Хан: Динамиката на реформите треба да продолжи

846

Земјата и граѓаните ја заслужија безусловната препорака. Членките на ЕУ го признаа сработеното. Овде сум за да ги најавам долгоочекуваните добри вести, да го прославиме успехот по долгите напори за надминување на кризата. Ова вчера го истакна еврокомесарот Јоханес Хан при предавањето на извештајот на ЕК за напредокот на Македонија на премиерот Зоран Заев во Клубот на пратениците во Скопје. Еврокомесарот Хан е импресиониран од она што го сработи Македонија во однос на итните реформски приоритети. Тој му го предаде извештајот на премиерот Зоран Заев и ја пофали Македонија дека заслужено доби неусловена препорака за почеток на преговорите со Европската Унија. Оддаде признание за реформите, но она на што сега инсистира Брисел е нивното спроведување.

– Нема простор за самозадоволство. Динамиката на реформите сега треба да продолжи, особено во важните области како подобрување на независноста на судството. Промената не е само за подобрување на легислативата, туку и за спроведувањето, добриот ефект и најважно, конкретни придобивки за граѓаните. Имате одлична програма, веднаш по почетокот на Владата, планот 3-6-9, направивте многу во усвојување на неопходната легислатива, но сега треба сето ова да се имплементира. Тука сметаме на вас и на вашата одлучност. Сега фокусирајте се врз имплементацијата на тоа што е договорено за да може поединецот да ја види вредноста на европската перспектива – рече Хан.

Од друга страна, Владата и премиерот Зоран Заев тврдат дека се подготвени за нов чекор напред. Следна цел е добивање датум за почеток на преговори со Унијата веќе на Советот на министри во јуни.
– Нашата следна цел е одлуката за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ на Советот на министри во јуни. Владата уште поенергично ќе ги води политичките и реформските процеси во следните два месеца за во јуни Македонија да добие датум за почеток на преговорите – изјави Заев. Дополнително, на прашање од новинарите дали има план Б за Македонија, доколку не се реши прашањето за името, еврокомесарот рече дека спорот за името досега беше пречка, но добро е што сега се работи на наоѓање решение.
– Уверен сум дека може да се постигне решение во блиска иднина, не само затоа што се преговара, туку добро е и да има соработка со соседите – рече Хан. Тој вели дека треба да се искористи оваа можност, а за да се постигне компромис, секоја страна треба да даде нешто.

Премиерот Заев во заедничкото обраќање, пак, наведе дека ќе продолжат да работат заедно со опозицијата и со граѓанскиот сектор и да носат и други стратегиски одлуки, пред сè за спорот за името. Запрашан што може Македонија да ѝ донесе на ЕУ, Заев рече дека од членството Унијата би имала само придобивки.
Во меѓувреме по утринската средба меѓу еврокомесарот Хан со Заев, тој замина во Собранието и на средба со претседателот на парламентот Талат Џафери. Џафери по средбата со еврокомесарот Хан изјави дека следува период за имплементација на законите и враќање на политичкиот дијалог.

– Извештајот е позитивен, безусловен со препорака за определување датум за почнување преговори за членство во ЕУ. Ова е достигнување на сите во Република Македонија, а посебно на граѓаните што стрпливо дадоа поддршка за сите напори што беа преземани од политичките партии, Собранието и Владата – истакна Џафери. Спикерот по средбата со Хан истакна дека ова е добар почеток за враќање на европската агенда, но посочи дека во следните два до три месеци ќе треба да се реализира практичната примена на реформскиот пакет закони и до самитот на ЕУ во мај во Софија и следниот во јуни да може да се дојде до определување датум за почеток на преговори.
Инаку, според најавеното, во текот на вчерашниот ден требаше од Тирана во посета на земјава да пристигне и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини. Според најавите, Могерини по заедничката средба во Владата со премиерот Заев и со еврокомесарот Хан, требаше да замине во претседателската вила на Водно и на средба со претседателот Ѓорге Иванов. До затворањето на весникот не беше јасно дали и Јоханес Хан ќе има средба со претседателот Иванов иако претходно не беше најавено.
Според агендата, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Федерика Могерини, е предвидено да се обрати и пред пратениците во парламентот. 


Јункер: Преговорите со Македонија и со Албанија нема да почнат утре

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, вчера изјави дека препораката за почнување преговори со Македонија и со Албанија за приклучување кон ЕУ, не значи дека преговорите ќе почнат уште утре. Тој пред Европскиот парламент во Стразбур порача дека најпрвин е неопходно одобрението од Европскиот совет, при што нема рок за завршување на преговорите, туку ќе бидат оценувани постигнувањата на соодветните земји. Тој ги повика земјите од Западен Балкан да го одбележат неопходниот напредок, бидејќи процесот ќе одземе многу време.


СДСМ: Признание за успешните реформи

Неусловената препорака за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија што Македонија ја доби од Европската комисија е потврда за успешноста на реформскиот процес што Владата предводена од СДСМ го води во последните 10 месеци, смета владејачката партија.
Според СДСМ, Македонија по две условени препораки повеќе не е категоризирана како заробена држава, туку како држава, која преку почнатите реформи повторно се враќа онаму каде што и вредносно и цивилизациски припаѓа – во друштво на модерните, напредни и развиени европски држави.
– Позитивниот извештај на Европската комисија и дадената препорака за членство претставува дополнителен импулс во натамошното спроведување на предвидените реформи, на мерките за подобар живот, во интерес на Македонија и нејзините граѓани. Владата предводена од СДСМ и парламентарното мнозинство продолжуваат да ги спроведуваат предвидените мерки што обезбедуваат економски раст, независни институции и владеење на правото и остануваат силно посветени на евроинтегративниот процес на државата што е врвен државен и национален интерес – велат од СДСМ.


ВМРО-ДПМНЕ: Вистинската награда би била безусловен датум за преговори со ЕУ

Враќањето на безусловната препорака за почнување на преговорите на Република Македонија за членство во ЕУ е позитивен сигнал што треба да резултира и со безусловно доделување датум за преговори. Тоа би била вистинската награда за сите напори во реформите што ги реализира Република Македонија изминативе години, а кои беа исто така нотирани во позитивни извештаи со безусловна препорака седум години едноподруго, од 2007 до 2013 година, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– СДСМ ветуваше дека Република Македонија ќе ја внесе во ЕУ и НАТО за шест месеци, а сега сме сведоци на растечка корупција и критики во круцијални делови од извештајот – наведуваат од партијата. Според ВМРО-ДПМНЕ, декларативните заложби за ЕУ-интеграција на власта не се доволни. Државата и граѓаните имаат потреба од функционални институции и ефективна примена на правото, а СДСМ не го обезбедува тоа – велат од ВМРО-ДПМНЕ.