Денешното одбележување на сто и триесетгодишнината од првата
докторска дисертација за македонскиот јазик на балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг доаѓа во време кога македонскиот јазик се соочува со отворени напади од бугарските политички и државни институции, со кои се условува напредокот на Македонија кон Европската Унија,
а истовремено се негира и фундаменталниот белег за постоењето на македонската нација. Токму затоа оваа докторска дисертација за македонскиот јазик, до која дојде нашиот весник, претставува само уште еден цврст доказ за самобитноста и постоењето на македонскиот јазик низ вековите, со што, всушност, се побиваат сите неосновани бугарски тврдења

ЕКСКЛУЗИВНИ НАОДИ НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“

На денешен ден, 27 ноември 1890 година, балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг ја одбранил првата докторска дисертација за македонскиот јазик на тогашниот Дерптски универзитет (денес „Тарту“) во Естонија. Младиот студент Леонард Мазинг дошол во Тарту (Дорпат) да студира теологија, но не тргнал по стапките на татка си и не станал свештеник, туку филолог. Имајќи предвид дека неговиот татко Карл Јоханес Мазинг како свештеник служел во Лутеранската (протестантска) црква, името Македонија не им било туѓо или непознато, се разбира од мисијата на апостол Павле во Македонија и христијанизацијата на европскиот континент. Сепак, клучна улога во запознавањето со Македонија, како што Леонард Мазинг пишува во својата докторска дисертација, имале двајца Македонци што Мазинг ги запознал во текот на неговите студии во Лајпциг и во Петроград (Санкт Петербург). Имено, во Лајпциг, во 1886 година се сретнал и извесно време другарувал со велешанецот Иван Ѓоргов, кој го запознал со состојбите во Македонија, јазикот, обичаите, историјата… Во Петроград, пак, го запознал Димитар Топеничаров, кој по потекло бил од Охрид. Од ова можеме да заклучиме дека Мазинг бил фасциниран од Македонија и не само што одбрал да докторира на тема за македонскиот јазик туку напишал и многубројни забелешки од неговите истражувања за историјата и етнологијата на Македонија, ставајќи ги во посебни одредници каде што незаобиколно ги спомнува Македонската Империја, кралевите Каран, Пердика, Филип и Александар… што е сосема природно ако се имаат предвид тогашните околности. Имено, македонската етноисториска целина сѐ уште не беше поделена и административно ѝ припаѓала на Отоманската Империја.

Од тоа произлегува најзначајната оцена на Мазинг, кој во 1890 запишал: „Во денешниве услови кога Македонија не е независен политички субјект, за нас (лингвистите) важат нејзините етноисториски граници за дефиниција на јазикот!“ За време на Илинденското востание, трогнат од колежот и неуспешниот обид за ослободување на Македонија од турскиот јарем, одржал неколку говори на академските вечери посветени на Македонија и македонскиот народ.
Од личната кореспонденција и доживотно пријателство со големиот поддржувач на тезата за засебноста на македонскиот јазик и негов ментор Иван Александрович Бодуен де Куртене можеме да заклучиме дека Мазинг во тоа време имал голем број истомисленици и поддржувачи. Бодуен де
Куртене му бил професор на Крстета Петков Мисирков, а подоцна и негов колега соработник. Со докторската дисертација, како и со другите свои дела Л. Г. Мазинг поставил пат за развој на македонистиката кон крајот на 19 век. Неговите дела привлекле и други автори на кои им била важна научната вистина за Кирилометодиевата писменост, култура и етнолингвистика, додека политиката и пропагандата им била туѓа.

Сто седумдесет и пет години од раѓањето на Мазинг

Леонард Готхилф Мазинг бил роден на 21 ноември 1845 година во селото Мустјала (на островот Езел, денес Саарема) во Естонија и потекнувал од семејство чиј татко бил свештеник во Лутеранската црква. Се школувал во Лајпциг, Гетинген и во Дорпат (Тарту). На 27 ноември 1890 година во Тарту ја одбранил докторската дисертација за засебноста на македонскиот јазик насловена „Јазична оценка за јазикот на македонските Словени и акцентот/рефлексите на ќ и џ“. Особено внимание Мазинг посветил на гласовите ќ/тј и џ/дј во македонскиот јазик, што претставувало најпривлечна тема во славистиката.
Леонард Мазинг работел на Дерптскиот универзитет повеќе од 45 години каде што прво бил доцент, а подоцна и професор на Катедрата за споредбена граматика на словенското наречје. Држел курсеви за споредбено-историски граматики на индоевропските јазици, споредбена граматика на словенските наречја, вовед во славистика, филолошка и славистичка литература, црковнословенскиот јазик, јужнословенската дијалектика, источноевропските јазици итн. Во тоа, секако, спаѓал и интересот за македонскиот јазик и неговата засебност. Починал на 4 април 1936 година во Тарту, Естонија. Погребан е на универзитетската парцела на гробиштата „Ради“, но неговиот гроб не е зачуван бидејќи по немилите настани по Втората светска војна и егзодусот на балтичките Германци настрадале и гробовите и надгробните плочи на починатите.
Со докторската дисертација за македонскиот јазик, Леонард Г. Мазинг се вгради во поновата македонска историја и современото македонско јазикознание/лингвистика, градејќи најголем споменик пред кој можеме да се поклониме со длабок пиетет.
Првата докторска дисертација на Леонард Мазинг е уште една афирмација за македонскиот јазик во светот, а е од особено значење за македонското национално малцинство во Грција и во Бугарија каде што Македонците сѐ уште не ги уживаат правата за културен развој и употреба на својот мајчин македонски јазик.

Изложба за Мазинг

Пред пет години, на 27 ноември 2015 година во Универзитетската библиотека во Тарту беше поставена изложба посветена на Леонард Г. Мазинг, авторот на првата докторска дисертација за македонскиот јазик при што беа одбележани два јубилеја: 170 години од неговото раѓање и 125 години од одбраната на докторската дисертација. Изложбата беше ретроспектива за неговиот живот и дело, со фокус на докторската теза за засебноста на македонскиот јазик, како и неговите сестрани истражувања за географијата, историјата и етнографијата на Македонија. Иницијатор и автор на оваа изложба беше Георги Гоце Дуртаноски, кој оваа архивска граѓа ја истражуваше две години во Државниот архив на Естонија, Универзитетската библиотека, Естонскиот литературен музеј и архивата на Естонската лутеранска црква.


Промовирани плик и поштенска картичка со ликот на Мазинг

Светскиот македонски младински конгрес во Естонскиот поштенски музеј во Тарту, дента на изложбата, промовира и пушти во оптек поштенски плик и картичка со ликот на Леонард Мазинг и со првата докторска дисертација за македонскиот јазик. Издадениот лимитиран тираж картички и пликови беше испратен со датум 27 ноември до македонските организации во дијаспората и катедрите за македонски јазик на универзитетите низ светот. По повод 170 години од раѓањето на Леонард Мазинг специјална серија чоколади со неговиот ликот се најде како дел од изложбата во Тарту. Најпознатата фабрика за чоколади „Лаима“, основана во 1870 година во Рига (Летонија), на почетокот го носела името „Македонија“, до 1925 година кога била преименувана во „Лаима“ – балтичка митолошка божица на честа и судбината.


Кога ќе прашаме за Македонија, на што асоцира името на таа земја

На изложбата во Универзитетската библиотека во Тарту, одржана пред пет години, импресивен беше говорот на проф. д-р Љубов Кисељова, директорката на Колеџот за странски јазици и славистика, која им се обрати на присутните со прашањето „кога ќе прашаме за Македонија, на што асоцира името на таа земја“, на што тие одговорија „на империјата на Александар Македонски!“. Кисељова потоа постави уште едно прашање – „за кој народ зборуваме“, надоврзувајќи се и со одговорот „за тој народ што ја создаде најголемата и најславна империја во светот, која потоа беше освоена и разграбана од Римската и од Византиската Империја, како и со окупациите што потоа ќе следуваат: српската, грчката, бугарската…“

Георги Гоце Дуртаноски

Авторот е член на Летонската христијанска академија – Центар за ракописни студии