Фон дер Лејен: Го сакаме Западен Балкан што е можно поблиску до ЕУ

33

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, рече дека ЕУ го сака Западен Балкан на своја страна.

Таа се залагаше за паралелни процеси на ревизија и одвивање на пристапни процеси за земјите кандидати.

– Стратешки е апсолутно значајно што е можно појасно да му покажеме на Западен Балкан дека ги сакаме на наша страна и дека имаме силен интерес да ги приближиме кон ЕУ – рече Фон дер Лејен.

По првата средба на новиот тим комесари, претседателката на Европската комисија повтори во Брисел дека одлуката да не се отворат пристапни преговори со Македонија и Албанија е „стратешка грешка“ на ЕУ.

Таа рече дека е важно ЕУ да се држи до идејата за преговори за пристапување, но и дека е важно да се слушаат позициите на земјите-членки кога станува збор за промени во процесот.

Комесарот за проширување Оливер Вардеи истакна пред Европскиот парламент дека правилата не можат да се менуваат за земјите што веќе почнале преговори за пристапување, како што се Србија и Црна Гора.