Што очекуваме од пописот

232

Со донесувањето на препораките за пописот на населението и домаќинствата од страна на економската комисија на Обединетите нации за Европа, а усогласени со Евростат, статистичкиот дел на Европската Унија, во 2015 година се започна со подготовките. Препораките се донесуваат пет години пред спроведувањето на пописот, заради давање можност на земјите да имаат доволно време за подготовки, организација, спроведување и обработка со објавување податоци на најмасовната, најскапа и најсложена статистичка операција.
Во изминатиот период, од неуспешниот или прекинат попис во 2011 година, податоците што се потребни во секојдневното работење во земјата, се правеа обиди преку предлози, барања, панел-дискусии, трибини, расправи и укажувања за потребите од нови и свежи податоци, но се немаше многу слух и разбирање за негово спроведување од страна на Владата. Да се напомене и тоа дека уште во 2012 година и од страна на тогашната опозициска партија во парламентот се побара да се спроведе попис, но тоа не беше прифатено од мнозинството.
Така, во изминатиов период, па и денес, во сите домени на земјава работиме со застарени и нерелевантни податоци од пописот спроведен во 2002 година.
Задолжувањето од страна на ОН дека секоја земја-членка на ОН треба да спроведе, и тоа задолжително, попис во еден десетгодишен период, нѐ обврза да започнеме со неговите подготовки.

Во изминатиот период, започнувајќи од 2017 година, како прво надлежната статистичка институција, а тоа е Државниот завод за статистика, ги започна неговите подготовки. По подготвениот нацрт, па предлог на закон за попис на населението, домаќинствата и становите, расправата за него и доставувањето до Владата и неговото усвојување, со достави до Собранието на Република Северна Македонија за усвојување. Во првиот наврат, односно во 2019 година истиот тој не се донесе, а беше планирано да се спроведе во 2020 година. Во сето тоа треба да се има предвид дека во 2020 година, со појавата на пандемијата на ковид-19, се поместија сите рокови и активности. Така, во 2021 година, на почетокот на годината, или во јануари, истиот тој беше донесен со датум на спроведување од 1 до 21 април 2021 година.
За потребата од негово спроведување постои едногласност дека истиот тој е неминовно да се спроведе.

Што очекуваме од пописот?
Како прво и основно, се очекува да се добие бројот на населението во земјата на сите територијални единици, и тоа по населени места, општини, региони и вкупно за земјата. Што може да очекуваме? Следејќи ги и анализирајќи ги состојбите преку демографските податоци од витална статистика за наталитетот, морталитетот, а како резултат на нив, природниот прираст на населението, може да се очекува намалување на населението на сите нивоа и вкупно во земјата. Ова може да се потврди со намалениот или негативен природен прираст на населението, следејќи го од последниот попис, спроведен во 2002 година до 2019 година, каде што речиси во 40 општини, или во 50 отсто од општините, имаме намалување на населението преку природниот прираст, а во 2020 година имаме таква појава во 56 општини, или тоа се 60 отсто од општините во земјава.

Секако, тоа значи дека бројот на населението ќе се намали и со тоа што веќе втора година имаме негативен природен прираст на населението, или повеќе население умира отколку што се раѓа.
Во намалувањето на бројот на населението секако треба да се има предвид и постојано актуелната тема за иселувањето од земјава. Иако како земја не располагаме со такви податоци, она што го објавуваат и кажуваат ОН, Светската банка и Евростат кажува колкава е таа бројка како податок. И како трето, според анализите со години и последната година со податок од 2019 година, може да се види колку имаме живородени деца во странство или во други земји надвор од нашата. Појавата е интересна по тоа што во одделни општини имаме повеќе живородени деца во други земји отколку во земјава. И доколку се споредат податоците со живородени деца по општини во земјава и друга земја, тоа е карактеристично за општините: Врапчиште, Маврово Ростуше, Центар Жупа, Пласница, Ново Село, каде што има повеќе родени во други земји. Висок број на родени има и во Гостивар, Струга, Тетово, Куманово, Желино, Кичево, Боговиње, Липково, Струмица, како и други.
Во однос на другите карактеристики ќе се добијат и податоци за образованието, во кое сметам дека ќе добиеме податоци за многу зголемен број дипломирани студенти, специјалисти, магистри и доктори на науки врз основа на годишните податоци, кои по 2002 година се доста високи.

Што се однесува до другите карактеристики, исто така ќе се добијат официјални податоци што ќе служат за натамошни планирања како за населението така и за домаќинствата, кои ги има сѐ повеќе и кои се со мал број членови, за становите, кои сѐ се повеќе, за земјоделските површини, кои се доста напуштени и необработени, за добитокот и слично.
Во однос на расправите што се водеа за резидентно и нерезидентно население, може да се очекува дека резидентното население ќе биде опфатено во целост, а нерезидентното население веројатно не може да биде целосно опфатено, иако се дава можност и за самопопишување и пријавување во домаќинството.
Посебен интерес треба да ни биде и тоа каков податок ќе се добие за населението по вообичаено место на живеење и официјално место на живеење, поради тоа што не го почитуваме Законот за престојувалиште и живеалиште. Впрочем, тоа значи дека не правиме промена на личните карти, па и многу бракови се на различни адреси итн.
На крајот, треба да се знае дека за успешноста на пописот, неговата релевантност и веродостојност на податоците е потребна добра организација при спроведувањето, а тоа значи избор на квалитетни и стручни лица во реонските пописни комисии, квалитетни, искусни, долгогодишни и стручни државни инструктори, околу 150, кои треба да бидат вработени во Државниот завод за статистика и кои имаат богато искуство, а не договорци или вработени по договор, квалитетни познавачи на проблематиката, реонски инструктори и реонски попишувачи.

Сите тие треба да бидат избрани според знаења и стручност, по спроведено тестирање, едукација од неколку дена и полагање по завршувањето. И сосема на крајот, како ќе се применуваат Законот и методологијата при спроведувањето на терен, бидејќи и од тоа зависат веродостојноста и квалитетот на податоците. Сето ова значи дека е голема одговорноста на Државниот завод за статистика, кој целокупната активност во соработка со надлежните институции, во согласност со Законот за попис, ја има таа задача без контрола на друг субјект, или не постои Државна пописна комисија.

М-р Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика и демографски аналитичар