Фото: Маја Јаневска-Илиева

ВЛАДАТА ГИ ДОСТАВИ УСТАВНИТЕ АМАНДМАНИ ДО СОБРАНИЕТО

Иако претходно категорично беше посочувано дека нема потреба да се отвора Пандорината кутија и да се вметнува рамковниот договор, бидејќи тој е веќе целосно вграден и имплементиран во Уставот, со новите нацрт-амандмани рамковниот договор се споменува во новата верзија на преамбулата, за да биде, како што се вели, конститутивен елемент на државата.
Понатаму, во нацрт-текстот доставен во Собранието, одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од Првото заседание на АСНОМ

Користејќи го до последен миг рокот од 15 дена за подготвување на нацртот на амандманите со кои Уставот на Република Македонија треба да се усогласи според одредбите од спогодбата во Мала Преспа, вчера, на 2 ноември, Владата го усвои текстот на амандманите и потоа го достави до Собранието. Во меѓувреме премиерот Зоран Заев, на прес-конференција во Владата, ги соопшти клучните точки во измените и рече дека четирите амандмани се едноставни, немаат ништо спорно и се во согласност со меѓунaродните стандарди и оти заслужуваат поддршка од сите пратеници во име на интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Она што е додадено во амандманите е и споменувањето на рамковниот договор во Уставот, и покрај поранешните изјави (како одговор на барањето на пратениците од албанската партија Беса) дека внесувањето на Охридскиот рамковен договор во преамбулата на Уставот ќе претставува „проширување на Пандорината кутија“, со аргумент дека тој е веќе вграден во Уставот.

Сепак, во нацрт-текстот доставен во Собранието, со амандманот 34, рамковниот договор се споменува во новата верзија на преамбулата, заедно со замената на „одлуките од АСНОМ“ со „прогласот од Првото заседание на АСНОМ “. Образложението на премиерот за „проширувањето на Пандорината кутија“ е дека Охридскиот договор е „дел од конституцијата од Уставот на РМ, само сега се додаваат формулации, и тоа е фер кон сите помалобројни заедници“.

Првиот амандман, како што соопшти премиерот, се однесува на замената на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во членот 36, каде што има историски аспект.
Вториот се однесува на преамбулата на Уставот, каде, како што рече Заев, одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од Првото заседание на АСНОМ, и се додава Охридскиот рамковен договор за да биде конститутивен елемент на државата.
– Делот на АСНОМ се однесува на замена на одлуките со прогласот на АСНОМ, заради тоа што, ако остане вака, тоа би предизвикало одредени проблеми во одредени можни идни времиња на соработката меѓу Македонија и Грција. Тоа е така затоа што дел од одлуките на АСНОМ велат „Македонци од Грција и Бугарија, обединете се“. Прогласот го нема тој дел, туку во него се зборува за единството во државата, демократијата, државотворноста, слободата, човековите права и слично, и тоа е фер пристап за градење пријателство. Впрочем, договорот или спогодбата со Грција е воспоставување трајно пријателство со нашиот јужен сосед – појасни Заев

Во третиот амандман се додава само еден став, а тоа е „Републиката ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, што дава посилни гаранции за трајност и неповредливост на границите со Грција, иако се однесува за сите соседи“.

Во четвртиот амандман, појасни премиерот, покрај потврдувањето на македонскиот идентитет стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани што живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.

На прес-конференцијата во Владата за амандманите, премиерот Заев истакна дека во нацрт-амандманите на Уставот се вклучени и предлозите на новата пратеничка група во Собранието.

Фото: Дарко Андоновски

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, веќе закажа пленарна седница за уставните измени, за први декември, а на седми ноември ќе се одржи седница на Комисијата за уставни прашања, на која ќе се разгледуваат амандманите.
Секој амандман треба да помине низ собраниските комисии. Според Деловникот, од денот на доставувањето на амандманите во Собранието до пленарната седница треба да поминат најмалку 30 дена. Според Деловникот, претресот во Комисијата за уставни прашања и во Законодавноправната комисија може да трае најмногу три работни дена по текстот на нацрт на секој амандман одделно, по што Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, односно со 61 глас, го утврдува нацртот на секој амандман на Уставот одделно. Откако Собранието ќе го утврди текстот на амандманите, се отвора јавна дискусија. По усвојувањето на амандманите, за чие изгласување е потребно просто мнозинство (61 глас), сепак за конечната одлука се потребни 80 пратеници за потврдување на измената на Уставот.