Странците во кампања – меч со две сечила

560
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Без разлика дали пораките на странските политичари се во насока на поддршка на едниот или на другиот претседателски кандидат, се поставува прашањето зошто некој однадвор би им кажувал на македонските граѓани и гласачи кого да изберат и што е најдобро за нив. Од друга страна, пак, колку ваквите сугестии може да бидат продуктивни или, пак, контрапродуктивни. Политичките стратези и пиар-консултанти даваат свое стручно видување за ваквите практики, одамна вкоренети во политичкиот живот во Македонија

Колку странските политичари можат да влијаат врз резултатите од претседателската трка, од каде потребата однадвор да добиваме препораки за квалитетите на домашните кандидати и дали и колку ваквите странски сугестии може да го сменат мислењето на граѓаните.
Овие дилеми се актуелни кај домашната јавност во времето на изборната кампања, кога политичари од рангот на Стипе Месиќ, Тања Фајон, Росен Плевнелиев, Сергеј Станишев се појавуваат во видеоспотови на некој од претседателските кандидати, но истовремено препораки и сугестии во однос на кандидатите и изборите доаѓаат и од редица други политичари, како косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, и министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, како и многу други.

Од странските политичари, со поддршка за некој од кандидатите изминатиот период се огласија и Маријана Петир, европратеничка од Хрватска, Јанез Јанша, поранешен премиер на Словенија, и претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол.
Интересно, и странските политичари се поделени во поддршката на македонските кандидати за претседател, па, така, едни се определуваат за Стево Пендоровски, додека други ѝ даваат поддршка на Гордана Сиљановска.

Без разлика дали ваквите пораки се во насока на поддршка на едниот или другиот претседателски кандидат, се поставува прашањето зошто некој однадвор би им кажувал на македонските граѓани и гласачи кого да изберат и што е најдобро за нив и колку ваквите сугестии може да бидат продуктивни или, пак, контрапродуктивни. Притоа, како наједноставен показател може да послужи примерот со референдумот лани, кога во земјава дојдоа голем број влијателни странски политичари и лидери, но, сепак, референдумот пропадна и не беше постигнат потребниот цензус.

Според експертите што се разбираат во политичкиот пиар, ваквиот принцип на своевидно учество на странскиот фактор во македонската политика уште одамна е вкоренет на домашната политичка сцена, каде што многу често како посредници, но и протагонисти, се вклучувани странските дипломати. Таков беше случајот во сите изборни кампањи и во времето пред одржувањето на референдумот во земјата околу договорот со Грција, кога државата рекордно беше посетена од највисоките светски политичари од Европа и Америка.

Политичкиот стратег и пиар-консултант Синиша Пекевски смета дека сите активности што се спроведуваат во изборната кампања од партиите имаат цел да им се даде кредибилитет на кандидатите од партиите, а во таа насока е и прикажувањето на меѓународниот фактор во телевизиските спотови и изборни митинзи.

Според Пекевски, странските политичари од партиите се користат најчесто за да се даде тежина на нивното дејствување, односно да се создаде слика во јавноста дека зад нивните кандидати е меѓународниот фактор, кој условно ги поддржува во нивните политики.

– Токму затоа не само во актуелната кампања туку и во сите претходни изборни трки, со посебен акцент на последниот референдум, во јавните настапи на партиите се користеа препознатливи странски политичари што имаат висок рејтинг во меѓународната јавност, но и кои се истовремено и на битни функции во одредени институции или држави. Во оваа кампања, на пример, имавме можност во спотови да ги забележиме хрватскиот и бугарскиот поранешен државник Стипе Месиќ и Росен Плевнелиев, кои советуваат зошто еден од кандидатите е подобар од другите. Нам треба да ни биде јасно дека современата политика функционира на таков начин што никој од овие странски политичари тоа не го прави без одредена бенефиција, која претходно ја договорил со партијата што го ангажирала. Инаку, како би знаеле странските политичари што се појавуваат во спотовите и митинзите кој од македонските колеги навистина е способен во своето дејствување, па и тој да го поддржат пред домашните гласачи. Со други зборови, маркетингот во политиката се мери во пари, а во светски рамки тоа е и до некаде транспарентно, на пример доколку одреден државник сака да оствари средба со американскиот претседател Доналд Трамп, за тоа ќе треба да им плати огромна сума пари на политичките пиар-компании што го организираат настанот – вели Пекевски.

Според него, странските политичари во кампањата слабо влијаат врз домашниот електорат, особено на оние што се високообразовани и кои се дел од урбаните средини. Но, од друга страна, тие сепак можат да влијаат врз изборот на гласачите што имаат пониско образование, потесни видици за животот и се од руралните средини.

– Според моето професионално размислување, апсурдна е употребата на странските политичари во домашните кампањи, бидејќи крајниот резултат е многу слаб, што може да се види од нивниот ефект во крајниот резултат од претходните искуства на изборите и референдумот – вели Пекевски.

Ира Бабиќ од маркетинг-агенцијата „Бренд jунион“ вели дека учеството на странските политичари во кампањите и изборите е алката што многу се користи во нашата политика, но таа е, условно кажано, меч со две сечила.

Таа оваа своја констатација ја темели врз нејзината професионална перцепција на политиката и додава дека меѓу нашиот народ има многу луѓе што силно веруваат на странската верификација на нештата, а тоа со сигурност влијае на сите нивни одлуки во животот, па и на гласањето, бидејќи странските политичари се олицетворение на прогрес во земјата.

Но, од друга страна, според Бабиќ, има и такви граѓани во земјата што странските политичари ги доживуваат многу негативно дека тие сакаат да ја уништат и разурнат државата, и кај тие луѓе странците се исто така мотив, но за гласање против таа политичка опција.

– Токму затоа, употребата на странските политичари во кампањите е алатка од која можете и да добиете и да изгубите, односно таа е меч со две сечила – заклучува Бабиќ.

Фото: Игор Бансколиев

[email protected]