Шекеринска: Течат консултациите за претседателски кандидат на СДСМ

120

Процедурите и роковите се познати, а одлуката СДСМ ќе ја донесе на 3-ти март на конгрес. Во меѓувреме течат дискусии, консултации и анализи, а сега сме фокусирани на главните државни прашања, одговори денеска вицепремиерот и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на новинарско прашање во врска со политичките случувања за претседателските избори и ставот на СДСМ за нивниот кандидат.

Шекеринска, која денеска ја посети касарната во Тетово, нагласи дека сака заедно со своите колеги да не паднат во старата замка каде партијата ќе се измеша со државата и оти не сака премногу да плива во политичките води во услови кога денешната посета е во улога на министерка за одбрана.

– Успеавме да дојдеме до потпишување на Протокол за пристапување во НАТО, успеваме да ги решаваме овие клучни проблеми  и очекуваме дека следната недела ќе бидам првиот наш министер што ќе учествува заеднички со останатите колеги на еден министерски состанок  на НАТО на највисоко ниво и тука ја трошиме најмногу енергијата, изјави Шекеринска.

Во однос на изјавата на претседателот на ДУИ Али Ахмети дека нема да го поддржи кандидатот на СДСМ, Шекеринска рече дека за неа коалициите се партнерства и оти никој никому не може да му даде бланко поддршка.

– Не само со нашиот владин коалициски партнер, туку и внатре во нашата коалиција со која настапивме на изборите ќе имаме отворени разговори со сите партии. Не веруваме во приврзоци, туку веруваме дека коалициите и партнерствата се да се сосолушаме, да разговараме и да го најдеме најдоброто решение не за Владата, туку за Македонија, рече Шекеринска.