Форхенд на Венецијанската комисија, бекхенд на Владата

168

Одлагањето на расправата во Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците, без разлика која е причината за тоа, но и каква било евентуална интервенција на веќе објавениот нацрт-извештај претставува невиден преседан, коментираат експертите

Политичките бранувања во Македонија, предизвикани од објавувањето на прелиминарниот извештај на Венецијанската комисија со забелешките за Законот за употреба на јазиците, се чини дека привремено ќе бидат ставени во „мирување“, по соопштението на највисоката европска правна комисија дека пленарната расправа за овој закон се одложува за два месеца. Невообичаено за принципиелноста на Венецијанската комисија, расправата на пленарната седница на чиј дневен ред беше и извештајот за Законот за употреба на јазиците, а по која тој требаше да стане и официјален документ, наводно е одложена по барање од функционер од македонската влада. Всушност, прес-службата на Венецијанската комисија упатува за подетални информации до македонската влада, а од Владата се придржуваат до формулацијата дека „не коментираат ништо сѐ додека не ја добијат официјалната верзија на извештајот на комисијата“. Првично, извештајот беше ставен на дневен ред на 120-та пленарна сесија на Венецијанската комисија, закажана за 11 и 12 октомври во Венеција. Комисијата беше поканета да размени мислења за законот, со македонскиот национален претставник во телото, да го разгледа, во поглед на неговото усвојување.
Македонски национален претставник во Венецијанската комисија е професорката на Правниот факултет при УКИМ, Татјана Каракамишева-Јовановска, која веќе отпатува во Венеција за да учествува на сесијата на комисијата.

– Многу е невообичаено ваквото одложување од страна на Венецијанската комисија на расправата за одреден закон што веќе е ставен на дневен ред. Комисијата е независно експертско тело и не работи под влијание на ниту една влада, па ова одложување на расправата за Законот за употреба на јазиците (ако навистина било побарано од македонската влада) претставува своевиден преседан. Што се однесува до можноста за интервенции во нацрт-текстот на извештајот (кој иако класифициран, на чуден начин протече во македонската јавност) постои опција тие да се имплементираат преку амандмани во него. Но и таквата интервенција би претставувала преседан во работата на Венецијанската комисија, зашто тоа би било своевидно сомневање на авторитетот на четворица врвни и кредибилни експерти што работеа на заклучоците во мислењето за Законот за употреба на јазиците – вели професорката Каракамишева-Јовановска.

Во заклучоците изнесени во нацрт-верзијата на извештајот на Венецијанската комисија се истакнува дека Законот за употреба на јазиците, со одредени одредби, оди премногу далеку, наметнувајќи нереални правни обврски на јавните институции, а особено може да предизвика нефункционалност и неажурност во судскиот систем. Иако од власта се обврзаа дека ќе ги имплементираат забелешките на Венецијанската комисија, сепак од албанскиот коалициски партнер во Владата, ДУИ, се бара начин како да се избегне каква било интервенција во законот.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи смета дека Законот за употреба на јазиците е еден од основните столбови на рамковниот договор, закон со кој може да се каже дека административниот дел од Охридскиот договор е затворен.

– Секое враќање назад ќе значи отворање на рамковниот договор и нови преговори – истакна Османи.

Сепак, тој нагласува дека конечните препораки од Венецијанската комисија ќе се разгледаат и ќе се земат предвид, но одлуките се носат тука во Собранието.
Од друга страна, премиерот Зоран Заев изјави дека Владата е подготвена да го имплементира мислењето на експертите, бидејќи, според него, сето тоа што го предлагаат е на нивото на европските практики.

– Рековме дека ја почитуваме Венецијанската комисија, која ќе го даде нејзиното конечно мислење, бидејќи како што коментираа досега: што е поважно – дали владеењето на правото и очекувањето да се добие правда или употребата на јазикот. Можеме да дадеме објаснувања колку се важни правото на јазикот и на правда, за на крајот да можеме да дадеме свое мислење и да можат тие да го оформат своето мислење – рече премиерот Заев.

Сепак, по овие изјави на премиерот и на вицепремиерот на македонската влада, пристигна соопштението од Венцеијанската комисија дека се одложува пленарната расправа за мислењето за Законот за употреба на јазиците.

– Предупредувавме дека по разгледувањето на предметот за Законот за јазици од страна на Венецијанската комисија, тој ќе претрпи реперкусии, како и сите предмети што се разгледуваат во судот во Стразбур – напиша на социјалните мрежи Христијан Мицкоски, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по известувањето од Венецијанската комисија за одложување на пленарната расправа за законот.


Бадентерово мнозинство за имплементација на забелешките

Законот за употреба на јазиците уште од неговата предлог-верзија, на тензичен начин ја мина собраниската процедура. А за да стапи во сила беа направени низа уставни и законски преседани, за кои сѐ уште постои дилема дали беа во рамките на законитоста. Сепак, за да бидат имплементирани забелешките на Венецијанската комисија, откако тие ќе станат официјални, повторно треба да се помине собраниската процедура. За да бидат изгласани евентуални измени на законот, освен просто мнозинство од гласовите на 61 пратеник, ќе биде потребно и Бадентерово мнозинство, т.е. за измените да гласаат и партиите од албанскиот блок.


Владата барала одложување за да ги анализира забелешките

Премиерот Зоран Заев вчера потврди дека македонската влада побарала одложување на конечното мислење на Венецијанската комисија во врска со Законот за употреба. Тоа го побарале за да имаат време да ги анализираат забелешките на комисијата, изнесени во нацрт-извештајот, и да одговорат на нив. Во секој случај, конечниот став и мислењето на комисијата може да се очекуваат до крајот на годината и Владата се обврзува дека ќе ги примени.
– Владата тоа го побара заради времето потребно да ги изанализираме нивните аргументации и да ги дадеме нашите ставови и рековме ќе го чекаме конечното мислење. Ние информиравме дека нацрт-верзијата е доставена до нас, ни треба време да ги видиме анализите, затоа што Венецијанската комисија своите ставови ги поткрепува со аргументации, европски правила и норми и европска практика, но исто така го анализира нашиот систем што може капацитетно да носи. Така што мерењето на добивањето правда наспроти правото на употреба на јазикот, ако го загрози она првото тогаш прашање е дали им треба на граѓаните – рече Заев.