Уште една „клучна“ средба

791

Според премиерот Заев, во последно време нема некакви новости што би ги споделиле со јавноста

Интензивната динамика на средби и разговори за спорот за името продолжува и во наредниот период. По последните состаноци на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, минатата недела во Солун, разговорите за наметнатиот спор за името од страна на Грција веќе од утре се селат на нова локација, во Атина, каде што ден потоа, в сабота, според најавите, се очекува да им се приклучи и посредникот Метју Нимиц. Исходот од таа средба грчките медиуми вчера го толкуваа како клучен предуслов за тоа дали ќе има средба на премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас на 16 мај, на самитот на ЕУ за Западен Балкан, кој ќе се одржи во Софија. Дали евентуалната средба меѓу двајцата премиери ќе значи крај на спорот на името, засега е нејасно, но премиерот Заев вчера, коментирајќи ја најавената средба за петок меѓу двајцата министри за надворешни работи, рече дека тој и понатаму е оптимист и дека сега е најдобриот момент да се најде решение за спорот.

– Очекувам најмалку на маргините на самитот за Западен Балкан во Софија да се видам со грчкиот премиер Ципрас и да ги искоментираме досегашните постигнувања помеѓу двајцата министри, а можеби ќе бидеме и похрабри во нашата креатива, не велам не, но, во секој случај, вредно е да се обидеме до самиот крај. Јас му давам шанса на процесот – истакна Заев.

Тој посочи дека секогаш информира доколку има нешто ново во врска со проблемот што Грција го има за нашето уставно име и оти во последно време нема некои новости што би ги споделиле со јавноста. Во исто време, Заев потсети дека наближуваат самитот во Софија и Европскиот совет, и тоа, како што додаде, во најмала рака, е обид барем до тие датуми да се најде решение.

– Верувам дека следниот викенд ќе може искрено и отворено, со одредени алтернативи и креативни решенија што доаѓаат и од наша и од грчка страна, да ги доближиме позициите – изјави Заев.

На истава тема вчера се огласи и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, каде што во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА ги поздрави напорите за наоѓање решение за спорот за името. Според него, доколку се реши проблемот, тогаш НАТО ќе ја покани Македонија да стане членка на организацијата.

– Навистина ги поздравувам напорите направени од двете страни, и од Скопје и од Атина, за да се обидат да најдат решение за прашањето за името. Го посетив Скопје пред неколку месеци, исто така разговарав со премиерот Ципрас по мојата посета и ја поздравувам силната политичка поддршка за обидите за наоѓање решение на ова многу тешко и чувствително прашање. Но ако прашањето за името се реши, тогаш НАТО ќе ја покани Македонија да стане членка на Алијансата – рече Столтенберг.
Тој порачува дека вратата на НАТО останува отворена за нови членки и на годинешниот самит ќе се разгледаат кандидатурите на Босна и Херцеговина, на Грузија и на Македонија.

Паралелно со ова, Македонија се надева на скорашно членство во НАТО, а за тоа е потребно наоѓање заемно прифатливо решение со Грција за името. Како што потврди неодамна Никола Димитров, по последната средба со својот грчки колега, засега уставните измени и опсегот на употребата се двете главни прашања што се останати во спорот за името. Тој додаде дека се истражуваат опции и комбинации за надминување на спорните прашања. Коѕијас, пак, изјави дека има впечаток оти другата страна верува оти е дојдено крајно време прашањето да се реши и смета дека има извесен напредок во преговорите.

Сепак домашните експерти се повоздржани во однос на оптимистичките најави дека прашањето би можело да се затвори до јуни.
– Не мислам дека името ќе се реши и дека Македонија ќе влезе во НАТО до следниот самит, но искра на надеж е дека се можни паралелни преговови со ЕУ – вели политикологот Милан Стефановски.

Тој додава дека доколку не се случи тоа, би можеле да се појават дополнителни проблеми, па зачленувањето на Македонија во Алијансата и ЕУ повторно ќе се одолжува до недоглед.

– Резервираноста во изјавите на двете страни, но и на посредникот Нимиц, ми сигнализира дека се водат макотрпни и тешки преговори и таа воздржаност ми укажува дека е крајно неизвесно дали ќе дојде сега до решение или ќе биде направено некакво привремено решение, за во некој следен период да дојде до тоа за што македонската страна ќе се согласи, бидејќи она што грчката страна го бара е апсурдност – вели Стефановски.

Тој додава дека во исто време треба да се внимава на меѓународното право и домашните национални интереси. Без тие два сегмента македонската страна може само да капитулира во преговорите.

По повод новата средба во Атина на министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас, грчките медиуми пишуваат дека, и покрај тешкотиите, сепак има напредок во преговорите, но и натаму клучен проблем остануваат најтешките прашања, опсегот на употребата и барањето за промена на Уставот. Медиумите кај јужниот сосед пишуваат и дека Заев и Ципрас имаат интензивна телефонска комуникација од која деталите не излегуваат во јавноста и очекуваат Нимиц в сабота да изврши притисок за решавање на проблемот.