Шекеринска: По Самитот на НАТО ќе се прецизира референдумот

395

Фокусот на Владата во моментов е насочен кон Самитот на НАТО, закажан за 11 и 12 јули во Брисел, со цел да се елиминира секоја можност за какви било отворени прашања и проблеми, а откако Македонија ќе ја добие долгоочекуваната покана, енергијата ќе биде насочена кон референдумот за договорот со Грција.

Ова го порача денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали постои усогласеност во владината коалиција, околу референдумот за договорот од Преспа.

– Навистина фокусот ни е да направиме се во 2018 да го добиеме она што го испуштивме во 2008 година. Во меѓувреме разговараме, се консултираме со правници, се консултираме со експерти и очекуваме по Самитот на НАТО за оваа тема да се носи одлука таму каде што треба, а тоа е во Собранието на РМ, рече таа.

Додаде дека во коалицијата постои целосно усогласен став, а тоа е дека е потребно одржливо, квалитетно решавање на проблемот, кое на вистински начин ќе ни ги отвори вратите за ЕУ и НАТО.

– Ова решение сметаме дека можно е не само преку двотретинска поддршка во Собранието, туку и преку силна изразена волја на граѓаните на оваа држава – дека сакаат членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, рече таа.

Во врска со природата на референдумот, условите, нагласи оти Владата не сака да импровизира во јавноста.

– Ги правиме сите анализи и веднаш штом ќе имаме официјално решение ќе излезе со предлог. Одлуката се разбира е на Собранието и очекуваме таа да биде потврдена. Сметаме дека на ваков начин ќе ги избегнеме политизациите на процесот, нагласи Шекеринска.