Харадинај охрабрен да ја рециклира идејата за голема Албанија

1581
Фото: Игор Бансколиев

За „внатрешна или надворешна употреба“, импликациите за регионот, но и за Македонија, од најавите за можна промена на границите и присоединувањето на Косово со Албанија се сериозни. Дополнително се отвора прашањето како меѓународната јавност е толерантна кон овие изјави. Ако навистина не се искоординирани, како тогаш меѓународната заедница допушта политичките гафови на албанските политичари да се претворат во „натпревар за демонстрација на мегалодржавни амбиции“, кои ако се стават во контекст со агресивните хегемонистички вербални настапи на бугарските политичари насочени кон нашата земја, стануваат исклучително лош пакет на дипломатска практика што во низа елементи излегува од границите на меѓународното право

Треба ли да нѐ загрижуваат најавите за соединување на Албанија и Косово

Косовскиот политичар Рамуш Харадинај деновиве изјави дека доколку Косово не биде примено во меѓународните организации, можно е да се променат границите и тоа да се присоедини со Албанија. Со тоа, како поранешен носител на високи државни функции на наша соседна држава, а и сѐ уште активен политичар, направи невиден преседан од политичко-безбедносен карактер. Поаѓајќи од фактот дека Харадинај како политичар беше обликуван и лансиран од меѓународната заедница, која до ден-денес го поддржува и охрабрува, ваквата негова изјава дополнително добива на тежина. За „внатрешна или за надворешна употреба“, импликациите за регионот, но и за Македонија, од најавите за можна промена на границите и присоединувањето на Косово со Албанија се сериозни. Дополнително се отвора прашањето како меѓународната јавност е толерантна кон овие изјави. Ако навистина не се искоординирани, како тогаш меѓународната заедница допушта политичките гафови на албанските политичари да се претворат во „натпревар за демонстрација на мегалодржавни амбиции“, кои ако се стават во контекст со агресивните хегемонистички вербални настапи на бугарските политичари насочени кон нашата земја, стануваат исклучително лош пакет на дипломатска практика што во низа елементи излегува од границите на меѓународното право.

На чие конто оди бенефицијата од рециклирањето на идејата за голема Албанија

Познавачите на меѓународната политика и безбедност со кои се консултиравме велат дека изјавите од овој тип може да ги размрдаат духовите на Балканот и додаваат дека излегуваат од усти на политичари што се неодговорни во својата работа.
Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов во својот осврт на случувањата вели дека најавите на формирањето т.н. голема Албанија, кои очигледно јавно ги заговара Харадинај, но е поддржан од некој поголем играч, отсекогаш претставувале закана за регионот, државата, но и пошироко.
– Со најавите за присоединување на едни држави кон други се отвара Пандорината кутија во регионот, каде што потоа би следувало решавање на редица слични состојби, како оние поврзани со Босна и Херцеговина, каде што Република Српска би се присоединила со Србија, а делови од Херцеговина со Хрватска… Оттука, без никаков сомнеж, може да се заклучи дека станува збор за изјава на политичар од Косово што интересите на регионот ги запоставува. Дополнително, во овој случај, но и во безброј други на слични политичари, не препознавам поддршка од меѓународната заедница – вели Трајанов.
Тој смета дека сѐ што е кажано во овој контекст е за локална употреба во Косово за тамошните претстојни избори, во кои шансите за прогрес на партијата на Харадинај се минимални.

– Овие неодговорни изјави на Харадинај предизвикуваат голем проблем и за Македонија и за Грција и за Црна Гора, но тоа наедно подразбира и поширок проблем, бидејќи голема Албанија зафаќа делови од територии на три држави на НАТО – вели Трајанов.
Тој смета дека, сепак, овие констатации треба да се следат со големо внимание во земјата, но не треба безбедносно да нѐ загрижуваат.
– Она што треба да нѐ загрижува е внатрешната употреба на овие тврдења, која е на исто ниво со оние констатации, на пример, на политичарите од Бугарија, како на Красимир Каракачанов, кои во своите пораки не ги имаат вредностите на ЕУ и НАТО и не им посакуваат добро на македонскиот народ и држава – вели Трајанов.
Поранешниот министер заклучува дека изјавите од овој профил и на Харадинај и на Каракачанов, иако минуваат неказнето од меѓународната заедница, треба да се заборават, да не им се дава публицитет, бидејќи очигледно тие не му носат добро никому, освен политичка корист на оние што ги изговараат.

Идејата за голема Албанија неодминлив „адут“ на албанските политичар

Оливер Андонов, професор на Воената академија, вели дека ако се анализира политичкиот профил на Рамуш Харадинај, ќе може да се види дека тој води т.н. битка за живот или смрт на политичката сцена во Косово.
– Па, оттука, според мене, овие изјави се за тамошна употреба и немаат големо значење во меѓународната заедница – вели професорот.
Имено, Андонов додава дека слични националистички изјави од овој профил претходно биле искажувани и од Хашим Тачи, но и од Еди Рама, а тие речиси никогаш не нашле политичка подлога во меѓународната политика.
– Она што е штетно во овие констатации е фактот дека тие вршат политичка националистичка мобилизација за Косово, но истовремено ги размрдуваат безбедносните духови и на Србија, но и на целиот регион – вели Андонов.
Според професорот, за Македонија е битно во овој момент да се изгради национален интерес како државата да реагира на вакви случувања, но и на многу поголеми, кои се однесуваат на релациите со земјата кон другите проблематични настани со соседите, како на пример оние со Бугарија.
– Македонија како членка на НАТО има гарант дека може да се надева на безбедносна заштита од нашите сојузници ако бидеме нападнати, но на внатрешен план ни недостига сеопфатна реакција на сите елементи на нашата држава и нација. Според мене, внатрешните обиди за дестабилизација на Македонија може да дојдат во секој момент и тие се сосема можни, па, оттука, неопходно е да имаме национална согласност за реакција правовремена на овие проблематики – вели професорот.

Менувањето на границите сѐ уште решение за Балканот и за политичари од меѓународната заедница

Емил Димитриев, поранешен заменик-министер за одбрана, пак, додава дека не би требало директно да се коментираат изјавите на политичарите од другите држави, но оние на Харадинај имаат агол на можни регионални импликации и влијание врз состојбите во Македонија.
– Не сум сигурен како ваквите изјави ќе влијаат на преговорите помеѓу Србија и Косово за наоѓање заедничко прифатливо решение и како тие ќе се отсликаат во регионот, но изјавите од овој тип охрабруваат радикализми во регионот, кои се исклучително ретроградни и почиваат на стремежот за големи држави преку процес на прекројување на границите. Многу е лесно да се испровоцираат верижни реакции во повеќе земји од Балканот и наместо да зборуваме за регионални иницијативи на соработки во повеќе области, особено во економијата, ваквите констатации ќе ги воскреснат темите што градат непријателства помеѓу народите – вели Димитриев.
Според него, наместо да соработуваме на теми за интеграција на регионот во НАТО или ЕУ, со овие констатации непотребно ќе се трошат време и енергија на теми што не носат прогрес.
– Каква било иницијатива за прекројување на границите не ѝ одговара на нашата земја и е потенцијална опасност за дестабилизација. Македонија и онака има специфична позиција да одржува добрососедски односи со Србија и со Косово, ваквите најави ја усложнуваат таквата позиција, но имаат капацитет да влијаат и тука – резимира тој.

[email protected]