Суфицит на обвинувања и ветувања, а дефицит на вистински информации

417
Никола Димитров и Панос Каменос

Најава за особините и белезите на претстојната референдумска кампања

Едни со митинзи, други со директни средби со граѓаните трети преку социјалните мрежи и Интернет. Со различни приоди, концепти и убедувања, но сите заради исполнување на својата цел, почна кампањата за претстојниот референдум закажан за крајот на септември. Додека партиите сѐ уште ги создаваат и кристализираат политичките мантри, кои сметаат дека ќе им одѕвонуваат на граѓаните за време на референдумската кампања, упатените од првиот ден од кампањата коментираат дека од авион можат да се проценат какви се пораките и кој што ќе ветува или обвинува.

Премиерот Зоран Заев, кој ја промовира кампањата во Клубот на пратениците во Скопје, најави дека во коалицијата што ќе ја води кампањата „Излези ЗА европска Македонија“, заедно се здружени околу стотина субјекти и се очекува таа бројка да расте. Заев на коректно и педантно организирано официјално обраќање пред јавноста најави „пријатна, едукативна и мобилизирачка“ кампања за референдумот за на гласање да излезат над половина од запишаните избирачи. Тој вели дека примарната цел е да се обезбеди цензус, односно на гласање да излезат над 900 илјади луѓе. Од друга страна, од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште немаат став за тоа дали и каква кампања ќе водат. Политичките аналитичари не очекуваат во почеток на кампањата жестоки вербални судири или екстремно негативна кампања со лични навреди и остра реторика на политичките противници. Но во исто време тие велат дека како ќе одминува времето можно е да се очекува вжештување на таборите и актуализирање на зајадливите закачки при крајот на процесот.

Професорот Нано Ружин очекува мирна кампања во која, како што вели, ќе преовладува умерена пропаганда, со тежиште кон објаснување на придобивките на земјава од зачленувањето во ЕУ и во НАТО.

– Претпоставувам се работи за една синергија меѓу партии и граѓански организации и друштва, кои се за европска иднина на нашата земја. Основната порака е дека се работи за Република Македонија и нејзината европска перспектива тоа, пак, во превод значи дека се очекува економски, политички но и секаков друг вид напредок на државава во време кога повторно отворено се зборува за нови прекројувања и поделби на територии и граници во опкружувањето – тврди Ружин. Според професорот Ружин, иако е прерано да се зборува како ќе се одвива кампањата за претстојното референдумско изјаснување, многу лесно граѓаните уште од првиот ден можат да воочат дека таборите се поделени и едните се за, а другите против договорот со Грција.

– Иако имаме страна, која чисто прецизно и транспарентно во јавноста го објави својот став, кој ќе го застапува во претстојниот период, од друга страна се наѕира екипа што не знае што прави со својата политика и пасивна реакција. Не нудат никакви сценарија и решенија, па дури тие избегнуваат и да ги соопштат и опасностите што ни претстојат доколку не успееме на референдумот. Во меѓувреме продаваат националистички пораки и избегнуваат истите тие јавно да ги соопштат. Бојкотирањето на оваа европска шанса за нас може да донесе мрачни сценарија за Македонија за кои убеден сум дека граѓаните и покрај сѐ нема да дозволат да се случат – завршува Ружин. Од друга страна, според Ристо Никовски кампањата за референдумот е всушност кампања за цензус, а нашиот народ, според него, е доволно умен за да го бојкотира истиот тој.

– Мислам дека кампањата ќе биде жестока бидејќи двете страни се конфронтирани и на сосема спротивни страни, а поентите се главно јасни. Едните одат на влезот во НАТО и во ЕУ и преку тоа се обидуваат да го забошотат катастрофалниот и понижувачки договор со Грција, додека другите се против договорот и на тоа ќе инсистираат. Веќе почнаа со многу нечистотии во кампањата како таа на Камбовски дека се прави кривично дело ако се пропагира бојкот и мислам дека и така ќе продолжи бидејќи носителите на овој погубен проект за Македонија немаат скрупули и подготвени се на сѐ. Ценам дека нашиот народ е доволно умен и дека ќе го бојкотира референдумот – вели Никовски.