Церар: Македонија веќе ги исполнува условите за почеток на преговорите со ЕУ

320

Посакувам Македонија што е можно поскоро да стане дел од евроатлантското семејство и жалам што оваа година не започна со пристапните преговори со ЕУ. Словенија во сите дискусии, го бранеше ставот дека е неопходно да се следи проценката и препораката на Европската комисија, и според нашето мислење, Македонија веќе ги исполнува условите за почеток на преговорите, вели во интервју за МИА шефот на словенечката дипломатија Мирослав Церар.

– Во членството на Словенија во ЕУ и во НАТО, гледам многу предности, како и придобивки. Посакувам, Македонија што е можно поскоро да стане дел од нашето евроатлантско семејство и жалам што оваа година не започна со пристапните преговори со ЕУ. Словенија во сите дискусии, го бранеше ставот дека е неопходно да се следи проценката и препораката на Европската комисија, и според нашето мислење, Македонија веќе ги исполнува условите за почеток на преговорите. Верувам дека во согласност со заклучоците на јунскиот Совет за општи прашања, следната година ќе биде донесена соодветна политичка одлука, вели Церар спроти неговата утрешна посета на Македонија каде со неговото македонски колега ќе присуствува на отворањето на новите простории на Словенечката амбасада во Скопје.

Според него, Словенија е цврсто вклучена во евроатлантскиот процес на Македонија. Посочува дека  поранешниот министер за надворешни работи, Семуел Жбогар, е шеф на делегацијата на ЕУ во Скопје, европскиот пратеник и поранешниот министер за надворешни работи, Иво Вајгл е известувач на Европскиот парламент за Македонија, полковник Зоран Јанкович, член на словенечката војска, ја води Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, додека Словенечката амбасада во Скопје, во период од 2019-2020 година ќе ја преземе улогата на контакт- амбасада на Алијансата.

-Оваа задача ја преземаме како голема одговорност и веруваме во напредокот на Македонија кон членството во НАТО. Подготвени сме и да обезбедиме политичка поддршка за вклучување во ЕУ и  сета потребна експертска помош при преносот на знаења и искуства во иднина, вели министерот Церар.

Владата, додава тој, исто така, покажа кредибилитет и преку ратификување на договорот за пријателство и соработка со Бугарија, а особено со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција.

-И честитам на Владата и на премиерот Заев за храброста и проактивноста за решавање на проблемот со името. Не често, политичарите во регионот  се подготвени да преземат толку голема одговорност и да покажат дека склучувањето на договори и компромиси е позитивен пат кој носи напредок. Мислам дека поддршката која ЕУ ја изрази на Македонија пред референдумот треба да продолжи и затоа ми претставува задоволство да бидам првиот министер за надворешни работи од земјите членки на ЕУ, кој ја посети Македонија по исклучително важниот чекор во гласањето за почеток на уставните промени. Свесен сум дека ова не е лесен чекор за Македонија, но тоа е многу важно за иднината на земјата и благосостојбата на нејзините граѓани, оценува првиот словенечки дипломат запрашан за состојбите во земјата по референдумот.

Запрашан за тоа колку се реални изјавите на опозицијата дека е можно да се испреговара подобар договор за земјата од Преспанскиот, што е став и на грчката опозиција, Церар дециден дека треба да се следи волјата изразена од мнозинството граѓани кои гласаа на референдумот при понатамошниот процес на спроведување на договорот. 

– Од двете страни, од македонската и од грчката, беше потребна голема политичка волја за да се постигне компромис, т.е. Преспанскиот договор. Ставот на Словенија е дека голем дел од оние македонски граѓани кои го оствариле своето демократско право и учествувале на консултативниот референдум, ја потврдија својата силна волја за трајно решение на спорот за името кој со децении ги отежнува односите меѓу соседните држави и го попречува напредокот на Македонија кон евро-атлантските интеграции. Мислам дека изразената волја треба да се земе предвид во понатамошниот процес на спроведување на договорот. Се плашам дека во спротивно, напредокот на Македонија во НАТО и ЕУ ќе биде прекинат. Како резултат, тоа ќе се одрази во економијата и социо-економската состојба на граѓаните, вели словенечкиот министер за надворешни работи Мирослав Церар.