Генерално најмногу проблеми со закажување има за интернист и за кардиоваскуларни болести, на урологија, очно, ушно. Во помалите места, пак, нема термини за прегледи за малигни заболувања. Инаку, за време на екот на пандемијата не можеше да се закажуваат прегледи и интервенции во електронскиот систем „Мој термин“

Ковид-пандемијата направи тешки компликации и во системот на здравствената заштита

Пациенти со месеци чекаат за одредени здравствени услуги во јавното здравство, особено ако сакаат да направат одредени снимања или специјалистички прегледи. Ковид-пандемијата изминатата година и пол дополнително ја искомплицира состојбата, но и сега во летниот период кога ситуацијата со нови позитивни случаи е олабавена, сепак, пациентите повторно чекаат термини на „Мој термин“.
Матични лекари ја потврдуваат ваквата фактичка состојба.
Велат дека и покрај напорите да им обезбедат термини за специјалистички прегледи на своите пациенти, принудени се да ги препраќаат во други градови со приоритетни упати, кои важат до седум дена.
Генерално најмногу проблеми со закажување има за интернист и за кардиоваскуларни болести, на урологија, очно, ушно. Во помалите места, пак, нема термини за прегледи за малигни заболувања.
Инаку, за време на екот на пандемијата, не можеше да се закажуваат прегледи и интервенции во електронскиот систем „Мој термин“.
Матичната докторка Лилија Чолакова Дервишова, претседателката на Здружението на приватни доктори, вели дека тешко се наоѓаат термини за специјалистички прегледи, како и дека продолжува повеќегодишниот проблем со немањето термини за прегледи и снимања.

– Сега е период и на одмори. Блокирано е закажувањето на итните термини, како и за приоритетните за седум дена. Функционира само закажување за физикална терапија. Проблемот е поголем во помалите градови, кои имаат по еден-двајца специјалисти од одредена област. Ова е резултат на лошата здравствена политика со години – посочува таа.
Принудени се да ги испраќаат пациентите во главниот град.
– Во Источна Македонија бројот на специјалисти е сведен на нула. Затоа сите одат за Скопје, без разлика дали е итен преглед или се работи за редовна контрола. Секако дека не смееме да ја злоупотребиме ситуацијата и на сите да им даваме итен или приоритетен упат. Трошиме време на административни проблеми – заклучува докторката.
Пациентите се нервозни зашто не можат да добијат термини.
– Треба да се случи чудо за да добијам упат. Бркам врски преку пријатели за да можам да направам ехо-преглед или, пак, да добијам упат за преглед на ехо на дојка. Термини нема никаде ни за лек. А од тоа ми зависи терапијата на Клиниката на онкологија – вели Јана од Скопје.

Некои од лекарите велат во оваа ковид-состојба, многу од пациентите се премислуваат да се појават на термините. Долгото чекање за специјалистичките снимања и испитувања не само што ги исцрпува пациентите туку и дополнително го комплицира нивното здравје. Кај одредени заболувања чекањето на лекарската интервенција или терапија може да предизвика аномалии и заболувања и на други органи, па пациентите не можат да се тркаат со термините и своите заболувања предизвикани од ненавремениот медицински третман. Здравствените власти велат дека на пациентите што имаат итна потреба од здравствена грижа може од лекарите им се издаде итен упат, во кој пациентот ќе добие здравствена грижа во 24 часа.
Од Владата многупати посочија дека во изминатиот период, додека целиот здравствен систем бил ставен во првата линија на борбата против пандемијата на ковид-19, не престанала и грижата за обновата на болничката инфраструктура и за опремување на здравствени капацитети со најдобрата и најсовремена опрема за врвни здравствени услуги за нашите граѓани.
Премиерот Зоран Заев посочува дека нивна одговорност е грижата за пациентите и здравствените работници.
– Ќе продолжиме со подобрување на состојбите во севкупното наше јавно здравство – додава Заев.

[email protected]