Црно-белиот свет на политичките кампањи

152

На последниот ден (петок 19 април) од изборната кампања, пред почетокот на молкот за првиот круг на претседателските избори, закажан за недела 21 април, се сумираат впечатоците од понудата на кандидатите, но и од нивниот политички пиар и целокупен приод во текот на кампањата.

Првичниот впечаток е дека растрчани по селата и градовите, политичарите се расфрлаат со мноштво најразлични ветувања, додека изминатите десетина дена преку малите екрани се одвиваше една сосема поинаква пиар-кампања, главно темелена на оцрнување на политичкиот противник. Се вртеа спотови со омаловажувачка порака, имаше и обиди за извинувања, но и снимање нови видеопораки со слична содржина за да се привлече вниманието од гласачите и истовремено да се оцрни политичкиот противник. Како да живееме во некој замислен црно-бел свет, во кој реалноста се гледа и претставува со различни очи и различна диоптрија.

Па, така, видовме и пораки за предавство на државата, за лаги на политичарите, за лошо судство, за патриотски оригинал маици, но исто така и пофалби за ЕУ и за НАТО, за европска иднина во пакет со предупредувањата од опасноста за враќање назад итн.
Политичарите и пиар-стратезите за време на кампањата не сакаа ништо да остават на случајноста, или на пример делата да говорат за стореното, туку настојуваа на гласачите да им ги сервираат нивната слика и нивната приказна за состојбите во државата.

Домашната стручна јавност вели дека оваа изборна кампања не понудила ништо ново, туку само покажала дека партиите не се креативни и инвентивни и се без некоја осмислена стратегија за настап.

Па, така, експертите и комуниколозите коментираат дека начинот на водење на кампањите на политичките партии за нивните претседателски кандидати е по малку аматерски и застарен во исто време. Но истовремено додаваат дека, пак, во исто време овој начин на политички маркетинг на кандидатите е профитабилен и затоа нашите политички субјекти одмериле дека тоа можеби е добитната комбинација, со критики и напади кон противникот и фалби за себеси.

Според Синиша Пекевски, пиар-консултант, оваа кампања во споредба со минатото е поразлична единствено поради поголемата употреба на интернетот и употребата на модерните мас-медиуми, но не и пристапот на кандидатите кон граѓаните.

– Самиот начин на комуникација што го гледаме кај кандидатите укажува колку е важен начинот на односите со јавноста. Сегашниот начин односно пристап и подготвеноста на кандидатите низ сево ова време со гласачите и медиумите покажува дека не знаат да комуницираат. Премногу се самоуверени во своите говори што произлегува од нивната професорска позиција што ја имаат во општеството и покажува дека секој е добар во својата област, но не и за потребите на обичниот граѓанин. Кандидатите ретко ги користат пиар-алатките за да бидат сфатени од сите.

Лошиот однос со јавноста што може да се забележи токму преку гафовите и слабите настапи во моментов укажува на фактот дека политичките партии по сѐ изгледа не користат такви услуги, односно недоволно што може да им нанесе и негативен резултат на денот на изборите – објаснува Пекевски.

Според него, многу е важно профилот на кандидатот да се креира секогаш според потребите на граѓаните каде што тој ќе настапува. Поедноставено, треба да се внимава со каков стил ќе им се обраќа на граѓаните на митинзите во фабриките, на плоштадите или на телевизија. Во зависност од аудиториумот да се одбираат облеката, реториката но и политичките пораки. Во спротивно лошото преставување пред јавноста може многу да ги чини политичките партии на изборите.

– Неинвентивните видеоспотови, кои се вртат деновиве на телевизиите и радијата, го потврдуваат мојот став, а тоа е дека политичките партии за време на оваа кампања не соработуваат доволно со лица од пиар-маркетингот – додава Пекевски.

Инаку, досега партиите и нивните кандидати не излегоа во јавноста со информации од типот кој официјално стои зад кампањите на нивните избраници. Дополнително не јасно е дали пиар-маркетингот го вршат лица од партијата или, пак, политичките субјекти плаќаат стручни лица од странство што беше случај во минатото на партиите, кога тие ангажираа и цели специјални тимови што работеа на политичкиот маркетинг за време на кампањите.

[email protected]