Хаосот во правосудството е поради немањето знаење и нестручноста

919

Одлуката за куќниот притвор на Јанева со сите рефлексии потоа, се чини, уште повеќе го отворија капакот на Пандорината кутија на македонското правосудство, од која веќе одамна се излезени забелешките за партизираност, подложност на политичко влијание, корумпираност, но и нестручност на човечките ресурси во судството. Многумина коренот на сите овие несимпатични квалификации го лоцираат во стручната неподготвеност и практичното неискуство на вработените во македонскиот правосуден систем

Замената на затворскиот притвор со домашен за поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева ја однесе дебатата во јавноста, за исправноста на оваа одлука на Апелацискиот суд, во сосема неочекувана насока. Главна тема стана меѓусебната СМС-комуникација меѓу јавната обвинителка Вилма Рускоска и судиите од Апелацискиот суд. Но настрана меѓусебните расправии, реакции или закани, кои ги испратија претставници на правосудните органи, токму последните случувања повторно ја актуализираа и дебатата за хроничната нeфункционалност на македонскиот правосуден систем.
Меѓусебната системска некоординираност, раштиманост на што долго време предупредуваат и меѓународната заедница и домашната јавност. Од друга страна, токму тој систем во принцип треба да биде главниот столб на правната држава од кој се очекува да биде гарант за владеењето на правото што, пак, е еден од примарните услови за Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ. Одлуката за куќниот притвор на Јанева со сите рефлексии потоа, се чини, уште повеќе го отворија капакот на Пандорината кутија на македонското правосудство, од која веќе одамна се излезени забелешките за партизираност, подложност на политичко влијание, корумпираност, но и нестручност на човечките ресурси во судството.

Многумина коренот на сите овие несимпатични квалификации го лоцираат во стручната неподготвеност и практичното неискуство на вработените во македонскиот правосуден систем.
– Коренот на проблемот на сета рашомонијада во правосудството, што се манифестира речиси во секој случај, е во пропустите направени во образованието и формирањето на правниот кадар, а потоа во недостигот од искуство на судиите и обвинителите, кои доаѓаат на тие позиции прескокнувајќи искуствени скалила во кариерата. Од Академијата за судии и обвинители излегуваат како од под стаклено ѕвоно. За носење судска одлука е потребно искуствено правно образложение, а не теоретско. Токму неискуството ги прави несигурни судиите во носење на одлуките, што е една од причините да се одложуваат предметите до застареност. Порано за застареност на предмети се разрешуваа судии, а сега тој институт се користи за некои остварување на некои други интереси, секако не во интерес на правото и правдата – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.

Но неискуството и несоодветната стручна подготвеност на правниците, кои само со теоретско знаење стануваат судии и обвинители, сепак не се единствената дијагноза за лошата перцепција на правосудниот систем од страна на домашната јавност, но и од ЕУ. Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние ненапредувањето во реформите во правосудството ги наведе како една од причините за воздржаноста на Франција за доделување датум за почеток на преговорите на земјава со ЕУ.
– Функционирањето на правосудството не е на соодветно ниво и сè уште не е ослободено од канџите на политиката. Наместо партиите да се концентрираат на решавање на проблемите, особено корупцијата, тие се закануваат едни на други. Па затоа, кога бараме време за да одлучиме за истото тоа, значи дека бараме датумот да има попрво содржина, отколку само форма. Треба да има реален, убедлив и сериозен напредок во областа на правосудството – порача амбасадорот Тимоние.

Од друга страна, поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, укажува и на една уставна недоследност на поставеноста на Јавното обвинителство во однос на правосудниот систем.
– Јавното обвинителство во македонскиот устав е дефинирано како самостоен државен орган, но не е дефинирано ниту како правосуден, ниту како судски орган. Тоа значи дека Обвинителството нема судски овластувања, а во практика значи одолжување на судските постапки. Уште посликовито кажано, исказот што сега обвинетата Катица Јанева го има дадено во истрагата пред обвинителката Вилма Рускоска не може да се користи како судски доказ, туку истата изјава Јанева мора да ја повтори и пред судот. Односно ако Јанева не ја повтори истата изјава во судскиот процес, онаа изјава дадена во истрагата на Обвинителството нема речиси никакво значење. За Обвинителството да има судски овластувања треба да биде барем правосуден орган – објаснува судијата Дане Илиев, наведувајќи дека порано истрагите ги воделе истражни судии и изјавите дадени пред нив не се менувале и служеле како судски доказ.
Како пример го наведува искуството од Хрватска, каде што тамошниот Уставен суд, ги оценил како неуставни многу од одредбите во Кривичниот закон, токму поради тоа што Јавното обвинителство било слично регулирано како сега во Македонија, без судски овластувања.

Во поглед на иницијативите и барањата од ЕУ за ветинг во судството, Илиев смета дека не би имало потреба за такво нешто само ако се почитува кодексот за судиите.
– На пример, во САД, доколку како судија добиете одреден предмет, според кодексот, за тоа не смеете да разговарате ниту со колегата. Доколку имате потреба за консултација, мора да се бара дозвола од претседателот на судот и притоа за тоа да се извести и спротивната страна. Навистина и ние имаме усвоено кодекс на судии, но и понатаму продолжува практиката судските предмети да се решаваат на кафиња во судското бифе, што е недозволиво – илустративно ги опишува состојбите во судството, поранешниот судија Дане Илиев.