Удар врз догматските учења и секуларноста или мотив за поинакви проповеди

122
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неофицијално, од двете најголеми верски заедници велат дека догматските учења и на христијанството и на исламот во никој случај не ја омаловажуваат жената и не може да се третираат како елементи на семејно насилство, затоа што тие учења зборуваат токму за семејните вредности. Истакнуваат дека вакви законски одредби нема во ниту една европска и демократска држава

НЕМАЛО КОНСУЛТАЦИИ СО ВЕРСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ ЗА НОВИТЕ ПРЕДЛОГ-ОДРЕДБИ ОД ЗАКОНОТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Ќе предизвика ли Министерството за труд и социјална политика нови конфликти со верските заедници со новите предлог-одредби од Законот за спречување на семејното насилство? Дали членот 45 од Законот претставува атака врз верските учења и нарушување на секуларноста? Овие дилеми стануваат предмет на дебата откако во јавноста се појавија остри реакции дека законските одредби од спорниот член се удар врз верските догми и зауздување на верските лидери да зборуваат за семејните вредности.
Законот во членот 45 предвидува дека „црквите, верските заедници и религиозните групи имаат обврска да се воздржат од изјави, соопштенија или објави со кои се оправдува насилството како резултат на религија, култура, традиција или обичај“. Овие одредби се толкуваат како забрана за проповедање на догматските учења во кои се вели дека мажот е столб на семејството и дека жената треба да му се покорува на мажот. Со стапувањето во сила на овој закон, свештениците нема да смеат овие проповеди да ги спомнуваат јавно, затоа што би подлежеле на одговорност и санкција како поттикнувачи на насилство врз жената.

Засега нема конкретни информации дали верските заедници во Македонија ќе реагираат, но, според првичните најави, ниту со Македонската православна црква-Охридска архиепископија, ниту со Исламската верска заедница, како најголеми верски заедници во земјава, немало консултации при подготвувањето на законот.
Неофицијално, од двете најголеми верски заедници велат дека догматските учења и на христијанството и на исламот во никој случај не ја омаловажуваат жената и не може да се третираат како елементи на семејно насилство, затоа што тие учења зборуваат токму за семејните вредности. Истакнуваат дека вакви законски одредби нема во ниту една европска и демократска држава.
Даријан Сотировски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници, смета дека предметната одредба не е потребна од аспект на тоа што ниту една црква, верска заедница или религиозна група не оправдува насилство врз жената.
– Верските догми и учења за жената и нејзината положба во семејната заедница и односот со сопружникот не треба во ниту една смисла да се толкуваат како оправдување на насилството за воспоставување превласт во семејната заедница. Ваквите тврдења немаат реална основа во верските учења и манипулативно ги толкуваат истите тие. Сметам дека во верата, жената и мајката се издигнати на особено значаен пиедестал. Законските регулативи, кои сепак одат на широка регулација и ги предвидуваат сите можни сфери каде што може да се најде изговор за насилство, се во ред, тие нема да ги загрижат верските субјекти, бидејќи континуирано оттаму се повикува на мир, љубов и почит – посочува директорот Сотировски.

Нарушување на секуларноста

Александар Спасеновски, професор на правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, вели дека одредбите од предлог-законот за заштита од семејно насилство што се однесуваат на верските заедници може да се толкуваат од два аспекта, логичен и правен.
– Од аспект на логиката, тоа претставува правен израз на едни наталожени идеолошки предрасуди, кои влечат потекло од периодот на комунизмот и неговата доктрина за „марксистички атеизам“, според која верските заедници имаат карактер на „нужно зло“. Од аспект на уставноправниот поредок, пак, ова претставува класично нарушување на востановениот принцип на секуларизам определен со членот 19 од Уставот, како и со другите правни прописи, а особено со Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група од 2007 година. Во овие два правни акта јасно се исцртани границите на секуларизмот, според кои се гарантира слободата на вероисповед на граѓаните, се утврдува дека верските заедници и религиозни групи се одвоени од државата, а дека државата има обврска да го почитува идентитетот на верските заедници. Верската догма е основата на идентитетот на верските заедници, а државата според Уставот и законите нема право да се меша во тоа, бидејќи на тој начин ја нарушува секуларноста – објаснува Спасеновски.
Сепак, истакнува дека насилството врз жената е за секаква осуда и секогаш е потребно унапредување на законодавството, но на начин на кој нема да се доведуваат во прашање демократските темели на државата, односно нејзината секуларност.
– Со оглед дека Собранието нема расправано за овој предлог-закон, се надевам дека пратениците ќе ги коригираат овие спорни одредби – посочува тој.

Нула толеранција

Граѓанската активистка Мерсиха Смаиловиќ вели дека родово базираното насилство е сериозен проблем во нашата држава, зашто само оваа година имавме случаи на тешки фемициди.
– Државниот систем треба да покаже силна волја во превенцијата од насилството. Новите одредби од законот ќе се однесуваат на секое верско лице од секоја религиозна група што во својот говор ќе содржи зборови на деградирачки однос кон жената. Тоа ќе бара од верските лица многу повеќе знаење за актуелните состојби со човековите права во секојдневните проблеми со кои се соочуваат верниците од нивната заедница. Комфорноста на верските заедници кога е во прашање родово базираното насилство е недозволива за мене како верничка, а подобро ќе беше самите претходно да направеа исчекор кон ова прашање, а не државата преку закони да ги уредува нивните дејствувања по ова прашање. Ја поддржувам оваа законска измена, затоа што е време да се покаже нула толеранција кон насилството врз жените, од кого и да доаѓа и во која форма и да доаѓа – посочува таа.

[email protected]