Фаличноста на Законот се гледа и од Германија

494
Фото: Игор Бансколиев

Во анализата на германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ се заклучува дека Законот за употреба на јазиците ја поткопува Македонија до уривање. Претходно и Венецијанската комисија донесе низа препораки за неприменливост на законот

Додека во Македонија, привидно поради динамичните политички случувања и претстојните избори, се настојува да се стави под тепих обврската за имплементација на препораките на Венецијанската комисија во однос на неприменливоста на Законот за употреба на јазиците, на странските медиуми им се гледа како привлечен за анализа феноменот на „зголемување на малцинските права до степен што може да ги загрози демократијата и владеењето на правото“.

Во интернет-изданието на германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) е објавена анализа токму за Законот за употреба на јазиците, под наслов „Како малцинските права ја парализираат еднаквоста“ во која се преиспитуваат границата и капацитетот на една држава да им овозможува поголеми права на малцинствата.

– Поголемите интегративни права за малцинствата секогаш се добри – е мантрата на денешното време. Колку повеќе права доделува една држава, толку подобро. Меѓутоа, неодамна, високопочитуваната правна комисија дојде до заклучок дека може да се случи и спротивното, па дури и случајот е во Европа. Деталната теза на комисијата е дека вишокот малцински права може да ги загрозат функционирањето на демократијата и владеењето на правото. Експертите припаѓаат на Венецијанската комисија на Советот на Европа, која издава правни мислења за Советот на Европа, како за нејзините земји-членки, но и за трети страни. Европската комисија за демократија преку закон, како што е полното име на ова тело, заклучува дека во Македонија, правата за албанското малцинство ги надминуваат стандардите на ЕУ.

Комисијата на Советот на Европа предупредува дека ова може да ги парализира јавната администрација и судскиот систем – се вели во статијата на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, во која се заклучува дека Законот за употреба на јазиците сепак ја поткопува Македонија до уривање.

Законот за употреба на јазиците во текот на две и пол години, за време на целата процедура на негова имплементација во системот на македонското законодавство, постојано предизвикува контроверзии, како од правен, така и од политички карактер.

Контроверзиите започнаа уште додека овој закон беше само иницијатива, а уште повеќе поради скратената и нетранспарентна постапка за негово усвојување. Сето тоа го констатира Венецијанска комисија во својот извештај, но суштината на нејзините забелешки е дека Законот за употреба на јазиците ја надминува дури и широчината на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства.

Венецијанската комисија го доведува во прашање и квалитетот на Законот, кој тешко може да биде применет“. Венецијанската комисија е децидна дека овој закон треба да ги почитува стандардите на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, односно дека и албанскиот јазик, односно „јазикот што го зборуваат 20 отсто од населението“ (како што е наведен во законот) сепак е јазик на малцинство во Македонија.

Сепак и по објавувањето на извештајот и по согледувањата дека овој закон ќе ги направи уште понефункционални администрацијата и судството, кои и така се предмет на критика на ЕУ, албанските политички фактори никако не се согласуваат препораките на Венецијанската комисија да бидат имплементирани во Законот за употреба на јазиците. Влегувањето на Македонија во своевидно предизборие со формирањето на техничката влада, како да создаде оправдано алиби да бидат подзаборавени и Законот за употреба на јазиците, кој сепак е неприменлив во практиката, и препораките на Венецијанската комисија. Во македонското министерство за правда не сакаат многу да зборуваат на тема Законот за употреба на јазиците, односно за имплементацијата на препораките на Венецијанската комисија, иако тоа е во нивна надлежност. Правните експерти сметаат дека ревизијата на Законот за употреба на јазиците колку што е можно ќе биде одложувана, освен ако не послужи за политичко пазарење.

– Не верувам дека препораките на Венецијанската комисија за оптимизирање на Законот за употреба на јазиците ќе бидат спроведувани во овој предизборен период. Не верувам дека ќе се прават измени во законот. Но тоа не ја исклучува можноста овој закон да биде искористен како аргумент за политичко пазарење во текот на изборите – смета Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет при УКИМ, во Скопје.