Четврти конгрес на ДОМ, единствен кандидат за претседател Маја Морачанин

364

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) денеска го одржува четвртиот партиски конгрес под мотото „Зелени вредности – наша трајна визија“, на кој единствен кандидат за претседател е Маја Морачанин, оттако досегашната претседателка Лиле Поповска, која во три мандати ја водеше партијата, одлучи да се повлече.

Поповска пред почетокот на конгресот изјави дека со мирна душа ја остава партијата на следните генерации кои, како што рече, имаат капацитет да продолжат со ист ентузијазам како и досега. Таа вели дека не е уморна од политиката и водењето на партијата, туку оти три мандати на нејзино чело се сосема доволни.

-Во политика не се влегува ни за да ти биде убаво, ниту си одиш ако си уморен. Во политиката влегуваш и остануваш затоа што имаш внатрешен порив да завршиш нешто, да направиш нешто добро за земјата, но, трет мандат е доволно. Јас ќе се повлечев и минатиот мандат, така и разговаравме, но тоа беа многу турбулентни времиња, беше започната политичката криза, а ДОМ беше започнат со излегување од тогашната коалиција, рече Поповска.

Таа рече дека партијата продолжува со борбата за зелените вредности кои, како што рече, не се само еколошка борба, туку и борба за демократија, човекови права, еднакви можности за сите и недискриминација, затоа што само во едно демократско општество може да се бориш за животната средина и зачувување на здравјето на граѓаните.

Во изминатиот период, според Поповска, ДОМ успеал да затвори еден цел циклус од иницијатива за формирање на партијата пред 12 и пол години, преку формирање структура, идеолошко профилирање и влез во европските зелени.

– Горда сум што го изодев патот заедно со моите колеги, затоа што верувавме во зелените вредности и имавме сила да се бориме со сите бури кои наидуваа на патот и да излеземе како партија – автентичен политички субјект. ДОМ е стабилна партија, спокојна ми е душата, има извонредни кадри и ќе продолжи со јак ентузијазам и посветеност како и досега, рече досегашната претседателка на партијата.

Таа посакува во иднина мирни времиња за Македонија, за да се спојат и сплотат сите по разни основи, да нема делби, и како што рече, да се насочиме сите заедно кон евроинтеграциските процеси, затоа што тоа е наша иднина.

На седница на Централниот одбор на ДОМ, на 21-ви овој месец,  Маја Морачанин беше едногласно утврдена како кандидат за претседателка на партијата четвртиот конгрес.