Сѐ уште е голем јазот меѓу нормативното и стварното

305
Фото: Дарко Андоновски

Жален е фактот што идентификува појава дека она што е напишано на хартија (устав, закони, подзаконски акти, процедури…) е едно, а тоа различно се случува во практика, како „остварување“ или придржување кон она што значи позитивно право и утврден правен систем. Еден мал хронолошки преглед недвосмислено би ни покажал слика на поинакви процеси и постапки, на сосема поинакво дејствување и работење од она што е де јуре предвидено како треба да функционира. Имено, она што значи де јуре е сѐ уште многу далеку од она што се прави де факто. И тоа токму во институциите на власта. Исклучително е длабок јазот меѓу нормативното и стварното работење на институциите. Инцидентно, но сепак сѐ пофреквентно се продлабочува јазот меѓу нормативното, од една страна, и стварното работење на институциите, од друга страна

Обликувањето на Собранието со изразен плурален, демократски капацитет, кој ќе стимулира отворена дебата, широки консултации со релевантни стручни и професионални организации и здруженија, со познати експерти во своите области, со невладини организации и со голема вклученост на мислењето на граѓаните како инструмент за вистинска контрола на избраната извршна власт и првенствено за носење закони во интерес на граѓаните е императив на секоја правна држава и функционална демократија. Така и кај нас. Сепак, најострите критики токму по овие принципи беа упатувани кон нашиот парламент, пред сѐ поради скратените процедури на носење закони, преку кои се осакатува квалитетот на законите, кршење на процедурите и деловникот и создавање правна несигурност кај граѓаните и правните субјекти токму во законодавниот дом…
Еден мал преглед на хронолошки настани ќе ја покаже сликата на „малку поинакви“ процеси и постапки, на сосема поинакво дејствување и работење од она што е законски пропишано, процедурално усвоено, а треба во практика да е одамна востановено. Ќе се види дека во повеќе случаи Собранието при носењето исклучително важни одлуки еквилибрира на работ на легитимноста и легалноста, на границата меѓу законите и Уставот, поминувајќи одвреме-навреме на страната на политичките компромиси, кои често излегуваат надвор од законските и уставните рамки!? И тоа се случува токму во законодавниот дом, во највисоката институција на законодавноправната власт?! Онаму каде што владеењето на правото извира… Затоа оттаму произлегуваат и честите недоразбирања, многубројните повикувања на уставните одредби, барања за нивно толкување или за доследно спроведување. Очигледно и мониторингот на дипломатскиот кор во државава ова нешто го забележува и реагира, честопати дипломатски, но одвреме-навреме и отворено предупредувачки.

Практиката на непочитување на процедурите, или само на нивно делумно спроведување, потоа игнорирање на собранискиот деловник и уште повеќе непочитување на законите и Уставот, почна уште од самото конституирање на Собранието. Посебна приказна се настаните од 27 април, кога на мошне индикативен начин, со слалом низ пропишаните деловнички процедури, беше избран претседателот на Собранието. Тоа предизвика реакција на вчудовидување кај луѓето и од домашната и од странската јавност, кои се држат на принципот на легализам. Од друга страна, тоа предизвика и импулсивен адреналински протест кај дел од граѓаните, протести што се претворија во неоправдано и безумно насилство. Процедурата на изборот на спикер во македонскиот парламент се соочи со предизвикот на дилемата дали постои легалитет, а со тоа и легитимитет, при што до денес легалистите сметаат дека изборот на претседателот на Собранието е многу политика, а воопшто процедура и право. Наедно, правната аналогија, оттаму, недвосмислено може да вади (не)одговорени прашања во смисла дали домино-ефектот на кршење на легалитетот на првиот меѓу еднаквите во Собранието при неговиот избор, повлекува и нелегално и нелегитимно работење во текот на сите негови деловнички и законски овластувања и обврски во рамките на вкупниот делокруг на работа на претседателот на Собранието. Дали тоа значи дека работењето на претседателот на Собранието од почеток на вршењето на неговите обврски е незаконско и спорно?

Исклучително карактеристичен е примерот со донесувањето на Законот за употреба на јазиците. И на самите пратеници им е јасно дека притоа не е почитуван Деловникот, дека со разни комбинации и „креативни“ решенија, давање „преференцијален статус“ на предлог-законот, европски знаменца (иако и за тоа бевме предупредени дека не треба да се прави), со менување комисии и слично, се прескокнати и заобиколени многу членови од него. Со самото тоа што тоа не беше услов за почнување преговори со ЕУ, на законот му беше ставено европско знаменце и беше донесен по скратена постапка. Ретко кој закон имал толку забелешки, се разбира прво од правниците, па потоа и од лингвистите, македонистите, историчарите, од МАНУ, па и од политичарите и од ред компетентни институции и поединци, но тоа за Владата и за Собранието не значеше ништо?! Сите нивни забелешки, дури и најдобронамерните, беа фрлани во канта.

Иако поминаа пет месеци оттогаш, функционалноста на самиот закон и целата постапка и неговата судбина сѐ уште се нејасни. Се свестивме дека излеговме од рамката на легалитетот и влеговме во рамките на политичко калкулантство, или во прашање е нешто трето? Сега, како што е познато, Законот и по второто гласање во Собранието, не е потпишан од претседателот на државата. Законот е изгласан, но не е донесен, иако некои негови членови се спроведуваат во практика. Според закон, законот е донесен и стапува во сила само тогаш кога е објавен во „Службен весник“. Претседателот го смета законот за неуставен, пратениците мислат поинаку, а формалното статус кво не е надминато. Политичкиот дриблинг (како-годе толкувањето и примена) на законите создава правна несигурност, продолжува да го урнисува стремежот за градење на правната држава и влијае врз сѐ поочигледната поделба на граѓаните.

Нешто слично се случуваше и со спогодбата за разликата во името со Грција кога јавноста, дел од опозициските партии и претседателот на државата беа елиминирани од информации и консултации, при што се добива впечаток, што го изрази и претседателот, дека „договорот со Грција е работа само на неколкумина луѓе“. И овој изгласан закон, иако недонесен, од власта насекаде се легитимира како усвоен, донесен и конечен. Во таа насока, во смисла на изигрување на законите одат и најавите и барањата за измена на постојниот Закон за референдум, каде што се бара намалување на цензусот и се манипулира со бројот на гласачите. Порака Уставот да се игнорира?!

Во условите на Европската Унија за почеток на преговори со Република Македонија, како и во извештајот на Рајнхард Прибе, како посебен се наведува условот за почитување на законите, за нивно доследно спроведување, не за нивно изигрување, како што е долга и наследувана практика на секоја власт што досега се менувала од осамостојувањето. Правилата за почитување на законите и процедурите во една држава ги прават традицијата на правната држава и функционалните демократии. Во оваа смисла за нотирање е изјавата на францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, кој во неколку наврати предупреди дека во Македонија нема запазување процедура за усвојување закони, нема цивилизирана дискусија за теми од интерес на граѓаните, нема минимум консензус за ништо, нема кохабитација… Затоа, не би требало да нѐ чуди ставот на Франција дека Македонија не е сосема зрела за да ѝ се придружи на Унијата, како и отпорот на други земји што имаат поцелосни сознанија за недоволната успешност на македонските реформи.

Општо земено, Собранието во кое главниот збор го имаат сите оние што го сочинуваат претставничкиот дом, а се разбира особено оние што се носители на мнозинството, не носи слика на европска демократска институција, со демократски белези на европска држава. А познато е дека Унијата прима само земји што се функционални демократии. Одговорна и транспарентна власт нема што да крие. Чесни политичари не се плашат од вистинска правда, објективни медиуми, ниту од активни граѓани. Ниту, пак, смее да се обидува да води кампања за задушување на дебатите и критиките, без оглед колку тие би биле неповолни по власта и нејзините претставници. Особено поаѓајќи од фактот дека носителите на власта што би требало да бидат легитимни претставници на сите граѓани што ги избрале, перманентно се наоѓаат под објективот на нивното избирачко тело, на јавноста, на медиумите, на невладините организации, на експертите од различни области, и тие мораат да работат во интерес на граѓаните, во интерес на нацијата и, се разбира, на државата. Таквиот интерес е во рамките на правото, Уставот и законите на државата. Власта е прва, не само извршната, туку и законодавната и судската, која треба стриктно да се држи и да ги почитува правните норми и позитивното право, бидејќи со тоа се чува правниот поредок, се поддржува и негува владеењето на правото, а со тоа и функционалната демократија во една сериозна национална или граѓанска држава. Друштвото каде што сакаме да се придружиме (ЕУ или НАТО) само тоа го бара. Ништо повеќе. Прашање е дали го можеме ние тоа или не? Н.М.