Суперсилите произведуваат оружје за мир или за војна

171

Главните играчи на меѓународната сцена, САД, Русија и земјите од ЕУ, кои преку политичарите пропагираат мирољубиви вредности, се практично и најголеми производители на оружје

Глобалната трка во вооружување и во производство на оружје се чини дека изминатиов период добива динамика и интензитет. Иако забрзаното темпо на прв поглед е невидливо за голото око на обичниот човек, пред сѐ поради изјавите на светските политички моќници, кои со свилени „мирољубиви“ тонови ја практикуваат политиката на своите држави, тоа сепак станува очигледно кога длабински ќе се анализираат големиот број истражувања и публикации што на оваа тема ги објавуваат повеќе светски научноистражувачки организации и институции.

Токму такви загрижувачки информации се претставени во последниот извештај на Меѓународниот институт за истражување на мирот (СИПРИ) од Стокхолм.
Имено, доколку се проанализираат графиконите и бројките на истражувањето на стокхолмскиот институт, ќе се заклучи дека главните играчи на меѓународната сцена, САД, Русија и земјите од ЕУ, кои преку политичарите пропагираат мирољубиви вредности, се практично и најголеми производители на оружје.

Она што, сепак, е специфично за наодите на последниот извештај на СИПРИ е фактот дека Русија се искачи на второ место меѓу земјите производители на оружје во 2017 година. Таа е рангирана по САД, кои се на првата позиција долги години. Според извештајот на СИПРИ, руската индустрија за оружје претставува 9,5 отсто од продажбата на 100-те најголеми светски производители во 2017 година, со профит од 37,7 милијарди долари, што е за 8,5 отсто повеќе од 2016 година.

– Тоа е во согласност со зголемувањето на расходите на Русија за купување оружје за модернизација на нејзините вооружени сили – коментира истражувачот Сиемон Веземан.

Досега второто место на ранг-листата од 2002 година го заземаше Велика Британија, која сега паѓа на трето место. Франција е на четвртото место.

Во меѓувреме, САД продолжуваат да доминираат на листата со голема предност. Американските производители сочинуваат 57 проценти од вкупната продажба во 2017 година, а 42 американски компании се наоѓаат во првите 100 претпријатија со вкупен приход од 226,6 милијарди долари.
Во извештајот на СИПРИ се наведува дека продажбата од страна на турски компании се зголемила за 24 проценти во 2017 година, како одраз на амбициите на Анкара да развива своја индустрија за оружје, за да одговори на зголемената побарувачка и да стане помалку зависна од странски доставувач.

Инаку, институтот СИПРИ е создаден во 1966 година од страна на парламентот на Шведска и ги следи воените трошоци и трансферите на оружје.

Во контекст на информациите за оваа специфична индустрија, од која светските суперсили заработуваат многу, за забележување е фактот дека во Македонија се чини оти таа е подзаборавена тема. Македонската военонаменска индустрија, како дел од комплексот на некогашната југословенска армија, до 1990 година имаше 19 фабрики.

Гигантот „Еуроинвест“ произведуваше композитна заштита за некогаш најдобриот тенк, југословенскиот „М-84“, кој се покажа подобар од американскиот „абрамс“ во Првата заливска војна, а оваа фабрика истовремено произведуваше и панцири и шлемови. Вториот гигант „Металскиот завод – Тито“ (МЗТ), со 1.200 работници, правеше мултипликатори за тенк, куполи и други помошни делови. Дури и Русите ги купуваа менувачите за своите тенкови „Т-55“ од МЗТ. „Сувенир“ од Самоков беше примарна фабрика за производство на муниција за ЈНА, а извезуваше и во САД.

„Тетекс“ од Тетово ги произведуваше најдобрите шинели за ЈНА. Прилепски „Еурокомпозит“, фабрика што беше дел од некогашниот гигант „Еуроинвест“, сѐ уште е во државна сопственост и создава загуби, но сепак има своја програма. Прави панцири и зољи, кои ги извезува за доработка во Србија. Денес во оваа индустрија функционираат единствено приватни компании, како скопски „Диаг“, кој ги произведува значките на шведската армија, „Винка“ од Виница шие воени кошули за холандската армија, „Единство“ од Валандово ги шие сите униформи за британската војска. Прилепски „Еурокомпозит“, фабрика што некогаш беше дел од гигантот „Еуроинвест“, произведува панцири и зољи, кои ги извезува за доработка во Србија.