Хан: ЕУ не додели датум за преговори со Македонија

332

Лидерите на Европската Унија не постигнаа договор за доделување датум за почеток на преговори со Македонија и Албанија, објави еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на Твитер. Тој наведува дека тоа може да има негативни последици, вклучително и ризик од дестабилизација во регионот на Западен Балкан.

-Лидерите на ЕУ не успеаја да ја исполнат својата посветеност за отворање на преговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија. Ова е екстремно разочарување. Европската Унија сега треба да разјасни колку е сериозна нејзината заложба за интеграцијата – напиша Хан.

Тој им се заблагодари на сите оние што синоќа се обиделе и се посветиле да постигнат одлука која, како што вели тој, е од големо стратегиско значење за ЕУ. Хан им се заблагодари и на земјите-членки кои се бореле за испраќање на сигнал за надеж до граѓаните на земјите од Западен Балкан.

-Како што веќе кажав по министерскиот самит во Луксембург: Ова не е момент на слава за Европската Унија. Да се одбие признавањето на докажаниот напредок ќе има негативни последици, вклучително и ризик од дестабилизација на регионот на Западен Балкан, со целосно влијание врз ЕУ – напиша Хан.

Наша одговорност, додава тој, е сега да застанеме до државите чиишто граѓани се со право разочарани. Тој наведува дека ќе продолжи да прави сè што е во негова моќ да ги поддржи.

-Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е и останува важна стратешка политика и е во наш заеднички интерес – пишува Хан.

Димитров: ЕУ јасно да каже дали е отворена за европска иднина на Западен Балкан

 
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, преку објава на Tвитер побара од Европската Унија да биде директна со земјите од регионот и јасно да каже дали повеќе нема консензус за европската иднина на Западен Балкан.

-Најмалку што му должи Европска Унија на регионот е да биде директна со нас. Ако повеќе нема консензус за европската иднина на Западен Балкан, ако не важи ветувањето од Самитот во Солун во 2003 година, граѓаните заслужуваат да знаат – порача шефот на македонската дипломатија.

Тој воедно упати благодарност до сите лидери кои се бореле ЕУ да отвори пристапни преговори со земјава.

На крајот Димитров порачува дека додека земјава очекува обвновување на консензусот, внатрешно мора да продолжи да ги брани и да се залага за вистинските европски вредности.