Тито знаеше да молчи и да слуша

1536

Со одобрение на авторот, „Нова Македонија“ ексклузивно, во десет продолженија, ги објавува извадоците од книгата „Луѓе, времиња“ во која долгогодишниот претседател на македонското собрание Стојан Андов ги открива своите впечатоци од средбите со историските личности и настани во периодот од Втората светска војна до смртта на доживотниот претседател на некогашната СФРЈ, Јосип Броз-Тито. Од перспектива на младо момче од Кавадарци, студент и новинар во „Нова Македонија“, дипломиран економист и еден од највлијателните македонски политичари, кој своето животно и професионално искуство го стекнува во околности што сѐ уште ѝ се недоволно познати на пошироката јавност, со оваа книга Андов фрла нова светлина врз, како што вели и самиот, луѓето и времињата што се предмет на обработка. Книгата е дел од неговите политички мемоари, а деновиве, по повод неговиот 85-ти роденден, е објавена во издание на „Матица македонска“.

Стојан Андов – „Луѓе, времиња“ (10)

Во оние седум години, од 1971 до 1978, кога често бев упатуван на соработка со Кабинетот на претседателот на државата Јосип Броз-Тито и кога се среќавав доста често со него, на средбите кога водеше наша делегација, а јас бев член на делегацијата, збирен впечаток ми остана тоа што Тито знаеше да молчи. Ако доаѓаше некој претседател на држава, на средбата, покрај учтивите размени на пријателски фрази, Тито ги водеше работите така што стануваше нужно гостинот да зборува прв. Овде ќе споменам само три бележити случаи што најмногу ми останаа во паметење.
Кога Анвар ел Садат дојде на Бриони, на официјалната средба, откако Тито го поздрави, почека и даде можност гостинот да каже зошто дошол. Анвар ел Садат зборуваше најмалку три часа. Беше очигледно дека се наоѓа пред донесување крупни политички одлуки, важни за иднината на неговата земја, и настојуваше што поточно да ги прикаже работите. Во тие три часа Тито не проговори ниту збор. Суштината на излагањето на Садат беше промената во политичката ориентација на Египет што сакал да ја изведе. Накратко, кажа дека политичкиот курс што го следел Насер, а и тој самиот потоа, не овозможува не само победа – туку ни приближна рамноправност во воената моќ меѓу арапските земји и Израел.

Ги опиша настаните во три поголеми важни градови: Суец, Порт Хаид и Исмаилија. Тврдеше дека Израел располага со оружје и непрекинато ги бомбардира египетските позиции, а притоа страда и цивилно население. Рече дека за да се промени тоа, потребни му се помош и разбирање од Американците. Во контактите што ги имале негови луѓе со американски дипломати, Американците поставиле само еден услов за таква соработка: Садат да ги протера од Египет советските воени стручњаци. Со разни нови аргументи, со сликовито раскажани настани, Садат го дополнуваше своето излагање и кога виде дека Тито молчи и натаму, реши да го праша: „Господине претседател, како Вие гледате на овие наши состојби? Што можете да ми посоветувате да сторам? На некој начин да ја прекинам оваа трагична состојба на мојата земја.“ Тито накратко му рече: „Ситуацијата во која се наоѓа Египет изгледа вака: Египет е советски сојузник, а Израел е американски сојузник. Мислам дека за Египет би било најдобро ако може да ги задржи советските воени експерти и да им ги ограничи можностите, а да ги повика и Американците и со нив да направи сојуз.“ Садат му одговори дека тоа го пробал, но Американците биле категорични: Ќе бидат египетски сојузник само ако советските стручњаци го напуштат Египет, а Египет го напушти договорот за воена соработка со Советскиот Сојуз. Тогаш Тито рече: „Најдобро е ако можете во огнот да ги држите двете железа.

А, ако не е можно тоа, тогаш она што помалку можете да го држите и што помалку ви носи корист – ќе треба да го отфрлите.“ На Садат му олесна и му се заблагодари на Тито.
Не минаа ни две недели откако се врати Садат во Египет, го раскина договорот со Советскиот Сојуз, а многу бргу потоа склучи договор за воена соработка со САД. Таа соработка му овозможи по една и пол година од оваа посета да го изненади Израел, да ги отфрли израелските воени сили од Суецкиот Канал и да продре на Синајскиот Полуостров, во октомври 1973 година. Потоа таа соработка на Египет со САД доведе до Договорот од Кемп Дејвид, според кој Египет и Израел меѓусебно се признаа, воспоставија дипломатски односи и редовни консултации.
Друг таков случај, кога Тито кажа две-три реченици како одговор на долгото излагање на гостинот, беше посетата на претседателот на Ангола, Агостино Нето. На Бриони, Нето дојде на пат за Москва, каде што отиде да се лекува. Во долгиот разговор со Тито, Нето ја објасни ситуацијата во Ангола. Објасни дека опозицијата во неговата земја формирала воени единици, потпомогната со оружје од Јужна Африка, и таа честопати правела препади и неред во државата. Токму поради тоа Нето се обратил до Кастро во Куба со молба да ги вооружи подобро официјалните единици на Ангола за да се справат со диверзиите. Но Кастро, наместо со оружје да му помогне на Нето, во Ангола испратил доста голем контингент кубански трупи. Тоа помогнало да се отфрлат диверзиите од Јужна Африка, што во Ангола било добро примено.

Збирен впечаток ми остана тоа што Тито знаеше да молчи. Ако доаѓаше некој претседател на држава, на средбата, покрај учтивите размени на пријателски фрази, Тито ги водеше работите така што стануваше нужно гостинот да зборува прв

Но кубанските трупи останале и понатаму во Ангола да помагаат за нејзината стабилност. Меѓутоа, соседните африкански држави не прифаќале, кога веќе се потсмирила ситуацијата во Ангола, во таа земја сѐ уште да има кубански трупи. Нето рече дека оди во Москва на лекување, ама главна задача му е да го наговори раководството на СССР да побара од Кастро да ги повлече своите трупи од Ангола. По излагањето на Нето, од околу два часа, тој очекуваше Тито да го посоветува што всушност да каже во Москва и како да го формулира барањето. Тито молчеше извесно време, а потоа кратко рече: „Вие одите во Москва на лекување, така ве разбрав.“ Нето му потврди. Тогаш Тито му рече: „Ако прифатите да останете на лекување во нашата земја, ние ќе ви помогнеме, нашите експерти не заостануваат зад советските. Ако имате посебни причини што ве упатуваат на тоа да не го прифатите овој мој предлог, појдете на лекување во Романија, и тие имаат добри стручњаци.“ Тито воопшто не ја спомна Москва, ниту барањето на Нето од Москва да влијае да се повлечат кубанските трупи од Ангола. Тој најверојатно оцени дека не е време да го стори тоа и затоа не го спомена тоа прашање. Од Бриони во Белград, со специјалниот авион, Нето го придружувавме членот на Претседателството на СФРЈ, Лазар Колишевски, и јас. Нето не беше расположен за разговор.

А Лазо ми здодеа: „Тито сака да му го спаси животот на Нето, ама не знам дали ќе успее.“ Нето од Белград замина за Москва. Го лекувале речиси дваесетина дена, а потоа Нето почина.
Третиот пример што уште го паметам беше кога Југославија ја посети претседателот на Република Панама, полковникот Торихос. По службениот ручек и разговорите во Белград, протоколот на претседателот Тито побара сите присутни да се повлечат, а јас да останам. Потоа ја повикаа Јованка Броз. Во присуство на Јованка и мое, Тито и Торихос водеа подолг разговор. Претседателот на Панама зборуваше околу два часа. Зборуваше за узурпацијата на територијата на Панамскиот Канал, над која Панама како држава немаше суверенитет. Американците, уште кога се правел Каналот, обезбедиле договор со тогашната панамска влада, со кој таа суверенитетот на зоната на Каналот ѝ го отстапила на американската компанија што го експлоатирала Каналот. Тој зборуваше колку е огорчен народот во Панама, колку нестрпливост постои, колку од него се бара да преземе нешто да го врати суверенитетот на зоната на Панамскиот Канал. Зборуваше и за својата несигурност кај некои кругови од панамската армија. На крајот од тој подолг говор, Торихос побара совет. Наместо Тито, упадна Јованка „Па, треба да извршите саботажа на Каналот и да го заземете.“ Човекот ја погледна и малку се двоумеше дали да одговори, но сепак рече: „Ама ние немаме воена сила што може да ја заземе зоната на Каналот.“

Тито сѐ уште молчеше. Јованка нестрпливо додаде: „Па, имате војска!“ Тито малку се поднасмеа и рече: „Така е Јованка, нека маваат со ананас.“ Потоа се сврти кон претседателот и му рече: „Америка е голема и силна земја. Не треба да одите со закани. Подобро е да наоѓате проверено правични новинари, деловни луѓе, па и конгресмени, кои во американската јавност ќе се заложат да ви се подобрат односите на Панама како држава со компанијата што го има суверенитетот врз зоната на Каналот.“
Тоа беше одговорот на Тито. Од протоколот на претседателот на Републиката по таа средба ми беше речено дека за неколку месеци ќе треба да патувам во Панама и да се информирам за состојбите. Мојот пат во Панама и во Латинска Америка овде ќе го пропуштиме. Ќе кажам само дека некаде една и пол година по посетата на Торихос на Белград, тој во Панама загина така што во хеликоптерот со кој одел во некоја воена база експлодирала мина и сите во него загинале.
Молчењето како неоспорно својство на Тито и неговото внимателно слушање ги забележав и на две седници на Претседателството на СФРЈ. Тоа ќе беше некаде кон крајот на 1975 или почетокот на 1976 година. На седницата на Претседателството присуствуваше и Тито, а со седницата раководеше потпретседателот на Претседателството, Петар Стамболиќ. Седницата беше свикана по барање на Тито, за информација и консултација на Претседателството со Владата во врска со општествениот план 1976 – 1980 година.

Откако ги ислуша излагањата на тогашниот премиер Џемал Биедиќ, на министерот за финансии, а накратко бев повикан и јас да кажам за оцените на она што може да се очекува во секторот на девизниот систем, почна дискусија со учество на членовите на Претседателството на СФРЈ. Кога заврши дискусијата, Петар Стамболиќ даде пауза, сметајќи дека претседателот на Републиката е уморен. Тито тогаш замоли да му се овозможи да каже нешто. Рече само неколку збора: „Ако сте се усогласиле со републиките, тогаш можам да кажам дека планот е добар. Но се плашам остварувањето на овој план да не ја задолжи многу земјата кон странство. Ако се случи тоа, тогаш состојбата ќе биде опасна“.
Тито стана, со два-три збора му заблагодари на Петар Стамболиќ, и замина. И тоа беше пример колку долго и упорно Тито може да молчи и да слуша.

(крај)