Транспарентност, но и умешност на менаџирање на средствата за борба против ковид-кризата

106

Квалитетни и квалификувани луѓе што во еден коректен натпревар на конкурентност доаѓаат на раководни места и функции би го дизајнирале државниот апарат да произведува квалитетни решенија и во нормални услови, a особено во услови на криза како што е оваа

Во понеделникот германската амбасада во Скопје соопшти дека донирала ново амбулантно возило за Клиничката болница во Штип, која е регионален ковид-центар. Германската амбасадорка Анке Холштајн истакна дека главен акцент на Германија и на земјите во ЕУ е справување со пандемијата на ковид-19 и нејзините последици.
Претходно, американската амбасада донира речиси милион долари во опремување на нашите клиники, набавка на медицинска опрема и брзи тестови, како и набавка на заштитна опрема наменета за користење на државниот, медицинскиот и воениот персонал на Македонија. Слични вакви донации, од почетокот на пандемијата досега, на наша адреса пристигнаа и од НАТО, Кина, Катар, Турција, Унгарија, Словенија…
Нашата влада исплатила сума од над 165 милиони евра во 209 илјади исплати за разни намени поврзани со справување со ковид-19.
И македонските фирми (и поединци) донирале милион евра во пари на сметката на Министерството за здравство за помош во борбата со коронавириусот. Станува збор за пари што се добиени од организации и компании, но и од голем број поединци, од кои многумина не го откриле својот идентитет.
Овие податоци може да се видат на надградената апликација coronavirus.gov.mk во делот што се однесува на транспарентноста, а кој Владата го постави како алатка, за да може јавноста да види колку точно пари и од кого се слеале во државната каса во форма на донација, но и на што се трошеле пари за време на корона-кризата.

Вистински луѓе на вистинско место

Познавачи на економијата и на медицината со кои се консултиравме ги поздравуваат вложувањата за амортизација на здравствената и економската криза, но и донациите на меѓународните партнери. Сепак тие додаваат дека нашиот медицински и државен систем токму во кризата покажува големи слабости и дека токму сега е моментот да се направат дијагностика и детекција на тие системски слабости, за што побрзо да се направи системска реорганизација. Посебна приказна се човечките ресурси, на кои треба да се обрне примарно внимание.
Поранешниот гувернер на Народна банка и долгогодишен познавач на политиката и државните процеси Петар Гошев во свој осврт на случувањата за „Нова Македонија“ оценува дека кога се говори за ваква тема треба да се знае дека сето тоа е еден комплексен проблем, кој има допирни точки со економијата, со менаџирањето на државата, но и со политичката култура, етика и морал на граѓанството во Македонија.
– Во врска со донациите, мислам дека слободно може да се каже дека ни случајно меѓународната заедница не може да ни даде толку колку што нашите елити можат несмасно, од небрежност или, уште полошо, со умисла да се однесуваат неодговорно во моменти кога се справуваме со опасностите од пандемијата – вели Гошев.
Тој тврди дека, за жал, нашите политички елити на многу гарнитури на власт, не издвојувајќи никого посебно, не се доволно компетентни, способни, образовани, искусни и граѓански ориентирани кон јавниот интерес. Времето покажува дека некои од нив се „неизживеани“, подложни кон расипништво на пари, подложни на корупција…

– Мислам дека главниот проблем на оваа дилема лежи во квалитетот на човечкиот материјал. Поточно, во посветеноста на ангажманот на луѓето што ги носат одлуките што се рефлектираат врз сите нас. Јас сѐ уште верувам дека граѓаните во земјава имаат потенцијал што ќе ја притиска константно власта во правец таа да се однесува подобро и поодговорно кога треба да ги реши ваквите битни состојби – вели Гошев.
Тој подвлекува дека проблемот на успешно решавање на предизвиците многу зависи од квалитетот на човечките ресурси како фактор. Квалитетните и квалификувани луѓе што во еден коректен натпревар на конкурентност доаѓаат на раководни места и функции ќе го дизајнираат државниот апарат да произведува квалитетни решенија и во нормални услови, а особено во услови на криза како што е оваа.
– Гледаме дека Владата се труди да најде одговор на кризата. Но во секоја работа, па и во оваа, одговорот зависи од капацитетот. Капацитетот, пак, односно ефикасноста и ефективноста за справување со вакви шокови, не се создаваат на денот на случувањето на шокот, на денот на кризата, туку тие се градат со години пред соочувањето со вакви настани. Ако со децении, наместо да го јакнете капацитетот на институциите, вие го руинирате, ако со децении ги занемарувате советите на компетентни личности и меѓународните институции дека треба да градите политики, правила, процедури за справување со тешко предвидливи шокови од економска, еколошка, еве, и од здравствена природа, јасно е дека во моменти на криза од оваа природа многу тешко се стига до задоволителни резултати.

Буџетот нема капацитет да одговори во борбата со пандемијата

Според Гошев, успешното справување со кризата, освен за политичката и дипломатската, суштински е значајно и за економската димензија.
– Мислам дека буџетот во моментов го нема капацитет да одговори на кризата на начин како што треба и прилега. За тој да го има потребниот капацитет, во ова време е потребно задолжување, односно објективно е потребно послободно да се направи повисок дефицит. Но тоа како држава е можно ако вие претходно сте направиле фискален простор за вакви економски маневри. Но ако не сте размислувале подлабински пред кризата, во таканаречените нормални времиња, овие пари сте ги потрошиле недомаќински, а тоа ни се случува од 2007 година па наваму, сега е многу тешко да се најде добро решение. Во минатото, во времето на Никола Груевски, се започна со оваа штетна политика, која трае и денес, и парите се заробија во задолжувања што беа непродуктивни, кои беа потрошени на 3 квадратни километри и не донесоа дополнителни финансии за државата – вели Гошев.
Токму затоа, според него, сите политички гарнитури во иднина мака ќе мачат како економски да изградат добра позиција за државата во време на ваква длабока криза како пандемијава.

И од економско-медицински аспект на земјата ѝ недостига квалитетен кадар

Универзитетскиот професор и микробиолог Никола Пановски, пак, оценува дека иако е добредојдена помошта за медицината од нашите странски партнери, таа секогаш е малку за потребите на нашиот медицински систем, бидејќи во овој момент се наоѓаме во незавидна позиција.
– Сметам дека ниедна странска помош не може да им помогне на државата и на медицинскиот систем на земјата толку колку што тоа може да го стори одговорното однесување на оние што раководат со системот – вели Пановски.
Тој истакнува дека од економско-медицински аспект, на земјата ѝ недостига квалитетен кадар, кој ќе ѝ ги предлага медицинските решенија на Владата.
– Овој недостиг се осознава во моменти кога непотребно се трошат пари за лекови што немаат употреба. Имено, неодамна се набавија милионски суми на лекови за борба со коронавирусот за кои Светската здравствена организација истакна дека не дејствуваат против вирусот. Натаму, се дозволи некои од приватните клиники да работат трипати поскапо од државните во тестирањето за коронавирусот, и тука се одлеа дел од непотребните финансии, односно речиси 5 милиони евра, пари на граѓаните што сега државата ги нема на располагање. Дополнително, тука не ги пресметувам сите финансии што се издвоени од домашниот буџет на семејствата за набавка на заштитна опрема, што исто така не се слеаја директно на местото каде што најдобро може да се искористат – вели Пановски.

Тој поентира дека, по сето кажано, нам медицински ни е потребно многу за да ја поразиме болеста, наши најголеми донатори во кризата не се ниту државата ниту странците туку самите граѓани, кои влеаја милионски суми евра во приватните компании наместо во државната каса, но тоа требаше однапред да се антиципира од економско-медицинските стручњаци и да им се советува на властите за добро да се изменаџира од државата.
– Сега, кога сите плаќаме осигурување, немаме доволно пари во системот, па оттука и самите донации на меѓународната заедница се занемарливи. Затоа во иднина треба да се работи на вистински решенија, односно да се постават вистински луѓе на вистински раководни позиции во земјава, за правилно да се менаџираат и финансиите и медицинските потреби на Македонија, за што е можно побезболно да ги пребродиме овие тешки времиња – резимира Пановски.

[email protected]