Уставноправниот објектив некомпатибилен со партиско-политичкиот окулар

132
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прецизноста на уставно-законската и на деловничката регулатива на тапет

Зачестија состојбите одредени предвидени процедури, пропишани правни форми и содржини, кои навидум изгледаат јасни, да бидат проблематизирани, дебатирани, политизирани… Тоа стана честа алатка за непродуктивна ментална гимнастика и за инатење на партиските кадри, но и на експертите што во јавноста ги толкуваат ваквите појави. Има ли непрецизности на уставно-законската и на деловничката регулатива, па тоа предизвикува дилеми и забуни или, пак, партиите по автоматизам проблематизираат сѐ што не оди во корист на штетата на опонентот?

Официјализирањето на почетокот на работата на десеттиот пратенички состав на македонското собрание по (завршената или не) конститутивна седница одржана на 4 август, повторно и одново го активира механизмот на политичкоправна дебата во јавноста за (не)законитост на одредени општествени состојби и ситуации. Заградите во воведната реченица се ставени од едноставна причина бидејќи токму тука „лежи зајакот“. Имено, зачестија состојбите одредени пропишани процедури, предвидени правни форми и содржини, кои навидум изгледаат јасни, да бидат проблематизирани, дебатирани, политизирани…

Последниот таков пример, во кој беше инволвиран и претседателот на државата, е толкувањето на моментот од кој започнуваат да течат роковите за доделување на мандатот за составување влада, од страна на претседателот на државата.
Проблематизираната содржина на прашањето (кое создаде правна забуна со потенцијални политички импликации) беше „дали Собранието се смета за конституирано само со верификација на мандатите на новите пратеници со што започнуваат да течат роковите за доделување мандат за составување влада или уставно-законските услови ќе бидат исполнети по завршување на конститутивната седница, со целосно исполнување на дневниот ред со избор на претседател и членови на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, како и претседател на парламентот?“ Имено, конститутивната седница беше прекината по верификацијата на мандатите на пратениците, со образложение дека ќе продолжи кога ќе бидат создадени услови за реализирање на другите точки од дневниот ред. Медиумската дебата, во која беа вклучени поранешен спикер на Собранието, но и правни експерти – универзитетски професори, доби разврска со обраќањето на кабинетот на претседателот, дека Собранието се смета за конституирано со верификација на пратеничките мандати, повикувајќи се на претходни ситуации и искуства за истото прашање.

Она што е индикативно по оваа мала постизборна парламентарноправна бура е заклучокот што вакви проблемски состојби во јавноста се создаваат речиси од секоја форма на политички чин, како на пример: конституирање на Собранието, распуштање, надлежност за повторно свикување во вонредна состојба… Токму ваквите појави и состојби го наметнуваат прашањето за прецизноста на уставно-законската и деловничката регулатива со кои се пропишуваат овие процедури.
– Правната регулатива е јасна дотогаш додека политиката не почне да проблематизира и сосема јасни формалноправни процедури. Како и на сите нивоа во општеството, правната и политичката култура ни се далеку од некое прифатливо професионално ниво. Во демократскиот свет, вообичаено некои нови правни ситуации често се предмет на толкување на јавна дебата, но врз основа на правното теоретско знаење и професионалната практика и искуство. Кај нас стана практика таквите дебати да се водат со потиснување на знаењето и практиката, само со притисок, дури и „силување“ од страна на политиката. Затоа за работите што ги дебатираме не можеме да добиеме квалитетни решенија, а често остануваат и незавршени дебатите, откако ќе помине политичкиот интерес. Велат, квалитетот на правото се гледа во тешките случаи. Но кај нас, дури и кога работите се јасни тие политички се проблематизираат, а не пак да се вистински „тешки случаи“ се туркаат под тепих – вели професорот на Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев.

Калајџиев уште и констатира дека правните дебати остануваат неисцрпени докрај дури и кога политиката покажува интерес за решавање на некое прашање, а во 90 отсто од случаите за кои бил нагласен јавниот интерес се настојувало тие да се решат онака како што сакаат политичките партии, а не според правото.
– Кога ќе почне да се гази законот во интерес на некои „добри цели“, со асистенција на политички „спинери“, тешко подоцна се постигнува враќање на правниот авторитет и доверба во законите – вели Калајџиев.

Согледувајќи го синдромот на проблематизирање и толкување за јасни правни ситуации и состојби, и поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, заклучува дека дилемата најчесто се сведува на политички интерес.
– Ако имате скриени политички намери, тогаш ќе го превртувате и толкувате секој збор од законот. Во Уставот и законите сѐ е регулирано, а доколку низ практиката се појават согледувања за одредена нефункционалност, неприменливост или можеби и прекршување на одредени права на граѓаните, постојат институции и правни процедури со надлежност да ги толкуваат и оценуваат законите – како Уставниот суд и управните судови. Јавното толкување на законите, дури и од правни експерти, најчесто е со политичка мотивираност. Она што е важно е да функционираат ефикасно институциите во интерес и заштита на правата и слободите на граѓаните. Ако институциите не функционираат исто е како да нема закони – смета судијата Дане Илиев.