Столтенберг со нетрпение ја очекува Македонија во НАТО

112
Столтенберг и Заев

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на својот профил на Твитер денеска напиша дека имал добар телефонски разговор со премиерот Зоран Заев, за да ја реафирмира посветеноста на НАТО за пристапувањето на Македонија.

– Процесот на ратификација е на добар пат и со нетрпение ја очекувам Северна Македонија наскоро да влезе во нашата Алијанса – напиша Столтенберг.

Минатата недела Европскиот совет не успеа да постигне согласност за почеток на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, што беше оценето како историска грешка од дел од светските лидери, а комесарот за проширување Јоханес Хан предупреди на ризикот од дестабилизација на Западен Балкан.

Претседателот Стево Пендаровски вчера изјави дека најдобро би било изборите да се случат по пристапувањето во НАТО затоа што е потребен функционален парламент кој ќе треба да го ратификува пристапувањето откако тоа ќе го сторат сите 29 земји членки на НАТО. Досега протоколот за пристапувањето со потпишаа 24 земји-членки. Остануваат уште пет – Шпанија, Франција, Холандија, Исланд и САД.

На вчерашната лидерска средба беше договорено да се одржат предвремени избори на 12 април, откако земјата не успеа да добие датум за почеток на преговори со ЕУ.