Третина од децата во светот отруени со олово

287

Во Македонија не се мери присуство на олово во крвта кај децата, па затоа и не постои статистика во врска со оваа проблематика. Со оглед на тоа дека труењето со олово се случува преку воздухот, докторите со кои разговаравме велат дека нема тренд на зголемување на бројот на деца што имаат проблеми со дишните патишта, туку тој број е константен

АЛАРМАНТЕН НАОД НА УНИЦЕФ

Третина од децата во светот, односно околу 800 милиони деца, се отруени со олово поради загадувањето на воздухот и на водата, во т.н. масовна и досега непозната санитарна криза. Овие наоди се наведени во извештајот на УНИЦЕФ и на невладиното здружение „Пјур Ерт“, а според извештајот, половина од тие деца живеат во југоисточна Азија и се жртви на загадувањето предизвикано од нестручното рециклирање на оловните автомобилски акумулатори.
– Со многу малку рани симптоми, оловото тивко ги разорува здравјето и развојот на децата, а последиците од сето тоа може да бидат фатални – се наведува во соопштението на Хенриет Фор, директорка на УНИЦЕФ.
Според извештајот, секое трето дете во светот има процент на олово во крвта еднаков или поголем од пет микрограми по децилитар крв, а тоа е ниво, според Фор, поради кое светот треба да тргне во акција.

Во Македонија, на Детската клиника, но и на Институтот за белодробни заболувања во Козле, не се мери присуство на олово во крвта кај децата, па затоа и не постои статистика во врска со оваа проблематика. Со оглед на тоа дека труењето со олово се случува преку воздухот, докторите со кои поразговаравме велат дека нема тренд на зголемување на бројот на деца што имаат проблеми со дишните патишта, туку тој број е константен.
Д-р Весна Стојанова Атанасовска од ординацијата „Медико Марија“ вели дека не забележува некаков драстичен пораст на деца и возрасни што имаат проблеми со белите дробови.
– Ако се работи за проблем предизвикан од алергија, давам средство за алергија. Но кај нас не постои тест за испитување дали проблемите се јавуваат од загадениот воздух и какви последици врз здравјето има воздухот, иако сите знаеме и чувствуваме дека е загаден – вели д-р Стојанова Атанасовска.
Во извештајот на УНИЦЕФ стои дека нестручното рециклирање, кое не е усогласено со стандардите за оловни батерии, е еден од главните причинители за труењето на децата, кои живеат во државите со ниски и средни примања, а во кои бројот на возилата е тројно поголем во споредба со 2000 година.

Работниците што нестручно изведуваат опасна рециклажа, често противзаконски, ги отвораат акумулаторите од кои се излеваат киселина и оловна прашина на земјата, а потоа отровниот дим слободно се испушта и ја труе околината. Меѓу другите извори на изложување на децата на олово, познавачите го наведуваат оловото во водата што протекува од оловните водоводни цевки. Друг извор на труење е експлоатацијата на рудниците и користењето опасни бои и пигменти на база на олово.
ОН истакнуваат дека оловото е отровно и дека металот влегува во организмот преку дишењето, па се шири низ мозокот, црниот дроб, бубрезите и коските. Акутното и хронично изложување на зголемени нивоа на олово предизвикува проблеми со дишењето, нарушување на работата на бубрезите, оштетување на нервниот систем и нарушување на репродуктивниот систем. Кај децата нервниот систем е во полн развој и тие се многу чувствителни на тоа труење, а притоа помалите деца често ставаат во уста предмети, па, така, и оние што содржат олово и поради тоа се поизложени на труење.

Бројот на децата што имаат висок процент на олово во крвта се намалува низ годините во побогатите држави, а во посиромашните земји проблемот драстично расте. Добрата вест, според претседателот на „Пјур Ерт“ Ричард Фулер, е што оловото може да се рециклира безбедно без работниците да се изложуваат на него.
– Луѓето може да се едуцираат за опасностите на оловото и да се охрабрат да се заштитат себеси и своите деца – вели Фулер.
Економските и социјалните придобивки од инвестирањето во намалување на загадувањето со олово, можат да бидат енормни: подобрено здравје, зголемена продуктивност, повисок коефициент на интелигенција, помалку насилство и посветла иднина на милиони деца на планетата.
Изложеноста на децата на олово е поврзана со проблеми во однесувањето, како и со проблеми со бубрезите, кардиоваскуларни проблеми и со други состојби подоцна во животот.