Членките на ЕУ ја поддржуваат новата методологија за проширување

265

Советот за општи работи на ЕУ на состанок во Брисел ја поздрави изменетата методологија на процесот на пристапување во ЕУ и порача дека очекуваат позитивни одлуки во март за да се продолжи со процесот на проширување на Западен Балкан.

– Постои голема поддршка за ангажман за ревидирана методологија, отворање пристапни преговори за Северна Македонија и Албанија и фокусирање на економскиот развој и владеење на правото во регионот – рече потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчовиќ.

Состанокот на Советот на министрите за општи и европски прашања помина во знак на подготовка за самитот на лидерите на ЕУ во март, кој, меѓу другото, треба да се врати на прашањето на политиката за проширувањето со цел повторно да се обиде да постигне консензус за отворање на пристапните преговори со Македонија и Албанија.

Комесарот за проширување, Оливер Вархељи, ги информира европските министри за предлогот на Комисијата за изменетата методологија за пристапување во преговорите.

Германскиот државен секретар за Европа, Мајкл Рот, кој присуствуваше на состанокот, рече дека официјален Берлин го поддржува овој предлог на Европската комисија.

– Предлогот, од една страна, дава јасна посветеност на перспективата на ЕУ за Западен Балкан, а од друга, јасно се фокусира на основните вредности на Унијата, како што се демократијата, владеењето на правото, помирувањето во регионот и почитувањето на етничките, верските и сексуалните малцинства – вели Рот.

Министрите за општи и европски прашања повторно ќе се состанат пред самитот на лидерите на ЕУ во март за да ги утврдат препораките што ќе им помогнат на шефовите на државите и владите во расправата за политиката и продолжување на процесот со проширувањето на Западен Балкан.