Честитки од меѓународната заедница

385

Меѓу реакциите со поддршка на договорот се и оние од ЕУ, НАТО, САД, Русија и многу други

Веднаш по објавувањето на договорот за решавање на спорот за името во Скопје и во Атина, пристигнаа и првите реакции и честитки за двајцата премиери, Заев и Ципрас, но и со ветувања дека патот за Македонија кон ЕУ и кон НАТО сега е осигурен. Најпрво се јави посредникот Метју Нимиц, кој по две децении посредување дочека успешен крај на преговорите и им честиташе на двете страни.
– Не се сомневам дека договорот ќе доведе до период на зајакнување на односите меѓу двете соседни земји и особено меѓу двата народа – напиша Нимиц.

Во Европската комисија не го криеја задоволството од постигнатиот договор меѓу Македонија и Грција, па и емитуваа кратко видео од прес-конференциите на македонската и на грчката влада, но и што значи овој договор. Високата претставничка за надворешна политика, Фредерика Могерини, во Европарламентот го искористи своето обраќање на седницата за Грузија, да го поздрави договорот и да им честита на премиерите Заев и Ципрас.

И генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го нарече договорот историски.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, на Твитер порача: „Ви благодарам што невозможното го направите возможно“. И САД го поздравија историскиот договор за решавање на спорот за името

Истовремено и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, изрази надеж дека договорот за новото име на Македонија ќе биде во интерес на Атина и на Скопје и дека ќе го поддржат граѓаните и на двете држави, пренесе Спутник од Белград.
Договорот го поздравија и некои од дипломатските претставници во нашата земја.


Претседателот Иванов одби да ги сослуша Заев и Димитров и ја напушти средбата

По само две минути, претседателот Ѓорге Иванов, го напушти вчерашниот состанок со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој се одржа во претседателската вила, а темата на разговор требаше да биде договорот со Грција. Толку траеше средбата на претседателот, по што Иванов го прекинал разговорот и го напуштил состанокот, одбивајќи да ги чуе нивните аргументи за договорот.

Од неговиот кабинет најавија дека претседателот во текот на денот ќе ѝ се обрати на нацијата и ќе ги соопшти своите ставови. Но до затворањето на весникот претседателот Иванов сѐ уште не го соопшти својот став за договорот со Грција.


Бошњаковски: Грчкиот нон пејпер не соодветствува со договорот

Нон пејперот од договорот за решавање на спорот за името помеѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас што се појави во грчката јавност, според портпаролот на македонската Влада, Миле Бошњаковски, е интерпретација и не соодветствува со оригиналните членови на договорот.

– Во основата на договорот е утврдено како Грција го толкува и поима терминот Македонија. И тие го имаат прифатено тоа како ние како Македонија го поимаме и толкуваме терминот Македонија. Се прави јасна дистинкција меѓу тоа што за нив значи Македонија и тоа е прифатливо за нас, и што тоа значи за нас Македонија и тоа е прифатливо за нив – рече Бошњаковски. Повтори дека ние го задржуваме правото да се именуваме како Македонци.

– Договорот предвидува превод на името „Република Северна Македонија“ на сите јазици. Договорот не предвидува транскрипција на латинично писмо на името „Република Северна Македонија“. Меѓу другото и тоа стоеше во тој документ, што не е точно – рече портпаролот на Владата Бошњаковски. Со договорот, тврди тој, се зачувува македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Во однос на преименувањето на државните институции тие, според Бошњаковски, треба да го следат „духот“ на договорот.