Црна листа и санкции за прекршителите на правото

236

Во стратегијата на ЕУ се предвидува во иднина ЕК еднаш годишно да изработува табела со бодувања, во која ќе бидат изложени дејствувањата на европските држави во оваа сфера како и финансиските санкции за земјите-членки на ЕУ што го нарушуваат владеењето на правото

Колку владеењето на правото и функционирањето на правната држава е проблем со кој освен Македонија речиси еднакво се соочуваат и земјите од Европската Унија. Оваа дилема е актуелна во периодот во кој во земјава владеат турбуленции поврзани со оставката на специјалната обвинителка Катица Јанева како и истрагата за рекет и организиран криминал. Од друга страна, во истиот овој период, министрите за европски и надворешни работи на Унијата го разгледуваат новиот предлог на Европската комисија (ЕК) за заштита на владеењето на правото и правната држава во земјите-членки.

Во Брисел, вчера, потпретседателот на ЕК, Франс Тимерманс, на Советот за општи работи започна да го презентира новиот предлог со кој Комисијата треба да го зајакне својот надзор врз владеењето на правото во земјите-членки на ЕУ.
– Во изминатите пет години, Европската комисија (ЕК) се соочуваше со серија предизвици за владеење на правото во ЕУ. Европскиот проект се заснова врз постојаното почитување на владеењето на правото, ова е предуслов за граѓаните да ги уживаат своите права и за заемна почит меѓу земјите-членки – се вели во објаснувањето на ЕК за новите предлог-мерки.

Според информациите публикувани во светските медиуми, ЕК веќе неколку години бара решение, посебно откако состојбата значително со влоши во источноевропските земји-членки како Унгарија и Полска, но мораше да најде решение кое нема да го впери прстот само кон источна Европа.
„Ројтерс“ на темава информира дека новите алатки беа конечно презентирани и предвидуваат воведување годишен механизам за надзор од страна на ЕК, по модел на тоа што веќе постои за надзор на националните буџети.

Американскиот магазин „Политико“, пак, потсетува дека Комисијата би објавувала годишен извештај во кој ќе се разгледуваат сите клучни елементи на владеење на правото како системските ризици во примената на законодавството, независноста на судството, непочитувањето на поделбата на властите, но и способноста на земјите-членки да се справат со корупцијата како и со слободата на медиумите.
– Земјите-членки ќе треба да воспостават национална контакт-точка задолжена за справување со проблемите во владеење на правото – пишува магазинот.
Во анализата се подвлекува дека новиот предлогот на ЕК за подобрување на состојбите на владеење на правото и правната држава се заснова врз три постулати: промоција на култура на правната држава, рана детекција на проблемите и ефикасност на предложените лекови.

Американскиот магазин пишува дека во стратегијата на ЕУ се предвидува во иднина ЕК еднаш годишно да изготвува табела со бодувања во која ќе бидат изложени дејствувањата на европските држави во оваа сфера како и финансиските санкции за земјите-членки на ЕУ кои го нарушуваат владеењето на правото, во рамките на идната европска буџетска рамка за периодот 2021-2027.
Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика е со став дека актуелните процеси кои во моментов се одвиваат во Европската Унија, а се поврзани со процесот на подобрување на владењеето на правото и правната држава, со сигурност можат да послужат како фундамент за подобрување на истите состојби во Македонија.

Според Ристевска-Јорданова, сето она што Брисел го практикува кај државите-членки во делот на зајакнување на владеењето на правото и демократијата, по дефиниција се бара и од државите-пристапнички каква што е Македонија, зашто се очекува да бидат подготвени членки на кои ќе се применуваат истите правила како и за другите.
Според неа, тоа е така бидејќи на овој начин ЕУ со механизам се обидува да го зајакне владеењето на правото внатре и надвор од Унијата.

[email protected]