Хан сонува да биде државник во Македонија

2374

Сугерирајќи недопирливост и непроменливост на Преспанскиот договор, секако, со извежбаниот политички речник својствен за евробирократ, Хан до крајот на својот мандат останува доследен во практикувањето на својот пристап за решавање на македонските политички бури и бранувања, честопати навлегувајќи во надлежностите на државните институции во Македонија

По сила на функцијата, поради поврзаноста на еврокомесарот за проширување и добрососедство, Јоханес Хан, со македонските политички процеси во текот на изминатите години, можеби се создала двонасочна перцепција за одредена блискост (и во Македонија, и кај Хан), па на крајот од неговиот мандат во Европската комисија, тој и несвесно манифестира државнички амбиции во земјава. Или, со други зборови, можеби сака да биде државник во Македонија.
Токму една ваква констатација може лесно да се извлече од изјавите, сугестиите и лекциите што постојано ги дели Хан, кои им се упатени на нашите политичари.

Најновата негова препорака е Преспанскиот договор да не се користи во партиски политички цели.

– Преспанскиот договор е постигнување од историски димензии, признаено од меѓународната заедница. Тој испраќа позитивен сигнал до целиот регион дека помирувањето во Западен Балкан е можно со политичко лидерство и со ориентација кон иднината. Се надевам дека ова достигнување нема да биде жртвувано поради партиски политички причини.

Во интерес на земјата е ова остварување да биде неповратно, како и реформите направени во клучните приоритетни области. Време е политичките лидери на Западен Балкан да размислуваат на долгорочен стратегиски начин, т.е. што е најдобро за нивните земји и граѓани, наместо да ги следат партиските политички размислувања – порача еврокомесарот Јоханес Хан, во едно од своите последни интервјуа за македонските медиуми.

Сугерирајќи недопирливост и непроменливост на Преспанскиот договор, секако, со извежбаниот политички речник својствен за евробирократ, Хан до крајот на својот мандат останува доследен во практикувањето на својот пристап за решавање на македонските политички бури и бранувања, честопати навлегувајќи во надлежностите на државните институции. Своевремено, на почетокот од 2016 година, Хан од Пржино (во една од епизодите на пржинските преговори, меѓу тогашните власт и опозиција) речиси распиша предвремени парламентарни избори, одредувајќи го и датумот – 30 април, прескокнувајќи го македонското собрание, во чија надлежност е таквиот чин.

Понатамошниот тек на настаните ги „осуети“ плановите на Хан и изборите се одржаа дури во декември истата година, но остана запаметена неговата „препорака“. Во сличен дух беше и изјавата за креирање двотретинско мнозинство во Собранието за усвојување на Преспанскиот договор, кога кажа дека е прифатливо тоа да се постигне и на „балкански начин“. Доследноста на Хан во заштитата на неприкосновеноста на Преспанскиот договор продолжува и со „препораката“ тој да не се користи во претседателската кампања. Но како гледаат аналитичарите на ваквите директиви и сугестии од Хан, кои се однесуваат на македонските работи.

– Преспанскиот договор е легитимна тема за претседателските избори и не може да се пренебрегне дека откако е потпишан е во фокусот на политичкиот интерес на јавноста. Секако, тој претставува најкрупниот политички момент, кој ја преодредува дефиницијата на Македонија како држава. Не се сомневам дека тој ќе продолжи да биде тема и понатаму, на изборите што следуваат. Конечно, на избори е легитимна секоја тема што го допира интересот на граѓаните на таа држава, освен теми што се во спротивност со етиката. Освен тоа, Преспанскиот договор во оваа претседателска кампања не е само предмет на критика на кандидатката поддржана од опозицијата, туку е содржан и во програмата и настапите на кандидатот на владејачката коалиција.

Имено, цел корпус на политики што има намера да ги спроведува власта, односно нејзиниот кандидат за претседател се темелат токму на Преспанскиот договор. Во таков контекст, изјавата на Хан, кој е на крај од својот мандат како еврокомесар, би сакал да ја прифатам како негово право да се вклучи во претседателската кампања со препораки, со оглед на претходната инволвираност во политичките процеси. Но неговите препораки, секако, немаат врска со надлежностите на државните институции во Македонија – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Покрај „упатствата за заштита“ на Преспанскиот договор, Јоханес Хан апелира и до претседателот на државата, Ѓорге Иванов, кој е веќе навлезен во последниот месец од својот мандат, да не влијае на веќе започнатите судски процеси, пред сѐ мислејќи на можноста за аболиција на осудените учесници во настаните од 27 април 2017 година.
– Како и во претходните слични пригоди, можам само да апелирам до претседателот во заминување да не се меша во тековните судски постапки – изјавува Хан.

Иако и двајцата (Иванов и Хан) се на крајот од своите мандати, еврокомесарот и понатаму упатува препораки што се однесуваат на надлежностите на една висока државна институција, како претседател на држава. Но може ли еврокомесар да кажува што треба да прави еден претседател на држава.

– Темата за можната аболиција од страна на претседателот Иванов, е многу хипотетичка, иако се експлоатира во македонската јавност во последно време. Од кабинетот на претседателот нема никаква индикација за размислување на таа тема, така што секаква расправа и препорака однапред е хипотетичка. Па, така, и овој апел на Хан може да се толкува во рамките на правото за свое мислење, но секако не треба да влијае на надлежностите и одлуките на претседателот на државата – вели аналитичарот Божиновски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева