Чист датум или нов хибриден изговор

362
Фото: Дарко Андоновски

На помалку од еден месец пред одлуката за доделување датум за почнување преговори со ЕУ, во домашната и во меѓународната јавност кружат неколку претпоставени сценарија во однос на Македонија. Кои се тие и што претполагаат

Додека македонските надежи се свртени кон Брисел во исчекување на 15 октомври земјава да добие чист датум за почеток на преговори за членство во Унијата, сепак како во домашната така и во странската јавност кружат разни сценарија и информации дека Македонија многу веројатно нема да добие целосно чист датум од ЕУ следниот месец. Едни од сценаријата што во последно време се лиферувани во странските медиуми е дека, сепак, Брисел подготвува терен на македонската влада да ѝ соопшти дека постои опасност од недоделување чист датум за почеток на преговорите следниот месец, односно можно е да дојде до негово повторно одолжување и пакување во некаквоси ново „хибридно“ решение, кое би ни се претставило подоцна годинава, во зависност од реформскиот напредок на земјава.

Од друга страна, некои од домашните медиуми повикувајќи се на дипломатски извори од седиштето на ЕУ, велат дека Македонија сепак во заклучоците на Советот на ЕУ на 15 октомври ќе има прецизен датум за преговори, но Советот, најверојатно, ќе донесе референца тоа да се случи во текот на претстојното хрватското претседателство со Унијата.

Во исто време работите, сепак, се најјасни со одлуката што треба да ја донесе германскиот парламент за да ѝ овозможи на владата на Ангела Меркел да се согласи, на ниво на ЕУ, со почеток на преговори со земјава. На интернет-страницата на Бундестагот веќе е јавно достапен дневниот ред за следното пленарно заседание. Точката за Македонија и за Албанија е планирана за 26 септември навечер. Оставени се 45 минути за дебата, од која не се очекуваат неповолни изненадувања, барем не за земјава. Според сите изјави што деновиве доаѓаа од Берлин, мнозинството во германскиот парламент е за отворање пристапни преговори со Македонија. Спротивно од ова, пак, во своја анализа за добивањето датум за преговори, францускиот медиум „Франс 24“ пишува дека одлуката дали во октомври да започнат официјални разговори со Македонија останува на земјите-членки на ЕУ и на нивниот нејасен возен ред, а не на Советот. Според пишувањата на францускиот медиум, иако Македонија очекува награда по тешкиот дипломатски компромис што вклучуваше и промена на името за решавање на спорот со Грција, договор што исто така го отвори патот кон НАТО, внатре во Унијата затскривајќи се зад Франција, Холандија и другите земји-членки се двоумат околу почнувањето на преговорите со земјава од следниот месец. Во анализата уште се наведува и дека токму поради некои примени држави во ЕУ, како Бугарија и Романија во 2007 година, кои тогаш имаа проблеми со корупција и владеењето на правото, не треба да се брза сега со примањето на новите идни членки, додека проблемите кај нив не се надминат, алудирајќи на Македонија.

Во однос на (не)принципиелноста на ЕУ, во однос на сопствените критериуми за проширување, професорот Атанас Козарев, познавач на состојбите во ЕУ, оценува дека Европејците се „креативни“ кога станува збор за наоѓањето изговори. Според него, македонското искуството во евроинтеграциите, поучува дека добриот извештај на ЕК и препораката за почеток на преговорите не се доволни Советот на министри на ЕУ конечно да одреди и датум за почеток на преговорите. Дотолку повеќе што последниот извештај на овој состав на ЕК, кој има мандат до октомври, а во самата Унија веќе се прават коалиции и се бараат решенија за новиот состав на комисијата, која и не е толку наклонета на проширувањето во ЕУ.

– Не може а да не се исклучи веројатноста дека кај одредени земји-членки во одлучувањето ќе влијае аферата „Рекет“, односно за нив се пресудни владеењето на правото и правната држава овде. Во исто време знаеме дека официјален Париз веќе подолго време говори дека треба да се разгледува проширувањето, но најпрво прашањето на реформите во ЕУ. Тоа е став дека ние реално влијаеме во креирањето на внатрешната политика и проблеми во ЕУ и оттаму тоа значително ни ги зголемува шансите и овој пат да ни биде одолжен датумот со нов изговор, иако земјава ги заврши своите обврски, според мене, во целост. Во тој поглед, за проширувањето Унијата е непринципиелна, односно постапува во спротивност на сопствената стратегија за кредибилно проширување, според кое напредокот и постигнувањата на секоја земја се оценуваат и наградуваат со влез во Унијата наместо како кај нас со ново одолжување и постојано наоѓање нови хибридни изговори – оценува Козарев.

Во меѓувреме за очекувањата од претстојниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, кој треба да се одржи во Луксембург на 15 октомври и да се решава дали ќе се одобри почеток на преговорите за членство со Македонија, побаравме став и од македонското министерство за надворешни работи. До затворањето на денешното издание на весникот од МНР не добивме одговор какви се очекувањата во однос на ова прашање и во врска со претходно споменатите сценарија што кружат во јавноста.

Фото: Игор Бансколиев

de[email protected]