СЈО помеѓу судскиот и партискиoт сатар

551
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Додека Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја води истрагата за аферата „Рекет“, односно за наводната уцена и перење пари од страна на лица што се повикувале токму на блискоста со главната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, партиските лидери што непосредно пред обелоденувањето на аферата ги свика премиерот Зоран Заев, денеска, меѓу другото, треба да разговараат и за судбината на СЈО

Иако специјалното јавно обвинителство, според повеќето оценки, е компромитирано со истрагата за аферата „Рекет“, односно за наводната уцена и перење пари од страна на лица кои се повикувале токму на блискоста со главната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, премиерот Зоран Заев и понатаму инсистира на лидерската средба што ја закажа за денеска, меѓу другото, да се разговара и за новиот закон за јавно обвинителство, со кој треба да се реши статусот на СЈО. Реакциите на аферата не стивнуваат веќе со денови, а јавноста заинтересирано ги следи сите нови моменти во истрагата, па сосема оправдано се поставува прашањето колку е конструктивно во овој миг на лидерска средба да се разговара за оваа тема. Вистина, Заев тоа го правда со потребата да се покаже политичка волја за спроведување на реформи во правосудството и за борба со високата корупција и организиран криминал, што впрочем го поставува и ЕУ како еден од главните услови за конечно добивање на датум за почеток на преговорите за членство во Унијата. Експертите имаат свои гледања на целата ситуација.

– Главната грешка што се прави во јавноста и во медиумите, поврзано со аферата „Рекет“, е што се поврзуваат индивидуалците и институцијата. Секогаш е препорачливо да се разговара и да се најдат политички решенија за теми од голема општествена и политичка важност. Сметам дека нема да има штета ако законот за јавно обвинителство биде тема на лидерската средба и на неа да се најде форма со која ќе продолжи борбата со високата корупција. Мислам дека на тоа инсистира и меѓународната заедница – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Со сличен став се и правниците.

– Нека си тече истрагата за аферата во која има индиции и за некакви контакти со првиот човек на СЈО, но тоа не треба да биде пречка за наоѓање решение за формата во која и понатаму ќе продолжи борбата со високата корупција и организираниот криминал. Постапките што ги има отворено ова обвинителство не треба да трпат. Предметите може да ги преземе Обвинителството за организиран криминал, како и докажаните обвинители од СЈО да преминат таму и да продолжат да ги водат постапките, а другите да се вратат во обвинителствата од каде што дошле. Самото СЈО и така беше формирано како ад хок решение, во услови на нефункционалноста на постојните судски институции и сега треба да премине во редовниот правен систем. Но предметите и истрагите на СЈО мора да имаат некаква разрешница – смета адвокатот Александар Тортевски.

Со свој став излезе и претседателот Стево Пендаровски.
– Една работа е работата на институцијата СЈО до овој момент и постапките кои ги воделе различни обвинители, не само Катица Јанева. Сосема друга работа е последниов случај за кој, како и да се сфати, јас ургирам и од оваа позиција до надлежните органи да ја процесуираат што побрзо и што подлабоко за да не остане ни најмала дамка на работата на институцијата како таква. Да заклучам, СЈО беше и тоа како потребно во времето кога ги правевме демократските промени. СЈО во некаков облик, во некој дел од системот на редовно јавно обвинителство, и тоа е потребно и во наредниот период да ги процесира криминалите не само на оние што биле на власт, туку и на нас што сме денеска на власт – вели Пендаровски.

Познато е дека СЈО произлезе од Пржинскиот договор во 2015 година, за кој тогашните политички фактори се согласија да биде формирано со ограничено времетраење, но под голем меѓународен притисок. Сегашната опозиција, која тогаш беше на власт, набргу почна да покажува скептицизам и недоверба во капацитетите и работата на СЈО, наспроти политичките опоненти кои оваа институција ја промовираа во беспрекорен симбол на борбата за правдата. За да се формира СЈО беа направени многубројни законски и правни преседани, кои оставаа простор за уште повеќе контроверзни пресуди и реакции во јавноста. Последниов случај, дефинитивно, го компромитира обвинителството.


Жбогар: Очекувам СЈО да биде во рамките на Јавното обвинителство

По неколкудневна воздржаност од коментари за случајот „Рекет“, Законот за јавно обвинителство и за судбината на СЈО, вчера се огласи евроамбасадорот Самуел Жбогар. Тој смета дека последните случувања во врска со случајот „Рекет“ не треба да имаат последици врз европерспективите на земјава. Според Жбогар, активностите што ги презема Јавното обвинителство претставуваат функционирање на владеењето на правото.
– Сметам дека она што моментално го презема Јавното обвинителство е демонстрација на функционално владеење на правото. Самиот факт дека ЈО почнува да работи на случаи на корупција, а не само СЈО, покажува дека има напредок и тоа е добро – рече Жбогар. Според евроамбасадорот, во изминатите неколку години СЈО навистина напорно работело и завршило многу добра работа, работело на градење судска практика за случаите на корупција и многу добро ги проследило кривичните дела што произлегоа од прислушуваните разговори.
– Таму работат извонредни правници и истражители. Очекувам дека политичките лидери, кои се надевам дека утре ќе се сретнат, ќе се обидат да најдат решение за иднината на СЈО во рамките на Јавното обвинителство – рече Жбогар.