб-страницата на Државната изборна комисија се истакнати резултатите од последните парламентарни избори, одржани во 2016 година, каде што е наведено колку точно гласови се освоени од партиите во 5-та и 6-та изборна единица.
Во шестата најмногу гласови освоила паријата ДУИ, или точно 40.547 гласа, следна е ВМРО ДПМНЕ, со освоени 36,139, а СДСМ со 25.986. Наредна на листата е партијата Беса, која освоила 24.989 гласа, а зад неа е Алијансата за Албанците, која добила 17.946 гласа од гласачите, додека за ДПА гласале 16.162 гласачи.
Според резултатите на гласањето во шестата единица, ДУИ освоила најмногу пратеници, или 6, зад неа е ВМРО-ДПМНЕ со 4, СДСМ и Беса се со по 3 и ДПА и Алијансата за Албанците со по 2.
Во петтата изборна единица, пак, на минатите парламентарни избори најмногу гласови освоило ВМРО-ДПМНЕ, или 72.340, потоа следува СДСМ со 71.020, ДУИ со 13.982, а од преостанатите партии со албански предзнак најмногу имала Алијансата за Албанците, 7.355, следена од Беса со 5.163 и ДПА 3.426 гласа.
Од гласовите произлегува дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ освоиле по девет пратеници, а Алијансата за Албанците и ДУИ по еден пратеник.

[email protected]