Што ја обележи првата недела од трката за гласови

120
Фото: Игор Бансколиев

Јавноста во овој период е сведок на политичари што на терен носат заштитна опрема, но и на политичари што шетаат меѓу граѓаните без маски и ракавици. Од друга страна, јавноста е сведок и на граѓани што одговорно се однесуваат на партиските собири, но и на такви на кои заштитата не им е приоритет. Државната изборна комисија е задолжена да го контролира процесот на изборната кампања, меѓу кој е протоколот за заштита, но досега нема информации за тоа дали се регистрирани прекршувања, пред сѐ на здравствениот протокол. Дали во трката по гласови се занемарува здравјето?

Една седмица од почетокот на изборната кампања

Една недела партиските карвани крстосуваат низ Македонија презентирајќи ја својата понуда за изборите на 15 јули. Оваа необична кампања, која беше најавена дека повеќе ќе биде насочена на кампања на социјалните мрежи, сепак, е и потенцијален ризик од ширење на коронавирусот. Првата недела од изборната кампања, првпат досега, помина без препознатливите масовни митинзи, но, сепак, со теренски активности во кои има групни собирања. Некаде помалку на број, некаде повеќе, но генерално во рамките на протоколите за заштита.

Партиите сами за себе велат дека ги почитуваат мерките, но не пропуштаат да ги искритикуваат политичките противници дека токму тие не се придржуваат до пропишаните процедури за заштита. Јавноста во овој период е сведок на политичари што на терен носат заштитна опрема, но и на политичари што шетаат меѓу граѓаните без маски и ракавици. Од друга страна, јавноста е сведок и на граѓани што одговорно се однесуваат на партиските собири, но и на такви на кои заштитата не им е приоритет. Државната изборна комисија е задолжена да го контролира процесот на изборната кампања, меѓу кој е протоколот за заштита, но досега нема информации за тоа дали се регистрирани прекршувања, пред сѐ на здравствениот протокол. Дали заложбите за заштита на граѓаните на крајот од изборите ќе останат само декларативни? Колку ќе ја насочат партиите оваа кампања кон заштита на граѓаните и кон подобра иднина?
Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека изминатата една недела од кампањата партиите, особено големите, повеќе ја искористиле на меѓусебна негативна кампања, отколку на тоа да им дадат елан на граѓаните да гласаат, односно да им дадат поттик дека ќе има поголеми промени од досега.

– Иако на партиите им е намалена можноста за мерење на мускулите, зашто кампањата не се одвива со ист интензитет како што сме биле досега навикнати, сепак, тие повеќе енергија трошат на тоа што досега било направено, како и за меѓусебна дискредитација. Очекував повеќе време да потрошат на позитивна кампања и да се насочат кон привлекување на граѓаните да гласаат. Овој пат на малите партии им е овозможено повеќе да тераат кампања на социјалните мрежи, што може да значи и подобра конкуренција – посочува Муслиу.
Според него, не треба да се инсистира на детали, може да се одржуваат митинзи на отворено, на поголеми површини, каде што може да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.
Според политичкиот аналитичар Александар Кржаловски, кампањата досега се одвива според очекувањата.

– И покрај заложбите за „позитивни“ кампањи и слично, не требаше многу да се премине главно на негативна кампања и напади на противниците. Исто така, се најавуваше кампања главно на социјалните медиуми, но гледаме дека со секој изминат ден сѐ почести се активностите „на терен“, кои, пак, стануваат и се помасовни, без оглед на влошената здравствена ситуација – посочува Кржаловски.
Според него, нема ни многу нови и особено не покреативни пораки (можеби Интегра е некое освежување, но прашање е колку се изводливи нивните идеи).
– Можеби ВМРО-ДПМНЕ предизвика поголемо внимание со почетокот на својата кампања, но досега се чини „силите“ се изедначени. Останува и медиумската доминација на четирите водечки партии/коалиции, со мал простор за новите „трети“ опции. За жал, тоа ќе резултира во доста слична ситуација на распределба на пратеничките мандати. И според анкетата што за МЦМС (и Телма ТВ) ја направи „М проспект“, но и според други анкети и анализи, двете водечки коалиции може да се очекуваат околу 50 пратеници (+/- 2 до 3), додека во албанскиот блок по околу 10 (со плус еден или два за ДУИ во однос на Алијанса). Веројатно и ДПА ќе освои еден или најмногу два пратеника во ИЕ6, а и од сите други може да произлезе некој пратеник плус (не верувам да бидат повеќе од 2).

Во таква ситуација, се чини повторно „главната улога“ ќе ја има ДУИ, која тешко ќе може да се избегне во составувањето на новата влада, иако сите би сакале да ја избегнат овој пат – објаснува Кржаловски.
Вели дека се чини дека мерките за заштита главно се применуваат (маски, дистанца и сл.), но „вториот бран“ на заразата покажа дека тие не се доволни и дека секое собирање на повеќе луѓе на едно место е потенцијална опасност и можно ново жариште.
– Се надевам дека нема да има многу или воопшто такви случаи, но гледајќи го развојот и во Србија, за жал, очекувам да имаме зголемување на бројот на заразени во периодот околу изборниот ден и веднаш потоа – додава аналитичарот.
Состојбата со коронавирусот во Македонија е редовна тема на партиите во кампањата, но колку реално самите партиски структури ги почитуваат протоколите.
Солза Грчева, претседателката на политичката партија Глас за Македонија, вели дека малите политички партии повеќе ја водат кампањата на социјалните медиуми, на дебати на телевизиите и по реклами во печатените медиуми.

– Сметам дека големите политички партии не ги почитуваат во целост мерките за заштита од ковид-19, како и мерките на Државната изборна комисија. И тоа засега никој не го санкционира. Почна трката, но не ја почнавме од иста стартна позиција. Дури сега ќе почнеме да ги лепиме плакатите, зашто Град Скопје доцна ги одреди локациите – објаснува Грчева.
Очекува претставниците на помалите политички партии да имаат поголема можност на дебатните емисии на националните телевизии да се соочат со опонентите од големите политички партии.

Микробиологот Никола Пановски вели дека, глобално, политичките партии се придржуваат до мерките за заштита, особено на оние собири што се одржуваат на отворено.
– Опасно е таму каде што има собири со поголем број граѓани што сакаат да се поздрават со политичарите. Опасно е тоа што се прави по политичките штабови на затворено, така што допрва ќе видиме – посочува Пановски.

[email protected]