Што добивме, а што загубивме

423

Преспанскиот договор – една година потоа

Една година потоа, македонските граѓани може јасно да проценат што добија или што изгубија во целиот тој процес. Оцените се поделени. Некои сметаат дека сме добиле многу, други дека сме изгубиле многу итн. Една народна мудрост вели дека ползата и штетата се сестри. Се однесува ли тоа и на Македонија и како да се процени? Она што е неодминлив факт е дека промените иницирани од Преспанскиот договор уште долго ќе бидат предмет на дебати во земјата и пошироко

Се наврши една година од потпишувањето на, како што некои го нарекуваат, историскиот Преспански договор, а прашањето што денес се наметнува е дали и што добивме со овој документ за овој едногодишен период.
Факт е дека деценискиот проблем за името со Грција беше главниот кочничар на евроинтеграциските процеси на земјата, па со право очекувањата по неговото решавање беа големи. Но не само очекувањата, туку и заложбите и ветувањата што доаѓаат од целокупната меѓународна заедница, која силно застана зад овој договор.

Една година потоа македонските граѓани може јасно да проценат што добија или што изгубија во целиот тој процес. Оцените се поделени. Некои сметаат дека сме добиле многу, други дека сме изгубиле многу итн.
Она што е неодминлив факт е дека промените иницирани од Преспанскиот договор уште долго ќе бидат предмет на дебати во земјата и пошироко. Во таа насока и по повод годишнината од договорот од Нивици, вреди да се потсетиме на најзначајните сегменти што ги предизвика тој.

Една година подоцна, повторно плажата кај преспанско Нивици е пуста, ги нема црвените килими, знамињата, глисерите и дотераните политичари, а локалното население од обете страни на границата се соочува со истите секојдневни проблеми.
Омекна и реториката околу Преспанскиот договор. Опозицијата во земјава од одлучно неприфаќање на новата реалност, односно новото уставно име Република Северна Македонија, сега има попрагматичен пристап – договорот е потпишан меѓу две влади и не може да го менува некоја нова влада, но интимно за нас ќе си остане Република Македонија. И во Грција е слично. Тамошната опозициска Нова демократија, која сè поизвесно е дека ќе победи на претстојните парламентарни избори во земјата закажани за 7 јули, отворено кажа дека ќе го почитува договорот, но предупреди дека ќе ја блокира Македонија во секој момент доколку почувствува какви било изблици на иредентизам.

Македонија навистина доби покана за полноправно членство во НАТО, а ратификацијата за нашиот пристап во Алијансата е завршена во речиси половина парламенти на државите-членки на Северноатлантскиот пакт. Според некои најоптимистички прогнози, можеби Македонија ќе стане 30-та членка на НАТО до крајот на годината, ако не, в година сигурно. Од друга страна, иако очекуван, па и ветуван од страна на меѓународната заедница, датумот за почеток на пристапните преговори со ЕУ не дојде и покрај тоа што се потпиша договорот со Грција, а земјава стана рекордер според бројот на позитивни препораки и ветувања за датум.

ШТО СМЕНИВМЕ

Првите обврски што стигнаа со Преспанскиот договор беше да се променат таблите на граничните премини и на нив да биде испишано новото уставно име. Обврската беше експресно исполнета и од средината на февруари на влезот во државата стојат таблите со натпис „Република Северна Македонија“.

Покрај тоа, граничните служби на патните исправи на македонските граѓани започнаа да ставаат печат на кој пишува „сопственост на Република Северна Македонија“, додека за возилата се доделуваат лепенки со кратенката НМК, со кои треба да се покрие сината лента на регистарските таблички на кои беше впишан кодот МК, поради што македонските возила беа честа цел на грчките вандали. Од вчера МВР при регистрација на возилата започна да ги издава новите регистарски таблички со кратенката НМК.
Потоа во март следуваа промените на имињата на 136 државни институции, каде што придавката „македонска“ беше променета со „национална“. Пред посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на почетокот на април владината зграда осамна со новото име „Влада на Република Северна Македонија“.

Фото: Игор Бансколиев

Претходно беа променети и имињата на сите интернет-страници на министерствата, меморандумите, штембилите, а единствено пркосеше таблата во претседателската вила на Водно, каде што поранешниот претседател Ѓорге Иванов одбиваше да го прифати новото име. Оваа табла беше променета неодамна по доаѓањето на Стево Пендаровски на претседателската функција.

Во меѓувреме, грчката Канцеларија за врски во Скопје стана амбасада, исто и нашата канцеларија во Атина. Грчката Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Битола стана Генерален конзулат, исто како и македонската канцеларија во Солун. Грчкиот парламент гласаше и за нацрт-законите за повторно отворање на граничниот премин Маркова Нога и Мајдан, а првпат грчки воени авиони кон крајот на мај го надлетаа македонското небо, како дел од договорот за заштита на небото како идни НАТО-сојузници.

Грчката авиокомпанија „Ејџиан ерлајнс“ воспостави авионска линија Атина – Скопје, а неодамна сезонски профункционира и комбинираниот железничко-автобуски превоз Скопје – Солун.

ШТО ЌЕ СЕ МЕНУВА ДОПРВА

Кон крајот на годината треба да започне и издавањето на новите патни исправи, а најдоцна до 2024 година сите пасоши треба да бидат со новото име.
Новите банкноти со името „Народна банка на Република Северна Македонија“ треба да се појават на почетокот од следната година, а потоа сукцесивно ќе бидат менувани најдоцна во рок од пет години од отворањето на релевантното ЕУ-поглавје. Претстои и период на преглед и ревизија на учебниците, статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктура и доколку се однесува на античката хеленска историја и цивилизација како дел од историското наследство на Грција, ќе треба да се коригираат написите.

ОЧЕКУВАЊА, ВЕТУВАЊА…

Пред потпишувањето на Преспанскиот договор, но и претходно, меѓународната заедница инсистираше дека решавањето на проблемот за името е главниот услов земјата да добие покана за членство во НАТО и да добие датум за почеток на пристапните преговори за влез во ЕУ.

– Имаше спор, мораше да се најде решение за тој спор. Затоа, прашањето на НАТО и решението на тој спор се многу тесно поврзани, бидејќи знаеме дека нема сите членки да гласаат за прием на вашата земја во НАТО, ако ова не биде решено – изјави германската канцеларка Ангела Меркел во септември минатата година, за време на посетата на Скопје, а во пресрет на референдумот за името.

Неполна година подоцна, Меркел „ја промени плочата“.
И францускиот претседател Емануел Макрон ја истакнуваше потребата од решавање на проблемот за името, како неопходност од која зависи приемот на земјата во НАТО и во ЕУ, а во видеообраќањето пред референдумот ја истакна важноста од постигнувањето на овој договор.

Девет месеци подоцна, францускиот претседател се двоуми околу датумот за Македонија и на целиот пристап му дава една поширока регионална слика.
Се чини дека единствено НАТО си остана на зборот, бидејќи во континуитет од 2008 година, од самитот во Букурешт, без да се крие зад дипломатски двосмислени изјави, во континуитет повторуваше дека по решавањето на проблемот за името со Грција, земјата ќе добие покана за членство во Алијансата. Тоа и се случи, а во моментот речиси половина земји-членки на НАТО го ратификуваа пристапниот договор со Македонија.


Што направи Грција изминатава година

Заминување или исфрлање на пратениците од нивните матични партии, губење на пратеничките групи во парламентот, распаѓање на владината коалиција, една година по договорот од Преспа, грчката политичка сцена претрпе драстични промени, за кои пишува и грчкиот весник „Катимерини“. Пред една година се стави крај на речиси тридеценискиот спор меѓу Скопје и Атина, а во меѓувреме Коѕијас поднесе оставка како шеф на грчката дипломатија. Но дали Грција направи некои измени, дали се придржува до тој договор, за разлика од нас што до буква го спроведуваме потпишаното. Се чини дека единственото нешто што досега го направи Грција е само ратификацијата на протоколот за наше членство во НАТО, и толку. Грција дури не ги промени ниту сообраќајните табли во својата земја на кои сѐ уште стои ФИРОМ. Од друга страна, „Катимерини“ пишува за политичката состојба во Грција односно за предвидувањата во пресрет на изборите, кои, меѓу другото, се поврзани и со Преспанскиот договор.

Некои се задоволни од договорот за името или со одредени социјални политики, но не можат да го проголтаат менталитетот што, на пример, многу добро беше прикажан во аферата „Новартис“ или, пак, авторитарниот однос на многумина од највисоките функционери на СИРИЗА. Според „Катимерини“, доколку треба да се направи обложување, предвидувањата се дека на крајот неопределените гласачи ќе гласаат за Нова Демократија, иако со тешко срце, бидејќи сакаат оваа влада да замине. Потоа поголемо влијание ќе посветат на владеењето на Мицотакис и како се однесува Ципрас во опозицијата и дали создава нешто повеќе енергично и убедливо, кај центарот и левицата. Како што напоменува „Катимерини“, овие гласачи се цврста група, и токму поради тоа тие имаат толкава голема вредност. Преспанскиот договор има голема поддршка од меѓународната заедница, која го оценува како своевиден пример за решавање спорови, во регионот, но и во светски рамки, а поради него нашата држава во последниот извештај на Европската комисија беше наречена светол пример во регионот.