Хан најави уште подолготрајни преговори со ЕУ

434
Фото: Игор Бансколиев

И додека Брисел сѐ уште ја одмерува својата стратегија за земјите од регионот, а секоја држава посебно веќе ги крои своите позиции, планови и рокови, „подгревајќи“ ги своите амбиции на патот кон полноправното членство во Унијата, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан деновиве ги „олади“ тие очекувања на земјите-аспиранти, вклучувајќи ја и нашата, велејќи дека пристапните преговори за Балканот во иднина ќе траат многу подолго од претходно. Ваквата изјава на комесарот за проширување Хан, дадена за австриските медиуми, беше образложена со тоа дека Унијата извлекла поука од досегашните пристапни процеси, а членствата на земјите како што се Унгарија и Романија покажале многу нешто. Во иднина ќе се чека подолго и ќе се бараат квалитетни реформи пред да се отворат вратите кон европското семејство.

– Квалитетот пред брзината. На крајот од болниот процес граѓаните сакаат владеење на правото, како што се покажа на протестите во Романија против корупцијата. Процесите што ги поттикнуваме во Западен Балкан би требало да добијат многу поголемо ниво на неповратност кога станува збор за воспоставување владеење на правото и борба против корупцијата – вели Јоханес Хан.

Еврокомесарот Хан и на својата последна посета на Македонија јасно стави до знаење дека промената на името не е единствениот услов за влез во ЕУ и потребни се темелни реформи, на кои мора многу да се работи.

Во меѓувреме, Македонија во јуни не доби чист датум за преговори, а пред европската порта ќе треба да почека до наредната година налето, кога во меѓувреме треба да ги исполни сите забелешки од Брисел. Дотогаш, за да бидат отворени преговорите, земјава најпрво мора да исполни четири услови. Пред сѐ, да го имплементира договорот со Грција, да ги спроведе итните реформски приоритети, да добие позитивен извештај од Европската комисија и, на крајот, да почека на одлука од Советот на ЕУ. Паралелно на ова, во рок од нецела година, во земјава целосно ќе треба да се реформираат црните точки што се услови за Брисел да ни даде датум: судството, администрацијата, борбата со корупцијата и безбедноста. Во таа конотација беше и изјавата на министерот за надворешни работи Никола Димитров во средата, пред членовите на Комитетот за надворешни работи на ЕП, каде што тој кажа дека Македонија се движи напред според планот 369, кој, според него, направил прогрес во реформскиот процес.

Од деветте области што биле во фокусот на ЕК во извештајот од април, Владата направила добар прогрес во пет од нив.

– Не бараме скратени патишта или незаслужени награди. Но би сакале успешните приказни и шанси да бидат соодветно валоризирани и искористени, особено во време кога на регионот, но и пошироко, му требаат такви примери – кажа Димитров.
Иако Македонија според многу западни извештаи и тврдења е речиси единствена држава на Балканот чија демократија напредувала во последната година, проблемот со наметнатиот спор од Грција неформално повторно се издигнува на ниво на услов без чие исполнување не се може (conditio sine qua non) за почеток на преговори со ЕУ, коментираат некои од аналитичарите.

Звучи апсурдно и парадоксално, но Македонија е надвор од ЕУ и од НАТО поради чисто билатерално прашање, а многу други држави, меѓу кои и Грција, беа примени во истите овие сојузи и без решени прашања со соседите и со многу поголеми проблеми. И покрај исполнувањето поголем дел од реформскиот процес на Владата именуван како 3-6-9, решавањето на спорот со Грција се наметнува како горчлив услов за почеток на преговорите и за конечен влез во Унијата.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски неколкупати во изјава за „Нова Македонија“ по ова прашање вели дека не е изненаден од ваквиот развој на политиката на Брисел кон Западен Балкан. Според него, постојат добро познати причини поради кои Македонија не е во ЕУ досега.

– Во кои било преговори ако на едната страна ѝ се брза, другата поставува неприфатливи услови. Тоа е класика и во неа нема варијации. Во конкретниот случај, францускиот претседател Макрон пред неколку месеци јасно кажа дека нема проширување туку следуваат реформи во Унијата. Тој не е кој било и по многу нешта го презеде водството во Брисел од Меркел – смета Никовски. Поранешниот дипломат е дециден дека Македонија нема да влезе во ЕУ пред 2030 година. Според него, најверојатно, околу 2025 година ќе ја примат само Црна Гора, која ништо не менува, а ќе биде доказ дека проширувањето не е целосно мртво. За сите други пред 2030 година нема никакви шанси за влез во ЕУ.

Слично размислува и професорот Јове Кекеновски. Според него, ваквата изјава на Хан е оправдана и се темели на неодамнешните тврдења на францускиот претседател Макрон, кој јасно истапи во јавноста и рече дека на Унијата ѝ претстои реформски процес, а не проширувачки.

– Секој умен човек што малку следи политика, но ги следи и случувањата во ЕУ, ќе сфати дека ние уште долги години нема да бидеме во Унијата. Впрочем, тоа го тврдам на мои анализи, следејќи ги работите во Брисел. Во исто време уште еден факт е дека Македонија, но и другите земји-аспиранти од Балканот, никогаш нема да го достигнеме тој статус на рамноправност со сите држави-основачи на Унијата, кои деновиве пак се лиферува во домашната јавноста. Во таа насока не ме ни изненадува ваквата изјава на високиот челник на ЕУ, бидејќи не е јасно што ќе се случува по идните реформи со ЕУ. Не велам дека ќе се распадне оваа организација, но ќе дојде до маргинализирање на овие членки што допрва се оставени во чекалницата на ЕУ – вели Кекеновски.

Професорот инсистира на тоа дека на домашната јавност треба да ѝ се прикажува вистинската слика во која се наоѓа сега Македонија во пресрет на ЕУ, притоа не укажувајќи дека влезот во ЕУ може да потрае и со децении.

Инаку, земјата на ова поле допрва ја чека и скап, комплексен и неизвесен процес на скрининг-период, на кој подлежи како држава што очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ. Процесот ќе го води посебна преговарачка структура, на чело со вицепремиерот Бујар Османи, со околу 35 работни групи, координативно тело и други потструктури за различни општествени сфери.


Кој ќе го набљудува референдумот

Државната изборна комисија (ДИК) деновиве требаше да ги разгледа и одобри барањата за добивање овластување за набљудување на претстојниот референдум поднесени од Комитетот за отворена демократија, Фондацијата за спас на земјата и од Набљудувачка мисија за референдумот на ОБСЕ/ОДИХР. „Нова Македонија“ во меѓувреме побара повеќе информации за организациите пријавени за набљудување на референдумот.

Комитетот за отворена демократија (Committee for open democracy), според информациите објавени на интернет-страницата на организацијата (www.committeeforopendemocracy.org), е мониторирачка група специјализирана за надгледување светски избори. Таа е основана во 2010 година и е лоцирана во градот Брадентон во Флорида, САД.
Во описот на организацијата на страницата пишува дека тие ги посетуваат локациите каде што треба да се одржат избори шест месеци пред нивното случување и користејќи ги својата стручност и експертиза, но и познавањето на случувањата на одредени експерти тие го набљудуваат процесот за кој потоа даваат стручна оцена. Оваа организација има свое мото, кое гласи: „Нашата мисија не е дипломатијата туку демократијата“.

Фондацијата за спас на земјата (The Earth Saviours Foundation) е невладина организација што е лоцирана во Харјана, Индија. Формирана е во 2008 година од страна на Рави Калара. Тој е индиски социјален активист и екологист. Во портфолиото на организацијата, испишано на нејзиниот сајт (earthsaviours.in), стои дека се залага за правата на помалку привилегираните луѓе и презема чекори за заштита на животната средина. Фондација за спас на земјата е регистрирана во регистарот на Министерството за внатрешни работи на Индија и на Владата на Индија.

Набљудувачката мисија на референдумот ОБСЕ/ОДИХР (OSCE/ODIHR Referendum Observation Mission) е дел од Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ лоцирана во Македонија, а Мисијата на ОДИХР како и на секои избори (локални и парламентарни) доаѓа по покана од Министерството за надворешни работи.
Мисијата, според својата досегашна практика во Македонија, ќе ги оценува и надгледува гласањата во однос на усогласеноста со обврските на ОБСЕ и други меѓународни стандарди за демократски избори, како и со домашните закони.
Во рамките на своите активности, членовите на мисијата се среќаваат со претставници на релевантните органи на власта и политичките партии, со кандидатите, како и со претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница. На денот по гласањето (според досегашната практика на сите претходни избори) мисијата ги објавува прелиминарните наоди и заклучоци. Конечниот извештај за набљудувањето на севкупниот изборен процес ќе биде објавен приближно два месеца по завршувањето на процесот.
Набљудувачката мисија за изборите на ОБСЕ/ОДИХР и Мисијата на ОБСЕ во Скопје функционираат независно, секоја во согласност со својот посебен мандат.