Француското „не“ ќе ги зајакне идеите за голема Албанија

1057

Во авторски текст Георги Готев, уредник во „Еурактив“ и експерт по прашања за европската надворешна политика, политиките на проширување, Западен Балкан и односите меѓу ЕУ и Русија, предупредува на глобално-политичките последици што може да следуваат доколку на Македонија и на Албанија не им се додели датум за почеток на преговори со ЕУ

Франција ја блокира Северна Македонија, додека Холандија и Данска го поддржуваат Скопје, но не и Тирана. Финска предложи случајот на Албанија да се третира одделно од оној на Северна Македонија, но Франција не се согласи со ова.

Одложување на прашањето до самитот на ЕУ

Финската министерка за надворешни работи Тити Тупураинен, чија држава актуелно претседава со ротирачкото претседателство во ЕУ, порача дека поради отсуството на договор, прашањето беше ставено на дневен ред на самитот. Европските лидери ќе отпатуваат во Брисел в четврток и в петок веќе со сложен дневен ред, на кој ќе се дискутира како да се избегне тежок брегзит и како да се одговори на турската инвазија во Сирија.

Француската министерка за европски прашања Амели де Моншален изјави дека нејзината држава е против започнување преговори со двете држави од Западен Балкан. Таа објасни дека се потребни повеќе реформи во двете земји, но исто така истакна дека треба да се решат поголеми прашања, меѓу кои и длабоки реформи на начинот на кој комисијата ги води преговорите и да се реши проблемот со одлив на мозоци во засегнатите држави. Одливот на мозоци е голем проблем, но прашањето не беше разгледано во случајот на пристапниот процес на новите членки на ЕУ или на Србија и Црна Гора, двете држави од Западен Балкан, кои веќе се во процесот на преговори за влез.

Кредибилитет

Де Моншален изјави дека станува збор за кредибилитетот, односно дека критериумите беа поставени во 2018 година и треба да се почитуваат. Во случајот на Северна Македонија, таа ја истакна реформата на специјалното јавно обвинителство, која, според нејзините зборови, не е завршена. Критичарите на францускиот став велат дека токму ЕУ го губи кредибилитетот со тоа што не ги исполнува ветувањата кон Северна Македонија во однос на историскиот Преспански договор.
Грција и Македонија на 17 јуни го потпишаа историскиот прелиминарен договор за преименување на малата балканска држава во Република Северна Македонија со што му се стави крај на спорот што ги нарушуваше односите меѓу двете соседни држави уште од 1991 година. Во Париз претставник на кабинетот на францускиот претседател изјави дека владата на Макрон нема да се согласи сега да започнат преговорите за влез. Тој порача дека „овие држави еден ден ќе бидат дел од ЕУ, но прерано е да се отвори правниот процес за проширување“.

Судир со Берлин?

Во Берлин официјален владин претставник изјави дека започнувањето на преговарачкиот процес е приоритет за Германија, која денес ќе го води годишниот самит заедно со Франција. Претставникот порача дека „канцеларката Ангела Меркел ќе разговара за прашањето со Макрон в среда“ и истакна дека истото тоа ќе биде предмет на дебата на самитот на сите 28 национални лидери во Брисел што ќе се одржи в четврток и в петок, затоа што „станува збор за стратегиско прашање за ЕУ“.
Од внатрешни извори, „Еурактив“ дознава дека Франција може да го промени својот став на самитот само доколку се оствари хипотетичкото сценарио за размена, односно Германија да ги прифати француските идеи за реформи во еврозоната.
Макрон веќе размислува за претседателските избори во 2022 година. Тој исто така не сака да ја провоцира Русија, која не го одобрува членството во ЕУ на териториите каде што го наметнуваше своето влијание, како Србија, Црна Гора и Северна Македонија. Црна Гора стана членка на НАТО, а Македонија се надева дека ќе стане на почетокот од 2020 година додека Србија нема планови да стане дел од Атлантската алијанса.
Многу други европски држави се разочарани од францускиот став. Започнувањето на преговорите е голем пресврт, но преговарачкиот процес трае неколку години, а членките можат да го искористат своето право на вето доколку државата-кандидат не ги спроведе реформите и не ги исполни условите.

Геополитички размислувања

Многу држави веруваат дека започнувањето на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија е од огромна важност, со оглед на тешката геополитичка состојба. Ако реформаторската влада на Зоран Заев се дестабилизира од неуспехот, од тоа корист ќе има само опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, која може да падне во искушение да бара зближување со Русија. Во случајот на Албанија, одбивањето може да ги зајакне силите што имаат поинакви планови, како што е формирањето голема Албанија.
Најголемите поддржувачи на идното проширување на ЕУ се новите членки на Унијата.
Бугарија сè уште има нерешени прашања со Северна Македонија околу толкувањето на поновата историја, но Софија одлучи да го поддржи Скопје во оваа фаза и да го искористи своето право на вето ако соседната држава одлучи да не го почитува билатералниот договор, чија цел е решавање токму на тие прашања. Џорџе Чамба, романскиот министер за европски прашања, порача дека „многу е важно да се даде политички сигнал дека проширувањето не е мртво“.