Стоилковски: И да се подели, ВМРО-ДПМНЕ нема да отстапи од зацртаната политика

374

Евентуалната поделеност на ВМРО-ДПМНЕ во неколку пратенички групи нема да се одрази врз спроведувањето на зацртаната партиска политика, рече денеска портпаролот Наум Стоилковски.

Одговорајќи на новинарски прашања застанат пред штабот на СДСМ, Стоилковски не прецизира дали ВМРО-ДПМНЕ размислува да поднесе амандамани на Уставот, но консултациите, истакна, во однос на делувањето на опозицијата се во тек.

-Делувањето на ВМРО како една и како неколку пратенички групи воопшто не прави разлика во однос на што треба да претставува политика на ВМРО-ДПМНЕ, политика на опозицијата на сето ова што и се случува на Република Македонија. Така што дали делувањето ќе биде како една пратеничка група или ќе биде како повеќе пратенички групи зависи од она како анализа колку ќе вроди со плод од делувањето на пратеничката група односно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во повеќе пратенички групи. Но, сепак тоа нема да влијае во насока на она што се вели политика и поставеност на ВМРО-ДПМНЕ, на опозицијата во парламентот, истакна Стоилковски.

Се она што се размислува, што се презема и што ќе се преземе во ВМРО-ДПМНЕ, дополни, е во насока на спречување на, како што рече, оваа капитулантска власт да продолжи со понижување на граѓаните. Во таа насока се и партиските консултации.

На прашањето во врска со Предлог-законот за амнестија за вклучените во настаните на 27 април што ВМРО-ДПМНЕ треба утре да го достави до Собранието, Стоилковски потенцира дека неговото евентуално неподдржување од СДСМ ќе значи потврда дека оваа власт спроведува селективна правда.