Ципрас: Посакувам соседот да ги исполни обврските од Договорот

72

Прво соседната земја да ги исполни обврските од Договорот, а потоа, во јануари, февруари, ќе разговараме со коалицискит партнер за да видиме како ќе го придвижиме процесот, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас на прес конференцијата во Брисел по НАТО самитот, во однос на спротивните позиции што ги имаат со Панос Каменос за Договорот од Преспа.

Грчкиот премиер рече дека посакува нашата земја да ги исполни обврските, говореше за „историска интервенција“ и истакна дека е познато дека со коалициониот партнер нема поклопување на ставовите.

– Сега чекаме да видиме дали соседната земја, владата на Скопје, ќе успее да ги исполни обврските што произлегуваат од Договорот од Преспа и посакуваме, јас лично посакувам да успее затоа што е историска интервенција што ги решава долгогодишни проблеми во нашата надворешна политика, а кога ќе успее, во некој момент во јануари, февруари, тогаш ќе разговараме со коалицискиот партнер за да видиме како ќе го придвижиме процесот, онака како што се предвидени обврските од самиот Договор- рече Ципрас на синоќешната прес конференција во Брисел.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на поканата за членство на Македонија во НАТО, грчкиот премиер рече дека е „историски ден бидејќи конечно, по цели 10 години се спроведува фамозната одлука од Букурешт“.

Ципрас упати критики и до грчките опозициски партии во однос на Договорот од Преспа и поканата од НАТО, говорејќи за „длабока хипокризија на опозицијата што ја потценува интелигенцијата на граѓаните“.

– Нова демократија и господинот Мицотакис, но и госпоѓата Генимата, која го следи во чекор, главно решија на изобличен начин да ги истакнат критичните национални прашања, затоа што се нивниот појас за спасување по нивните потонати предвидувања за економијата- рече грчкиот премиер и потенцираше дека овие прашања треба да се третираат со одговорност и сериозност.