Хан: Очекуваме скринингот да заврши до следното лето

102

Еврокомесарот за проширување на вториот ден од подготвителниот скрининг со Македонија порача дека почетокот на овој процес е знак за силната заложба на Европската Унија кон Македонија и Албанија и дека очекува оваа фаза да заврши до следното лето за првата меѓувладина конференција да се одржи наесен 2019. Со тоа и официјално треба да започнат преговорите за членство со ЕУ.

Сепак, истакна Хан, преостанува уште многу реформска работа до таа цел, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Нашите односи влегоа во одлучувачка фаза, ова е процес што ќе ве направи способни да ги спроведете реформите за еден ден да станете членки на нашата голема европска фамилија, рече Хан, додавајќи дека ова е само почетокот и дека тешка работи претстои пред сите страни.

Македонија и Албанија во јуни годинава добија условен датум за старт на преговори за членство во Европската Унија. Поставените услови за двете држави се позврзани со владеењето на правото. Токму владеењето на правото е областа со која започнуваат преговорите со ЕУ, како и дводневниот подготвителен состанок што се одржа овие два дена во Брисел.

Отварењето на скринингот со Европската комисија, според Хан, е доказ за заложбата на ЕУ кон овие две земји, со тоа што и покрај условеноста на стартот на преговорите, Европската комисија “не губи време“. Другите земји кандидати до сега не ги започнувале подготвителните состаноци пред да добијат зелено светло за преговори.

Скрининг фаза трае помеѓу година и година и половина пред да почне отворањето на поглавјата.

Обраќајќи се пред преговарачките тимови од Македонија и Албанија, комесарот Хан повтори дека овие состаноци се доказ за европската заложба.

-Целосно сум свесен за комплексноста на задачата, почнуваме да се подготвуваме за преговори, затоа е календарот толку набиен за наредните месеци. Имаме намера да побараме зелено светло во јуни идната година, ова е амбициозен датум затоа што подготвителната работа треба да се направи, а таа обично трае година до година и половина.

Хан и порача на администрацијата дека смета на неа како и на службите на Европската Комисија.

Комесарот оцени дека процесот ќе донесе позитивна конкурентност во регионот и додаде дека сегашните првенци, Србија и Црна Гора, немаат гаранции дека ќе стигнат први до финишот.

Хан побара од инволвираните во процесот, како земјите кандидати, така и Европската комисија, подобро да комуницираат со јавноста за оваа фаза. Тој посочи дека е свесен за отпорот на дел од јавноста кон Европската Унија поради што таа многу бара на реформски план.

– Мнозинството луѓе имаат отпор кон реформите затоа што реформите значат дека не знаете што ве чека зад следниот агол, додека други сакаат да се мешаат во нашиот процес презентирајќи алтернативи кои не бараат промени. Потребата од реформи не е секогаш добро перципирана, но треба да се комуницира за бенефитите и позитивните последици, рече Хан пред адмнинистрацијата.

Тој истакна дека овој процес на зајакнување на владеењето на правото е пред сѐ во служба на граѓаните.

Вицепремиерот за европски работи и главен политички преговарач со ЕУ, Бујар Османи, му се заблагодари на комесарот Хан и на високата претставничка Федерика Могерини за нивната поддршка во евроинтегративниот процес за Македонија.

Македонија испишува историја во текот на овие два дена кога владината делегација прецизно го прегледува поглавјето 23, рече Османи.

-Вчера формално започна скриниг процесот, неговата прва фаза или објаснувачки скрининг , навистина ова е моментот кој долго го чекаме и за кој се подготвуваме, рече главниот преговарач и додаде дека Македонија неповратно се движи кон членство во ЕУ.