Стево Наскоски: Не пропуштајте ја последната шанса да си ја вратиме државата

114
Фото: Зоран Антоски

Во рамките на предизборната кампања за претстојните Парламентарни избори во Кичево престојуваше караванот на Македонски концепт, предводен од носителот на листата во Изборна единица-5 Стево Наскоски и кандидатката за пратеник од ова граѓанска платформа, Лулјета Ајрулаи од Кичево. Тие се сретнаа со членовите на партијата и нивните симпатизери .

За програмските цели на Македонски концепт и за резултатите на партиите на власт остварени во последните три децении зборуваше Стево Наскоски.

– Сите партии продефилираа низ вашиот град, дадоа секакви ветувања, истите владееја со државата последните 30 години и дали ветувањата што ги дадоа и пред последните избори ги исполнија? Нека не ви ја навредуваат интелигенцијата. Ни тогаш ни сега немаат намера да направат нешто добро за вашиот град и за земјата. Доколку им поклоните мандат на некој од досегашните, болницата во Кичево и натаму ќе биде во катастрофална состојба, ќе имате проблем со кучињата скитници, водовод со азбестни цевки и ќе пиете загадена вода – нагласи Наскоски и додаде дека треба да се реши проблемот со иселувањето на младите, невработеноста, инфраструктурата, образованието, и да се решат многу наталожени проблеми создадени последните три децении, за да имаме нормално општество, нормален град и нормална држава, велејќи „не пропуштајте ја последната шанса да си ја вратиме државата и да имаме среќни и богати граѓани“.

Кандидатката за пратеник од Кичево, Лулјета Ајрулаи, во сличен тон се обрати пред членството и симпатизерите.

– Почитувани граѓани вие најдобро знаете со кои проблеми се соочувате и дека сите досегашни влади ништо не направија да се подобри состојбата. На овие избори имате алтернатива и последна шанса да гласате за граѓанска опција, која произлегува од граѓаните и која се залага за интересите на граѓаните – истакна Ајрулаи. З.А.